„Најтешкото допрва ни доаѓа“: Илија Стојановски за влијанието на коронавирусот на пливањето како спорт

„Најтешкото допрва ни доаѓа“: Илија Стојановски за влијанието на коронавирусот на пливањето како спорт

Илија Стојановски е поранешен пливач, кој во пливањето и пливачките спортови е вкупно 27 години. Својата кариера најпрво ја започнува како пливач, потоа неколку години игра ватерполо, а на крајот се посветува на маратонското пливање.

Денес тој е потпретседател на Националната пливачка федерација, одговорен за „Далечинското пливање“. Илија може да се пофали и со 17 – годишното исксутво како тренер, а земајќи ја неговата биографија тој е идеалниот соговорник за тоа како пандемијата на коронавирус влијае на пливањето како спорт.

За Хаштаг ги посочи на сите негативни страни произлезени од целата ситуација, но исто така откри и колку време ќе им биде потребно на пливачите за да се вратат во форма.

# Пандемијата си го направи своето, сите тренинзи беа веднаш откажани. Кој е твојот став, како сево ова влијаеше на младите спортисти?

Да, ние пред точно 3 месеци престанавме со работа односно последниот тренинг на базен ни беше на 10.03.2020 со што бевме првата држава која забрани тренинзи на базен. Во тој период кога во цела Европа имаше многу поголем број на заразени скоро сите држави им овозможија на своите пливачи да продолжат да пливаат.

Исто така мисламдека сето ова делуваше разочарувачки не само кај пливачите, туку и кај нас тренерите, практично во март секоја година ни започнува натпрварувачката сезона и борбата за исполнување на норми за настап на големите спортски натпреварувања. Оваа година беше Олимписка и богата со доста митинзи и натпревари, како и Европското и Европското Младиско Првенство, како и самата Олимпијада во Токио кои сите на крајот беа откажани.

# Еден пропуштен тренинг може да чини многу, а да не зборуваме за неколкумесечната пауза. Колку време е потребно за еден професионален пливач да се врати во форма?

Секако по една тримесечна пауза практично како да почнуваме од почеток и искрено се надевам дека барем уште толку време ќе ни треба да се вратиме во оптимален тренажен процес за потоа да почнеме да градиме некоја си натпреварувачка форма со првите натпревари. Доброто во оваа цела ситуација е што се  одложија и многу други пливачки натпревари, така што сега пливачите ќе имаат период кој ќе го искористат за подготовки без претходно да бидат оптоварени со резултат на големи натпреварувања

# Имаш ли веќе смислено стратегија како побрзо да влијаеш на мотивацијата на твоите ученици, сега откако го најавија отворањето на базените?

Мислам дека мотивацијата на самите пливачи во овој момент е доста висока и со нетрпение чекаат пак да влезат во базените, така да стретегија ќе ни треба по првиот месец кога полека, но сигурно ќе почнува вистинската макотрпна работа. Сето тоа ќе оди полека без брзање за да не дојде до повреда на некој од пливачите.

# Дали за време на периодот во кој тренинзите беа откажани комуницираше со децата и дали им дававте насоки за како да ја одржуваат кондицијата од дома?

Нормално бев во секојдневна комуникација со нив, имаме своја група на социјалните мрежи каде секојдневно им испраќав тренинзи со вежби за одржување на каква таква форма, бидејќи пливањето во базен со ништо не може да се замени.

# Како клубот се избори со оваа ситуација? Дали можеби сево ова имаше негативен ефект врз него?

Секако дека имаше негативен ефект практично 3 месеци сме без работа и ќе ни треба уште толку време да се привикнеме со ново настаната работа и протоколи на кој мораме да се прилагодиме и повторно да работиме. Мислам дека најтешкото тек допрва ни доаѓа. Едно е сигурно светот по оваа криза нема да биде ист.

# Што е она што тебе лично ти беше најтешко за време на изолацијата?

Спортистите по природа се оптимисти, па така и јас секогаш ги гледам позитивните работи кои ми се случија изминативе 3 месеци. Последниве месеци целокупното време го поминував со мојата сопруга и моите две деца, со кои минатите години немав можност да минувам толку време колку што посакував со нив, поради тренинзите и натпреварувањата на кои често одев. Исто така се обидов и во кулинарството и искрено научив да готвам многу вкусни јадења.

# Настрана сево ова,кој е најголемиот успех на твоите ученици на кој си особено горд?

Навистина е неблагодарно да се издвојат само неколку, горд сум на сите мои пливачи и на сите нивни успеси и срушени национални рекорди.

# За крај, кој е твојот совет до сите млади деца кои се двоумат да го одберат пливањето како свој спорт?

Пливањето е еден од трите базични спортови, покрај атлетиката и гимнастиката. Исто така е еден од најмасовните во светот. Пливањето влијае на целокупниот развој на човечкиот организам, пред се кардио васкуларен систем , влијае на развој на белодробниот систем, како и врз целокупната мускулатура на човековото тело.

Ивана Мисајловска


Можеби ќе ве интересира: