Ограничете ја секоја интеракција со милениците: Препораки од Ветеринарната комора
Имајки го во предвид местото и улогата на ветеринарно-здравствената професија, како неодвоив и интегрален сегмент на севкупното здравство, во моментов исправени пред голем предизвик на ширење на болест од пандемични размери, со цел професионално и општествено одговорно однесување на своите членови, Ветеринарната комора на РСМ изготви соодветни Препораки, кои можете да ги прочитате во продолжение на овој текст.
ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ ЗА COVID-19
Новото вирусно заболување кое предизвикува пнеумонија кај луѓето, а е познато како „COVID-19“ ( Coronavirus Disease 2019), веќе повеќе време е присутно во светот и во нашата држава. Вирусот што ја предизвикува болеста се нарекува SARS-Cov-2. Болеста се карактеризира со следниве клинички знаци кај луѓето: треска, малаксаност, замор, останување без здив, кашлица и во тешки случаи, тешкотии во дишењето. Околу 80% од заразените манифестираат лесна болест.
И покрај присуството на новиот вирус, ова не е момент за паника, туку момент за претпазливост. Од најголема важност е да се следат препораките и советите на експертите и како сигурен извор на информации да се користат соодветните државни институции: Владата на Република С.Македонија, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи, АХВ, но и меѓународните релевантни организации како Светската здравствена организација (WHO) и Светска организација за здравје на животните (OIE).
Бидејќи досега не е познато дека COVID-19 се пренесува од животни на луѓе, гореспоменатите меѓународни организации не издадоа конкретни упатства за работа на ветеринарните организации, но издадоа препораки за секојдневното работење на докторите по ветеринарна медицина.
Според OIE, сегашното ширење на „ COVID-19 “ е резултат на интерхумано пренесување( од човек на човек ) и до денес нема докази дека домашните животни ( продуктивни и животни за придружба) можат да ја шират болеста. Затоа, не постои оправдување во преземањето мерки против домашните животни, кои пак мерки можат да ја загрозат нивниот благосостојба. Тековните докази сугерираат дека „COVID-19“ има животинско потекло, но ова сеуште останува да се докаже. Докторите по ветеринарна медицина треба да продолжат да ги преземаат вообичаените мерки на претпазливост при ракување со животни и производи од животинско потекло, во согласност со протоколите за добра хигиенска и ветеринарна пракса.
На 1 март 2020 год. беше објавено дека едно куче од расата Померанец во Хонг Конг е тестирано позитивно за „ COVID-19 “ и натамошното тестирање, вклучително и секвенционирање на гени, сугерирало дека кучето има ниско ниво на инфекција и дека ова најверојатно ќе биде случај на пренесување на вирусот од типот „ човек- животно“. Кучето не покажало клинички знаци на болеста. Исто така, спроведен е тест на крвта кој бил негативен, што укажува дека во оваа фаза немало мерливи количини на антитела во крвта. Ова не ја исклучува инфекцијата. Кучето сè уште е под карантин во очекување на понатамошен тест на крвта. OIE наведува дека „нема докази дека кучињата играат улога во ширењето на оваа болест кај човекот, или дека се разболуваат“.
Иако постои неизвесност во врска со потеклото на вирусот SARS-Cov-2, во согласност со советите што ги нуди СЗО, како општа претпазливост, при посета на пазари за живи животни, пазари на риби или пазари на производи од животинско потекло, треба да се применат општи мерки за хигиена кои вклучуваат (се однесува на препораки на светско ниво):
- редовно миење на рацете со сапун и питка вода после допирање на животни и производи од животинско потекло,
- избегнување на допирање на очите, носот или устата
- избегнување контакт со болни животни или расипани животински производи
- треба да се избегне секој контакт со други животни што веројатно живеат на пазарот (на пример, скитници мачки и кучиња, глодари, птици, лилјаци).
- треба да се преземат мерки на претпазливост за да се избегне контакт со животински отпад или течности на почвата или површините на продавниците и пазарните капацитети.
Од општите препораки кои ги издаде Светската Здравствена Организација и соодветните државни тела, треба да се почитува следното:
Упатство за општата и професионална јавност
- Неопходно е да се одржат високи хигиенски стандарди, што значи, пред сè, темелно миење на рацете, а исто така и дезинфекција на рацете со соодветно вируцидно средство за таа намена.
- Се препорачува редовна вентилација на просториите, неколку пати на ден за 5- 10 минути.
- Иако нема докази дека COVID-19 се пренесува со храна, сепак се препорачува внимателно ракување со сурово месо, млеко и органи на животни. Храната што ја јадеме сурова (овошје и зеленчук) темелно да се мие.
- Покријте ја устата и носот додека кашлате или кивате со лактот.
- Избегнувајте поблизок контакт со лица кои покажуваат знаци на респираторна инфекција (препорачаната оддалеченост е најмалку 1,5 m).
- Да се избегнуваат сите патувања кои не се неопходни.
- Ако постои сомнеж за инфекција кај вас, задолжително е да се јавите на телефоните дадени од страна на Министерството за здравство
Со цел заштита на здравјето на лицата вработени во ветеринарно –здравствениот сектор и нивните клиенти, а имајки ја во предвид актуелната епидемиолошка ситуација во државата со ширењето на вирусот COVID-19, Ветеринарната комора на РС Македонија ги донесе следните :
ПРЕПОРАКИ
за работа на ветеринарно-здравствената служба во време на пандемија
Докторите по ветеринарна медицина се должни тековно да ги следат сите нови упатства од соодветните државни институции и постојано да вршат процена на ризикот за сопствената состојба и изложеност, имајќи ги во предвид најновите информации од надлежните тела и врз основа на тоа да го прилагодуваат своето работење, делувајќи пред се во заштита на сопственото и здравјето на клиентите.
А. РАБОТА ВО ТЕРЕНСКИ УСЛОВИ
- да се применуваат сите општи препораки од Светската здравствена организација (СЗО)во текот на вашето работење во услови на пандемија со висококонтагиозен и високопатоген инфективен агенс.
- ограничување на работното време на ветеринарните друштва
- да се извршуваат само итно потребни и неопходни ветеринарни интервенции, доколку е можно по претходно известување по телефон. (За таквиот режим благовремено да се известат странките)
- да се обезбеди 24-часовна достапност (приправност) за итен повик, организирано од самите ветеринарни друштва, или во неможност, во договор со соседните ветеринарни друштва,
- откажување , или одложување на сите интервенции, кои не се од суштинска важност и немаат непосредна опасност по животот на самото животно, или не се наложени со други законски и подзаконски акти ( упатства, тековни наредби, решенија и годишни наредби),
* Во случај на интервенција во одгледувалишта (само во итни случаи), чии сопственици/држатели се во самоизолација, или со потврден случај на Covid-19: да се направи план за постапување, имајки го во предвид следново:
- да се ограничи секоја интеракција со сопствениците и да се управува со ризиците поврзани со контаминација на животната средина (на пр.можност за контаминација со вирусот на крзното, или кожата на животните и сл.),
- ова може да вклучува и: барање од сопствениците да номинираат пријател / член на семејство, надвор од нивниот дом за да го придружува животното во текот на вашето интервенирање..
- имајќи ги во предвид високите етички стандарди на ветеринарно-здравствената професија во случај доктор по ветеринарна медицина од блиско ветеринарно друштво биде жртва на инфекција со вирусот COVID-19, и во услови на боледување не може да ги извршува своите обврски, морално и етички е да се помогне на соодветен начин на колегата кој моментално е одсутен од теренот. Во таа смисла препорачливо е давање на услуга на одгледувалиштата кои се под негова надлежност во ситуации на итна помош.
Б. РАБОТА ВО АМБУЛАНТНИ УСЛОВИ
- да се применуваат сите општи препораки од Светската здравствена организација во текот на вашето работење во услови на пандемија со висококонтагиозен и високопатоген инфективен агенс.
- да се ограничи работното време на ветеринарните друштва.
- да се минимизираат сите непосредни контакти со клиентите и сите можни консултации да се прават телефонски ,или на друг начин, преку електронска комуникација.
- ако е потребно да се изврши амбулантски преглед, истиот претходно да биде најавен, не најавен пациент да не се прифаќа, освен во итни ситуации и состојби.
- во амблантите заедно со пациентот да влегува само едно лице што го придружува животното,
- да се одржува растојание со странките од најмалку 1,5m,
- да се извршуваат само итно потребни интервенции и откажување, или одложување на сите процедури кои не се од суштинска важност и немаат непосредна опасност по животот на самото животно,
- во итни случаи амбулантата претходно мора да биде информирана пред пристигнувањето на пациентот,
- да се предупредат сите сопственици на домашни миленичиња да не ги носат животните на рутински третман, или консултација, ако некој во нивното семејство се самоизолирал поради сомневање на Covid-19 или има потврден случај на Covid-19,
- да се направи план за справување со ситуација кога имате случај за прием на пациент чии сопственици се во самоизолација, или се со потврден здравствен статус –инфицирани со вирус на Covid-19,водејки сметка за следново:
- да се ограничи секоја интеракција со сопствениците и да се управува со ризиците поврзани со загадување на животната средина (на пр.можност за контаминација на крзното и кожата на животните),
- ова може да вклучува и: барање од сопствениците да номинираат пријател / член на семејство надвор од нивниот дом за да го донесат животното во ваша амбуланта (не планирајте да извршите посети дома, кога не е безбедно да го сторите тоа);
- за оние што имаат можност во амбулантите, може да се одреди посебен простор во објектот за домашните миленици кои потекнуваат од дом во кој има самоизолирани, или потврдени лица инфицирани со Covid-19,
- клиентите се должни да ги следадат упатствата дадени од персоналот во врска со постапките и мерките за биосигурност при посетата на амбулантите, клиниките или болниците,истите да бидат поставени на видливо место пред влезот на амбулантата.
При изготвувањето на овие Препораки користени се материјали и информации од следните меѓународни организации :
- OIE ( World organization for animal helth)-“Questions and Answers on the 2019 Coronavirus Disease (COVID-19)”
- WHO ( World health organization),
- WSAVA ( World small animal veterinary association)- “The New Coronavirus and Companion Animals-Advice for WSAVA Members”,
- BWA (British Veterinary Association)