Ќара и возот од стакло (Епизода 3)

Ќара и возот од стакло (Епизода 3)

После толку време нашите патишта со некогашната моја најдобра пријателка повторно ни се прекрстија, но зошто? 

„Тоа е одлично, ќе патуваш на околу, ќе уживаш, баш како што сонуваше“.

„Така некако“.- И се насмевнав.

„Нејсе, да те запознаам со брат ми, Ќара ова е Огнен“.

Го упатувам погледот кон другата сенка која штотуку влезе во кабината и на која сосема заборавив. Висок, со малку развиени раце, бушава кафеава коса, големи кафеави очи, совршен нос и средна големина на уста, вака изгледаше Огнен.  Облечен е во широки шорцеви и долга маица по кратки ракави, на вратот му стојат големи црвени слушалки, а на десното рамо носи голем црн ранец.

„Здраво!“- Му се насмевнувам. „Јас сум Ќара“.

„Огнен. Мило ми е“.

„Епа деца, време е јас да слезам од возов, имајте пријатен пат, до следно видување“.- Старата жена ја напушти кабината, а јас после неа ја затворив вратата. Потоа седнав на своето место и ги ставив слушалките в уши. 

Веќе цел час патувавме заедно, а никој не кажа ни збор. Мојот и погледот на Огнен често се вкрстуваа. Нина пак, беше целосно изгубена во своите мисли. Тишината ја прекина гласот на Огнен, созреан, длабок машки глас.

„Хм, ако продолжиме да си ги вкрстуваме погледите ќе стане многу незгодно и за двајцата“.- констатираше.

Поради музиката не слушнав што кажа, па ја извадив едната слушалка од увото и му се обратив. „Мене ми зборуваш?“

„Да“.

„Епа ништо не слушнав, може да повториш?“

„Не е важно остави“.

„Ако така велиш...“ Пред да ја ставам повторно в уво слушалката и да заминам на некоја далечна планета, неговиот глас ме прекина.

„Каква музика слушаш?“

„Претежно рок, ти?“

„Секаква“.

„Мхм“

„Колку години имаш?“

„Зарем не го знаеш златното правило? Никогаш не прашувај ја жената за нејзините години и нејзината тежина?“

„Па, не ми изгледаш за толку стара, за да се срамиш од своите години“.

„Никој не се срами од своите години, но многу често некои жени кои изгледаат бомбастично не сакаат да ги споделат своите години со јавноста, бидејќи ќе добиат само шокирани лица за возврат. Тоа не е срам, тоа е избегнување на незгодна ситуација“.

„Значи да претпоставам, имаш 30 години и сега не сакаш да ми кажеш бидејќи изгледаш за 24?“

„Е ова сега треба да го сфатам за навреда“.

„Зошто?“

„Бидејќи имам само 18 години, а ти и во двете твои претпоставки ме направи многу постара“.

„Ако ми кажеше порано колку години имаш, моите констатации ќе беа непотребни. Така да, не сум јас крив“.

„Ти, колку години имаш?“

„Зарем не го знаеш сребреното правило? Срамота е да се праша едно толку згодно момче за неговите години. Ова е тотално неприфатливо“.- со ироничен тон ми се потсмеваше.

„Не сум слушнала никаде за сребрено правило, но сепак злато си е злато, а ти го прекрши правилото број еден кај секоја жена“.

„Погоди да видам, колку години имам“.

„Па...хм...18?“

„О, ти благодарам“.

„Зошто?“

„Ме подмлади три години, колку е добро ова чуство“.

„Ти имаш 21 година? Нема шанса“.

„Да ти ја покажам личната карта?“

„Нема потреба“.

Тишина.

„Каде патувате со Нина?“- прашав.

„За неа не знам, а јас, и тоа не го знам. Каде и да ме однесе срцето“.

„Патник без агенда?“

„Да“:

„Што велиш првата дестиација да ти биде волшебната Италија?“

„Хмм, мислам дека многу ми се допаѓа таа идеја“.

„А што мислиш за идејата да имаш партнер на твоето патување?“

„Епа, зависи кој ќе ми биде партнер“.

„Познавам една Ќара, нема агенда, нема идеја, нема цел, сè што знае е дека сака да шета секаде. Што мислиш за неа?“

„Дали е комуникативна и расположена за авантура?“

„Апсолутно да“.

„Па мене ми одговара“.

„Значи заедно патуваме?“

„Да, партнер“.

„Партнер, прва станица ни е Италија“.

„Одиме кон целта партнер!“.

Можеби ќе ве интересира: