Имаме можност да се ставиме во кожата на луѓето кои одлучуваат за нас: „Дреновци“ за подготовките, настапот и резултатите од едукативната активност „Имам став!“

Имаме можност да се ставиме во кожата на луѓето кои одлучуваат за нас: „Дреновци“ за подготовките, настапот и резултатите од едукативната активност „Имам став!“

Објавена во: Интервјуа, School zone

На крајот на минатиот месец се одржа завршницата од едукативната активност „Имам став!“, која ја организирана Собранието на Република Северна Македонија. Во финалето за златниот пехар се натреваруваа учениците од „Васил Антевски – Дрен“,„Орце Николов“ и „Јане Сандански од Штип.

Пехарот „дома“ го однесоа учениците од „Јане Сандански“ од Штип, кои оваа година дебатираа на оваа едукативна активност. Второто место им припадна на учениците од „Орце Николов“ од Скопје, а третото на двократните победници – учениците од „Васил Антевски Дрен“.

Токму на оваа тема разговаравме со учениците од „Дрен“, кои најпрво ни одговорија на прашањето дали се разочарани што не успеаја по трет пат да го однесат пехарот во нивното училиште.

„Секако реалноста дека повеќе не сме актуелни победници остана во нашите мисли, но не и разочарувањето и демотивацијата. И покрај поразот и понатаму останавме доследни на она кое што сме и од кое училиште доаѓаме. Искрено и изнендаување беа двете победи по ред кои ни следеа, но тогаш сфативме колку нашата работа и труд беа препознаени и ценети од страна на Парламентарниот институт, како организатори на активноста. Бевме горди на себе и мислевме дека тешкото веќе го поминавме, меѓутоа после двете победи сфативме колку нашата тешка работа дури сега доаѓа. Тоа значи дека ние и наредните генрации не смееме да дозволиме да бидеме неспремни и без аргументи во ниеден момент, за да докажеме и оправдаме зошто сме единствено училиште во Македонија со две победи.“

Професорките Радмила Куцуловска, Лилјана Поповска и Снежана Бриндевска од правниот актив на училиштето, се ментори на учениците од „Дрен“ и секоја година прават селекција, но и ги подготвуваат учениците кои учествуваат во активноста „Имам став!“. Во разговорот со Хаштаг открија по кој принцип ги одбираат учениците кои се дел од оваа активност.

„Радува фактот што кај учениците постои голем интерес за учество во активноста, особено по освоените трофеи. Секој ученик може да се вклучи во активноста и да учествува во подготовката, а за финалниот настап во Собранието мора да направиме селекција, бидејќи според правилата на активноста бројот на учесници е ограничен на околу 30. Учениците се одбрани по принципот да бидат добри говорници кои не се плашат од јавен настап и имаат самодоверба.“

Искуството си го прави своето, но како што ни откриваат учениците од „Дрен“, без добра подготовка ништо не може да се постигне. За Хаштаг, тие откриваат колку време се подготвуваат за овој натпревар.

„Обично целокупните подготовки опфаќаат период од месец и половина до два. Во тие месеци на подготовка имаме онлајн состаноци и тоа најчесто доцна навечер од девет до единаесет часот, во кои дебатираме, аргументираме и истражуваме за да донесеме најефикасно предлог решение. На почетокот се претставуваме како училиште со околу триесет деца кои се наши ученици, а кои сме поделени во три групи. Секоја група има свој известител (кој ја води групата) и го чита решението при настапот, и секоја група решава одреден проблем донесувајќи предлог закон. А, таму оддржувајќи импровизација на „пленарна седница“ и однесувајќи се како пратеници дебатираме и гласаме за предлог законот. За наша голема чест Парламентарниот институт три пати ги препозна нашите квалитетни дебати и ни даде можност три пати да учествуваме во финале против училишта од целата држава и два пати да бидеме на врвот.“

Дека навистина напорно работат додека се подготвуваат за натпреварувањето, потврдија и професорките менторки:

„За секој настап се подготвуваме околу еден месец. Во овој период редовно и интензивно одржуваме состаноци. Со учениците разговараме за правилата на дебатата и за придобивките од истата. Ги подготвуваме како да истражуваат, како да го аргументираат својот став, како да препознаат и разликуваат извори на податоци. Особено внимание се посветува на тимската работа, почитувањето на спротивни ставови и мирно, коректно и аргументирано дебатирање. Работиме и на зголемување на самодовербата на учениците и надминување на стравот од јавен настап.“

Главната цел на оваа активност е да вклучат и младите во донесувањето на новите законски регулативи и да го искажат својот став на одредени теми. Од тука се постави и прашањето учениците сметаат дека преку нивниот став може да влијаат во промените и да се избрите за подобра позиција на младите во нашата држава.

„„Младите се иднината на државата“ е многу често споделувана фраза и реченица при нашите разговори со Прламентарниот иститут и пратениците по оддржување на активноста. Самите пратеници ни имаат кажано дека токму од нас ја гледаат новата подобрена постава на Собранието која ги има афенитетите на аргументирана дебата во која споменува податоци од СЗО, Државен завод за статистика, искуства, изјави и сл. Следствено на тоа ние веруваме во нашиот потенцијал и капацитет дека некогаш некои од нашите ученици ќе ги видиме во пратеничките столчиња. Треба да бидеме претпазливи и да одлучиме кој ќе биде нашиот животен избор за професија. А, да се биде правник и водич на една држава значи многу, а ретко кој умее да успее во истата. Токму од оваа активност учиме многу бидејќи може ние не учиме од најуспешните, но учиме од најискусните во светската политичка историја.“

Ставот на професорите на прашањето дали младите може да влијаат на промените и да се изборат за подобро место во државата е следниот:

„Преку долгогодишното учество во активноста „Имам став“, општ впечаток е дека младите имаат идеи, креативност и голема енергија за промени и обликување на подобар живот. Младите се свесни за релевантните прашања што ги засегаат нив и општеството. Тие имаат голем потенцијал и треба да се вклучат во сите општествени промени.“

Учениците од „Дрен“ ни посочија и кои се придобивките од тоа да се биде член на оваа активност.

„Секој учесник ги толкува придобивките на различен начин. Пред сѐ сме почестени со можноста да го посетиме собранието и да ја видиме една од најубавите и најстарите државни институции, во која секоја просторија си има своја приказна и историјат. Имаме можност да се ставиме во кожата на луѓето кои одлучуваат за нас и да добиеме подобра перцепција за оваа професија. Но, и покрај ова ја имаме и шансата да ги запознаеме дел од пратениците и да поразговараме со нив, да добиеме неколку совети и да нѐ насочат за иднината ако сакаме некогаш да станеме пратеници. Подобрувањето на говорот, дикцијата, аргументирањето, ловењето на аргументи, слушањето внимателно се само дел од придобивките кои секој пат се повеќе се зголемуваат со нашата посета, а и се одразуваат и на аншиот секојдневен живот.“

Како за крај, професорите открија колку ваквите активностите помагаат во процесот на учење и совладување на материјалот кој го поминуваат за време на часовите.

„Придобивките од оваа и сличните активности се големи. Преку користење на дебатата учениците се стекнуваат со одредени вештини. Учат за одредена тема и на тој начин стекнуваат пошироки знаења за истата. Стекнуваат пракса за јавен настап што е значајно како за нивното понатамошно образование, така и нивната професионална кариера. Се учат на тимска работа и стекнуваат вештини на соработка и доверба, како и на толеранција, почитување на туѓото мислење и активно слушање на другиот. И секако најзначајната придобивка е развивањето на критичко размислување.“

И. Мисајловска


Објавена во: Интервјуа, School zone

Можеби ќе ве интересира: