За предизвиците на студиите по медицина и перспективите во Македонија со Леонид Караџинов, Алексеј Ландсберг и Јан Марошевиќ - Марковски: Исправени пред дилемата за својата иднина - тука или пак во странство!?
Кога е медицината во прашање, таа има и друго име - уметност на лекувањето. Ништо не е случајно, така и називот. Една од причините за него е и благородноста и великодушноста (несебичноста) и хуманоста (човечноста)..., својствени за медицинарите, меѓу нив и лекарите. Социјалната интелигенција е особено важна, правопропорционално со емпатијата и секако, знаењето. Студиите по медицина, и поради тежината и заради обемноста и на трудот и на севкупниот материјал, изискуваат целосна посветеност и неизбежно, чести одрекувања. Но, љубовта е доминантна. Оттаму и потребата за добро менаџирање со времето за пречките да се совладаат лесно, а така да се надвладеат и тешкотиите.
Учебна година на студентите, која полека се навршува кон крајот, нѐ инспирира (меѓу другото) да разговараме со тројца медицинари, одлични студенти на медицина, кои се некаде на крајот на студиите и покрај тоа што наобразбата е долготрајна, од стажирање до специјализација итн., а помеѓу и работа: Леонид Караџинов (6-та), Алексеј Ландсберг (5-та) и Јан Марошевиќ - Марковски (исто така 5-та година). Во услови на општ егзодус на мозоци, животното прашање дали по нивното завршување ќе останат во Македонија или ќе заминат во странство е отворено и болно, а причината е добро позната - лекарите не се ни доволно заштитени ни доволно платени ни доволно почитувани, а дотогаш ќе се препуштат на предизвиците на студирањето на Медицинскиот факултет при УКИМ, но и на студентскиот живот, неговите денови за кои ќе се согласиме сите дека се најубави, полни со возбуда. Исто како и анегдотите за медицинарите. Дали знаете што забележува прво студентот на медицина кога на плажа ќе помине згодна девојка? Неговиот и одговорите на останатите прашања се подолу, во продолжение.
# На почетокот на разговорот, што ве мотивира да се запишете на Медицинскиот факултет при УКИМ и секако, зошто ја избравте медицината за лична определба, т.е. професија? Со што ве привлече таа? Родителите влијаеја на одлуката?
Л. К.: Мотивацијата е повеќекратна. Родителите сигурно ми влијаеја со тоа што имав голема експонираност во медицината, речиси цел живот, па тоа ми овозможи колку-толку свесно да знам што би ме очекувало и кои се предностите/недостатоците на професијата лекар. Покај тоа, во основно и средно имав одредени амбиции за електротехника или компјутерски науки, но сепак чувството кое се добива кога пациент доаѓа на преглед со проблем, да се биде „детектив“ за откривање и лекување на истиот е и возбудливо и ризично и вистински предизвик, што беше пресудно за мене во одлуката.
А. Л.: Љубовта кон медицината ја поседувам уште како дете, иако не се замислував како некој што професионално би се занимавал со неа, повеќе ја гледав како хоби, нешто за кое сакам да читам, истражувам. Со текот на времето, заинтересираноста и љубовта кон медицината постојано растеше за во одреден период да прерасне во повик за идната професија. Иако во средношколските денови се двоумев околу изборот на идната професија, денес не би можел да се замислам да студирам нешто друго, различно од медицина.
Ј.М.М.: Хуманоста, динамиката на работата и секојдневниот контакт со пациентите беа едни од пресудните фактори поради кои се одлучив да ги надградувам моите знаења во областа на медицината, започнувајќи со студиите на Медицинскиот факултет. Медицината како наука отсекогаш ме привлекувала на некој чуден начин, чуствував стравопочит кон неа, меѓутоа и восхит кон нејзините учители и ученици, докторите. Токму затоа, во моментот кога ја добив шансата да се запишам на факултетот, веднаш и несомнено се впуштив во мистериозните води на оваа област, па своеглаво си го посветив животот на медицината.
# Кои се предизвиците на студиите по медицина - најголемите? Кога се уверивте дека го направивте вистинскиот, правиот избор за себе? А, тешкотиите со кои се среќавате - какви се? Или, како што се вели, сѐ е под контрола?
Л. К.: Предизвици има цело време, од секој агол. Меѓу најмачните се административните обврски со чекање на редици за запишување на факултет, заверување и упис на семестри, носење на пријави за испити, носење на индекси за потписи и оцени. Секако, ова е мала шега. За среќа, имаме координатори кои многу ни помагаат во тој аспект. Други мали потешкотии се да се најдат асистентите за вежби во лавиринтите на клиниките кои, искрено, сѐ уште ги немам сите наученокаде се наоѓаат, а можам да замислам како им е на пациентите кога ќе влезат во клиничкиот центар.
А. Л.: Како студенти секојдневно се среќаваме со голем број на предизвици, но секој предизвик со кој се сретнуваме ни овозможува да напредуваме. Уште на почетокот знаев дека медицината е вистинскиот избор за мене, но сепак до таков заклучок дојдов во моментот когазапочнавме да ги изучуваме клиничките предмети, а во исто време и за првпат стапивме во контакт со пациентите. Искрено, тешкотиите (пред сѐ мислам на административните постапки) не ги чувствувам бидејќи со текот на времето се навикнав на нив, гледајќи ги како составен дел на студирањето.
Ј.М.М.: Најголемите предизвици со кои се соочува секој студент на медицина, покрај учењето, е одржувањето на деликатниот баланс меѓу студиите, социјалниот, љубовниот и спортскиот живот. Учењето несомнено го зафаќа најголемиот дел од мојот ден, но сепак една од најважните цели во овие шест години е да го одржам горенаведениот баланс. Дружбата со пријателите, девојката, спортувањето се тие што секојдневно ми даваат мотивација да продолжам со учењето и уште повеќе да се посветам на медицината. Тие се круцијалниот фактор за психичкото здравје на студентите. Токму затоа, ваквиот time management ги издвојува одличните студентите од многу добрите. Уште од самиот момент кога го купив првиот атлас по анатомија, ентузијазмот и заинтересираноста за истиот несомнено ме насочија кон еден заклучок - сигурен сум дека го направив правиот чекор.
# Која година (досега) ви беше најтешка, искуствено? Кој предмет? Анатомија или..? Генерално, придавката се врзува со петта година. Леонид? Битен Ви е просекот?
Л. К.: За мене, најтешка со тежина на материјалот- трета, а со обемност на истиот - петта. За предмет ќе го ставам патологија. Секако, просекот е многу важен бидејќи, покрај морална сатисфакција нели, ни служи како влез за вработување и академски звања како што се асистент, доцент и професор.
A. Л.: Секоја година носи со себе разни потешкотии, но јас би ја издвоил прва година, не поради тежината на материјалот и предметите туку зарадицелосно новото опкружување на кое е потребносекој студент најпрвин да се привикне, а тука е и целосно новата терминологија која на почетокот изгледа како нешто недостижно. Сепак, со текот на времето, работите се разјаснуваат и се разбира - стануваат поинтересни.
Ј.М.М.: Лично, просекот не ми значи толку многу, најбитно ми е од секој испит да го запомнам тоа што најмногу ќе ми служи понатаму на професионално поле и секако, да ги дадам сите испити навреме. Најтешка година, хм-м, би кажал трета бидејќи целиот труд кој го вложив во првите две години „висеше на конец“ токму поради условите кои требаше да ги исполнам за да можам да ги запишам клиничките предмети. Најтежок предмет на кој се вложив максимално и, што се вели, „си ги искинав живците“ е делот од анатомијата,кој го изучува централниот нервен систем и, малку да се насмееме, се сеќавам дека цела вечер пред испитот останав без сон бидејќи имав кошмари како ме бркаат мозоците на Институтот за анатомија.
# А, како се справувате со стресот, психичката напнатост? Освен што изискуваат одрекување од многу работи, студиите по медицина се и поприлично тешки. Кој е најстресниот дел од студирањето? Подготовките на испитите, вежбите по патологија, на човечко тело..?
Л. К.: Честите колоквиумски недели нѐ притискаат да учиме без здив, а обемните испитни сесии се најстресниот дел од студирањето и главните крадци на нашето време, но без нив ќе се натрупа премногу материјал и ќе биде значително потешко да се научи (но, не толку и да се положи). Не може да не се напомене и доброто дружење помеѓу овие колоквиуми и испити, кое е составен дел од животот на студентот и кое нѐ релаксира. Искрено, вежбите се најинтересниот дел од студирањето на факултетот каде што се осеќаме како лекари.
А. Л.: Стресот повеќе го чувствував на почетокот на студиите, најприсутен е пред самиот испит. Сметам дека една од најважните работи на кои студентите уште на самиот почеток треба да се осврнат е начинот на кој најлесно би се ослободиле од него бидејќи има огромен удел во постигнувањетона подобри резултати и што е уште поважно, на здравјето. Секако, стресот не може да се отстрани целосно, треба да се доведе до некоја минимална граница. Мене, лично, најмногу ми помага спортувањето.
Ј.М.М.: Најстресниот дел од студирањето се деновите кои им претходат на испитите. Колку и да сме сигурни во сопственото знаење, секогаш постои доза сомнеж. Како се справувам со стресот? Дружбата со другарите, девојката и нејзината антистрес пудличка се единствениот начин да си го одморам мозокот и да не мислам на испитите.
# Каков е односот на професорите, асистентите кон вас - студентите? Како се поставуваат? Несомнено, авторитетот е особено важен, исто како и почитта - колегијалната?
Л. К.: Сум го сретнал целиот спектар на односи, од двете крајности, па и сѐ измеѓу. Најпријатно е кога професорот или асистентот е посветен да те научи нешто, без разлика дали се поставува авторитативно или пријателски или поинаку.
А. Л.: Искуствата со професорите и асистентите се најразлични, поголемиот дел од нив се целосно посветени на работата и се трудат да ни го пренесат своето знаење на нас, студентите. Авторитетот е присутен, се разбира. Но мислам дека односот генерално е коректен.
Ј.М.М.: Во текот на студирањето се запознаваме со огромен број на професори, а со тоа и со многу различни карактери. На некој начин, тоа е еден вид неформален, животен испит. Неговото положување е детерминирано со совладување на меките вештини кои понатаму ќе нé направат не само квалитетен кадар туку и зрели индивидуи. На некој начин нѐ учи на фундаментална вештина која е неопходна во нашата професија, а воедно и во животот.
# Можете да издвоите некој/и професор(и), асистент(и) со интересен, занимлив пристап кон предавањата, вежбите? На пример, во што се состои атрактивноста и на пристапот и на предавањата, вежбите? Прашањето е неблагодарно - знам, но вреди да се спомене.
Л. К.: Додека предавањата беа со физичко присуство, скоро од секоја катедра имам професори и асистенти кои ми оставиле особен впечаток со ентузијазмот во предавањата, константното поставување на прашања за да нѐ инволвираат и да ни го задржат вниманието и секако, правењето на аналогии на процесите во човечкото тело и болестите со секојдневни пластични примери. Од асистентите на вежби, оние што ми имаат пружено прилика сам да пробам или да асистирам, да завршам некоја задача, секогаш ќе ги паметам и почитувам, а не смеам да не ги споменам и онлајн вежбите по инфектологија, неврологија и дерматовенерологија во кои асистентите многу се трудеа да ни креираат сценарија за да вежбаме како да сме на вистински вежби.
А. Л.: Можам да кажам дека од секоја катедра се издвојуваат и професори и асистенти полни со ентузијазам, кои максимално се трудат да ни го пренесат своето знаење. Наполно се согласувам со мислењето на Ајнштајн според кој оној што навистина го познава материјалот, знае да го објасни и на шестгодишно дете.
Ј.М.М.: Најубав впечаток ми оставиле професорите кои знаат како да го пренесат своето знаење квалитетно. Тие воедно се и професори кои најчесто се поставуваат пријателски кон нас, меѓутоа секогаш знаат да ја зачуваат почитта која треба да постои помеѓу студентот и професорот. Посебно би ги издвоил професорката Јасмина Плунцевиќ и професорот Маријан Бошевски, кои, покрај знаењето што несебично ни го пренесоа во пријатна и пријателска атмосфера, ми дадоа можност да го проучам и научно-истражувачкиот аспект од медицината и да се заљубам во него. Од асистентите би го издвоил Хајбер Таравари од Клиниката за кардиологија, со кого вежбите по кардиологија секогаш ќе ми останат при срце, се чувствувавме како дел од тимот, како да сме вработени на самата клиника, па на крајот се шегувавме дека само уште плата ни фали да земеме.
# Како го поминавте ковидот, вирусната пандемија? Скоро две години функциониравте онлајн. Мислам на вежбите, особено. Многу пропуштивте? Го надоместивте изгубеното?
Л. К.: Сега кога се присеќавам, имаше доста страв, неизвесност и фрустрација поради губењето на пракса која ни е најважна. Секако дека се пропушти доста, но имаше и позитивен ефект на тоа што се направи преструктурирање на групите во четврта и петта година за на клиничката пракса да се присуствува во помал број, со што вежбите беа поефективни отпорано кога имало по десет-дванаесет студенти во група.
А. Л.: Како и за сѐ останато, така и за нас, студентите - пандемијата имаше негативно влијание и на образованието, посебно за нас, кои студираме медицина, бидејќи познавањето на практичната примена на знаењето е подеднакво важна како и теоретската, ако не и поважна. Пандемијата ни го оневозможи одржувањето на голем дел од вежбите, но сепак професорите и асистентите се трудеа, колку што можеа, изгубеното да го надополнат и онлајн.
Ј.М.М.: Тоа беше тежок период за сите нас. Мислам дека нашиот факултет се организираше добро и навремено, а недостатоците од физичкото одржување на вежбите ги сведе на минимум. По враќањето на нормалното секојдневно функционирање, изминатава година,ние студентите, заедно сопрофесорите се вложивме малку повеќе за да го надокнадиме тоа што сме го пропуштиле и, според мене, успеавме.
# Генерално, дали вежбите на Медицинскиот факултет - наставните единици за добивање на практично умеење, вештина по теориско пренесеното, усвоеното знаење - се доволни? Што мислите, потребна е поголема застапеност на практикумот?
Л. К.: Теоретски, вежбите на факултетот се одлично конципирани. Така и се изведуваат до крајот на трета година. Потоа, од четврта, во практика се различни.
А. Л.: Практичната настава е од големо значење, особено за клиничките предмети, бидејќи таа овозможува да добиеме реален приказ, слика на теоријата. Мислам дека застапеноста на вежбите во однос на теоријата е добра, но би било убаво да се поприсутни.
Ј.М.М.: Моментално, на нашиот факултет, односот помеѓу теоријата и вежбите е добро избалансиран. Студентите кои дополнително сакаат да се усовршат во одделни гранки надвор од курикулумот ја имаат таа можност. Повеќето асистенти, особено од клиничките предмети, се отворени и за дополнителни практични вежби надвор од програмата.
# Наголемо се говори за недостатоците на образовниот систем во Македонија. Ги забележувате, ги чувствувате? Што би смениле, на пример? Од ваше гледиште, како студенти на медицина.
Л. К.: Не би си дозволил да сугерирам било што или да менувам како студент. Пандемијата си го зеде данокот на секое ниво, а впечатокот ми е дека основните и средните училишта, односно учениците се најмногу погодени. Негативно, се разбира.
А. Л.: Недостатоци постојат, секако. Мислам дека државата треба да инвестира многу повеќе во образованието будејќи столбот на една нација е токму образованието. Што се однесува на нашиот факултет конкретно, сметам дека треба да инвестира повеќе во имплементирање на новите технологии, како на пример симулатори, тродимензионален анатомски приказ, што ќе овозможи полесно и поквалитетно совладување на материјалот.
Ј.М.М.: Секој образовен систем има свои недостатоци и свои предности. Не можеме со сигурност да кажеме како треба да функционира перфектниот образовен ситем, особено за нашата гранка. Дури и во западниот свет, помеѓу САД и Европа постојат големи разлики, медицината се изучува од сосема различни гледишта. Единствен сегмент кој би го променил и вовел кај нашиот систем е стандардизацијата на полагањето на испитите.
# Размената на студентите на медицина, присуството на предавањата во странство... ви овозможуваат и комуникација со медицинари отсекаде, меѓу другото. Споделувате информации? Како е во земјите од каде што се? Мислам на студиите по медицина. Што би презеле оттаму, што ви се допаѓа?
Л. К.: Тоа се меѓу најубавите прилики за време на студирањето, кои треба да се искористат максимално. Има многу што да се научи - и добро и лошо. Социјализацијата е феноменална. Другарствата стекнати на размените остануваат долго.
А. Л.: Контактите со колегите од другите земји се мошне корисни, како од аспект на стекнување на нови пријателства, така и од аспект на стекнување на нови знаења и искуства. Овие интернационални пријателства, така да кажам, се осебено важни за нашата професија бидејќи во понатамошната кариера, размената на информациите и искуствата ќе придонесе за побрз и поедноставен начин на решавање на одредени проблеми.
Ј.М.М.: Контактите што можеме да ги придобиеме со размените се еден огромен бонус во нашата професија бидејќи медицината е глобална, а не национална наука. Активен сум и во постојан контакт со студентите од странство, кои ги запознав преку размените и конгресите.Искуствата, пријателствата и знаењата кои се стекнуваат во текот на ваквите прилики се нешто што останува доживотно, нешто што секој студент треба да го искуси.
# Размислувате полека за насочувањето, во смисла на Вашата потесна специјалност? Институционална, интернистичка, хируршка - која Ви е најпривлечна?
Л. К.: Тоа ми е најтешкото и најпоставуваното прашање, сѐ уште. Досега се немам одлучено за мојата идна потесна кариера, ќе ја искористам праксата што ме чека во шеста година за да ја донесам мојата одлука.
А. Л.: Сѐуште немам одлучено во кој правец конкретно сакам да тече моетонатамошно образование, но секако - повеќе сумзаинтересиран за интернистичките гранки.
Ј.М.М.: Интерната медицина ми остави најголем печат во текот на студиите. Еден дел од мене во иднина се гледа како успешен интернист, но никогаш не знаеме каде ќе нѐ однесе животот. Меѓутоа, со сигурност знам во кој правец ќе се трудам да целам.
# Новина во медицината е примената на роботите во хирургијата. Што мислите за тоа? Сепак, хирургот е надвор од салата (операционата). Ве импресионира, привлекува? Баснословна е, исто како и цената. Нова е и телемедицината. Има шанса за нивно спроведување тука, во Македонија или тоа е апстрактна именка?
Л. К.: Новитети во медицината имаме речиси секојдневно, од фармаколошки терапии до иновативни интервенции, технолошки револуции. Робот-хирургијата постои од крајот на 1990-тите и уште ја нема кај нас. Можеби ќе ја има наскоро, но претпоставувам во приватните болници. Сепак, тоа е прескапа машина од неколку милиони, која ќе мора финансиски да се оправда. Телемедицината е атрактивна и особено корисна во некои области, како на пример дерматологијата.
А. Л.: Медицината е поле на кое науката секојдневно напредува, новите технологии даваат безброј можности за тоа. Роботската хирургија има предност во однос на прецизноста и прегледноста во извршувањето на операциите, но цените на овие апарати се многу високи, посебно за нашиот здравствен систем. Сепак, мислам дека со домаќинско работење на државата и здравствените институции е возможно да се воведе и тука, во Македонија.
Ј.М.М.: Секоја новина во медицината ме импресионира, ја истражувам, особено телемедицината и примената на роботите во хирургијата. Таа технологија ќе им овозможи на граѓаните од малите земји, како што е и нашата, да имаат пристап до врвни здравствени услуги од реномирани професионалци во целиот свет. Дополнително ќе им овозможи на докторите од нашата земја да тргнат по чекорите на тие професионалци, ќе можат лесно и практично да бидат обучени покрај постоењето на дистанцата од илјадници километри. Мислам дека таа инвестиција се исплати, ќе може високо да ги крене стандардите на медицинските услуги во нашата земја и ќе овозможи создавање на уште повисок и поквалитетен кадар.
# Какви се перспективите за студентите на медицина во Македонија? Каде се гледате себеси во иднина, по завршувањето на студиите, стажирањето..? Тука, во странство? Мислите дека лекарите, докторите се платени доволно? Каде би оделе, во државен или во приватен сектор?
Л. К.: Постојат многу опции... И прилики за вработување во државата има бидејќи сѐ поголем е дефицитот во сите места, низ целата држава, со исклучок на Скопје. Странство е одлична опција за едукација, доколку се најде прилика. Веројатно се гледам и тука и во странство на периоди. Мислам дека лекарите, а и сите здравствени работници како целина, се инсуфициентно платени, а и заштитени. Почитта кон лекарите изостанува кај нас во последниве години.
А. Л.: Постојат голем број на можности како во Македонија, така и во странство. Би сакал да останам тука бидејќи сакам, колку што можам, да придонесам за развојот и напредокот на нашето здравство, иако и можноста да го продолжам моето образование надвор од Македонија не ја отфрлам целосно.
Ј.М.М.: Лично сакам да продолжам да работам и да стажирам во странство. Секогаш сум сакал да работам во државниот сектор, во универзитетска клиника со педагошки прилики, со можност да го пренесам моето знаење на идните студенти. Здравствениот кадар во нашата држава не е доволно платен, не е доволно заштитен и почитуван. Сметам дека во здравствениот секторсе потребни доста реформи со цел Македонија да стане попривлечна земја за сите здравствени работници.
# Разговорот ќе го завршиме со шеговит тон - анегдотски. На плажа, кога ќе помине згодна девојка, медицинарот прво ја забележува лузната од хируршката интервенција, па фигурата. Вистина? Ве допираат кратките забавни стории - анегдотите за студентите на медицина. Имате омилена?
Л. К.: Има една што ја паметам, вели: одат студенти од Шумарски, Електро и Медицински кај Св. Петар да им суди каде да одат, во рајот или во пеколот. Доаѓа студентот од Шумарски и Св. Петар му вели: ти помина прелесно на факултетот, сега ќе одиш во пеколот да се мачиш. На студентот од Електро му вели: ти се мачеше многу за време на студиите, сега ќе одиш во рајот да одмориш. Доаѓа студентот по медицина и Св. Петар му вели: ти ќе одиш во пеколот. Студентотизненадено прашува зошто. На ова му одговара: па ти толку си навикнат на тешко што и пеколот ќе ти биде рај.
А. Л.: Една од моите омилени анегдоти врзани за медицината е кога еден студент на медицина, за време на испит, успеал да го повика сатаната откако го напишал рецептот на латински за лекот за гихт. Оваа анегдота дава претстава за обемноста на материјалот и големиот број на поими кои студентите за кратко време треба да ги запомнат.
Ј.М.М.: Никогаш нема да го заборавам првото предавања на факултетот. Професорката шеговито ни кажа: за да станете доктори, не треба да ви фали една даска во главата, туку цела палета. Ние медицинарите сме си чудни луѓе, понекогаш размислувам дека не ни фали палета, туку цела шума дрва, па нескромно велам: можеби токму тоа нѐ прави уникатни, доволно храбри за несебично да избереме да се посветиме на нашата пасија - медицината.
И. Л.
Фото: Оливер Настески/ приватна архива на Ј. М. М.