За мојата прва декорација ми беа потребни 2 часа, иако не беше нешто комплицирано: Интервју со 19-годишната слаткарка Македонка Паланкова од Струмица
Секој еден човек има различно хоби, кое понекогаш му станува идна професија. Одличен доказ за тоа е 19-годишната Македонка Паланкова, која своето хоби го претворила во професија. Имено таа се занимава со слаткарство, односно со подготовка и декорирање на торти и колачи.
Македонка оваа година завршила средно училиште во својот роден град Струмица, а за Хаштаг откри кога и од кој ѝ се родила желбата за да навлезе во светот на слаткарството, кои декорации ѝ се омилени, но и колку е тешко да се декорира една торта.
# Кога ти се роди желбата за да станеш дел од слаткарството?
Желбата да станам дел од слаткарството ми се роди пред околу 2 години, па од само правење и декорирање на торти и различни видови на десерти за моите најблиски, прерасна во едно слатко задоволство кое ме исполнува.
# Колку време ти беше потребно за првата декорација?
За мојата прва декорација ми беше потребно околу 2 часа работење иако не беше нешто комплицирано, но сепак брзината се постигнува со текот на работата.
# Дали некој од твоето семејство работи нешто поврзано со слаткарство? Дали тие ти ја пренесоа љубовта кон оваа професија?
Од моето пошироко семејство тетка ми исто така се занимава со слаткарство, па верувам дека љубовта кон тортите и десертите ја добив од неа и нејзиното искуство.
# Која е најтешката декорација која ја имаш изработено откако почна да се занимаваш со ова?
Не можам да издвојам некоја како најтешка декорација досега, затоа што секоја декорација е специфична сама по себа и бара посебна посветеност и целосно внимание.
# Дали твоите пријатели и роднини сега ти порачуваат торти и други десерти?
Да, се разбира. Со текот на времето кругот на потрошувачи сѐ повеќе и повеќе се зголемува. Кога си задоволен со тоа што го правиш и луѓето околу тебе го чувствуваат тоа.
# Какви декорации најмногу сакаш да правиш?
Едни од декорациите кои што најмногу сакам да ги правам се детските торти, оние со различни фигури изработени од фондан, шарени бои, сѐ со цел на крај да се добие искрена насмевка од моите потрошувачи.
# Имаш ли омилен слаткар, некој на кој му се воодушевуваш и зошто?
Слаткар кому му се воодушевувам, а понекогаш црпам и инспирација од него е светски познатиот слаткар Buddy Valastro уште познат и како Кралот на тортите.
# Каде се гледаш за 10 години? Дали ова е професијата со која би сакала да се занимаваш?
Не сакам многу да откривам во однос со моите планови за иднина, но една од моите желби е професионално да се занимавам со слаткарство и сѐ повеќе и повеќе вложувам во работата и размислувам за некои иновации.
И. Мисајловска