На 25 октомври премиерна изведба на „Парадоксот на Диоген“ во МКЦ
Младинскиот културен центар ја продолжува сезоната на есенски настани на 25 октомври, со изведба на претставата „Парадоксот на Диоген“, во режија на младите Јована Зајкова и Бобан Русески. Претставата ќе биде придружена со танцувачка кореографија на креативниот колектив „X Squared“, како и претставници на Скопскиот танцов театар и училишниот центар „Илија Николовски – Луј“.
Премиерното издание на претставата „Парадоксот на Диоген“ во Скопје е закажано за 25 октомври во 20:00 часот, во просториите на „Кино Фросина“ во МКЦ.
Се работи за модерна преработка на истоимената драма од Томе Арсовски, која поставува широки и тешки морални прашања за општеството во кое живееме. Како кореографи на танцовата кореографија се запишани младите Јована Зајкова и Бобан Русески, кои се основачи и членови на креативниот колектив „X Squared“. Музиката за претставата е дело на познатиот македонски режисер Тодор Скаловски.
„Диоген шетал по земјата во потрага по човек. Во оваа претстава ние го бараме помеѓу вас. Сета моќ е ваша! Ни требате будни и присутни! Ние не се плашиме да го кажеме она што го мислиме и гледаме и притоа да бидеме искрени и со отворено срце. Нашата сцена ќе биде судницата, а вие ќе бидете нашите судии!“, порачуваат од „X Squared“.
Како танчери, покрај Јована и Бобан, се појавуваат уште и Дејан Битровски и Анастасија Данчевска од Скопскиот танцов театар, како и Илина Костовска и Јана Трајковска од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Гласовите во претставата ги позајмуваат Христијан Поп-Симонов и Марија Талеска. Претставата е поддржана од фестивалот “Цело е кога се има 30” и "Театар Чин 4 сцена 5", Прилеп.
Изведбата на претставата „Парадоксот на Диоген“ ќе се одржи согласно сите здравствени протоколи, што значи дека носењето на маска ќе биде задолжително. Картите се веќе пуштени во продажба и можат да се најдат во Рок бар „Гарсон“ (спроти Просветно дело, во близина на гимназија Јосип Броз), по цена од 200 денари.