АЛЕКСАНДРА ЈАНЕВА: „Не останав имуна на љубовта, тагата и среќата кои ги носи тој голем емотивен рингишпил“!
Музичкото шоу „Сите наши песни“ ја донесоа на македонската музичка сцена, а „Врати ми го сонцето“ е песната која го означи стартот на нејзината кариера. Александра Јанева, за краток период покажа и докажа зошто заслужува да биде дел од македонската музичка естрада. Балидите се нејзиното најмоќно оружје на кои никој не останува рамнодушен. Во продолжение прочитајте што Алексадра сподели од нејзиниот тинејџерски период, но и за нејзините музички поцетоци, идни и сегашни планови...
# Каква беше Александра во тинејџерските денови?
Бев многу примерен и посветен тинејџер. Ми беше важно да се едуцирам правилно и секогаш барав поголеми предизвици од оние кои беа очекувани, тинејџерски. По природа сум човек кој размислува многу пред да дејствува. Затоа мислам дека не си дозволував премногу опуштање и скоро никогаш не пливав во безгрижност. Но, како и сите други тинејџери и јас не останав имуна на љубовта, тагата и среќата кои ги носи тој голем емотивен рингишпил. Тогаш се појави и љубовта која ми го промени животот, љубовта кон музиката. Од денешна перспектива, кога се навраќам на тие денови, само една слика ми се појавува во глава, широка насмевка на моето лице и позитивни мисли.
# Бараше ли тогаш совети од твојата мајка за оние т.н. тин проблеми? Кој совет би го издвоила?
Голем дел од моето однесување, моите постапки и секако мојот карактерен израз е влијание од моите родители. Отсекогаш сме имале искрен, отворен однос и добра комуникација. Такашто, сите дилеми, проблеми, но и радости биле споделувани и анализирани во нивно присуство и преку нивното животно искуство. Блиска сум и со мама и со тато, но да кажеме дека мајка ми е попривилегирана кога станува збор за тоа кој прв ги дознава новостите (жените и нивната љубопитност, хаха). Нејзе прво и се доверував особено кога се чувствував емотивно кршлива и слаба. Не можам да се сетам на конкретните зборови кои ми даваа утеха, но знам дека секогаш ме охрабруваше да верувам во себе и да бидам борец.
#Омилен пејач / пеачка?
Од македонската сцена, вокали кои најчесто ги слушам по дома, и на чијшто раскош се восхитувам се Тоше Проески и Тамара Тодевска. А, од светската сцена се огледувам на многу артисти, но имам неколку омилени: P!nk, Ariana Grande, Justin Timberlake, Ed Sheeran…
#Дали „трчаше“ по
пеачите кои ти беа идоли?
Се сеќавам дека ме фати таа фан– треска, во периодот кога беше актуелно најпопуларното македонско музичко шоу – Македонски идол. Тогаш правеа некаков вид на meet&greet со фановите низ сите градови и знам дека побегнав од часови за да ги пречекаме идолите на службениот, спореден влез од локалот каде што беа најавени. И нормално, ги видовме и запознавме сите пејачи одблиску, немаше како да ни побегнат.
# Каков жанр на филмови сакаше да гледаш и секако дали денес знаеш да си пуштиш некој од тие филмови?
Во тој период гледав романтични комедии, типично хаха. Денес многу ретко се случува филм од таков жанр да ме заинтересира. Најмногу сакам да гледам психолошки трилери и драма, а неретко се случува вниманието да ми го одземе и некој добар акционен филм.
#Омилена случка од тој период од животот?
Првата средба со микрофонот и со сцената. Таа неповторлива едноминутна возбуда и трема која ти ги „сече“ нозете и не ти остава друг избор, освен да се предадеш на моментот и да научиш да го живееш. После првиот јавен пејачки настап, знаев дека тој адреналински шок сакам да го доживувам до крајот на животот. Секој почеток е тежок, несигурен. Не знаев дали сум доволно добра, самодовербата ми беше на најниско ниво, но бев храбра да продолжам да учам и да се борам.
#Како ги пребродуваше
љубовните „тин“ проблеми?
Не можам да кажам дека придавав многу внимание на љубовта во тинејџерските денови. Како што спомнав погоре, влегувањето во музичкиот свет и одговорањето на неговите предизвици беше во мојот фокус. Се сеќавам на само еден таков малечок проблем, кога почнав да развивам посилни чувства кон една личност и мислев дека се вљубувам за прв пат, но љубовта не беше возвратена. Плачка сум, и тогаш и денес. Си ја исплакав душата некои три дена и потоа пак се вратив во нормала, хаха.
#Која твоја грешка ќе им ја посочуваш на твоите деца?
Многупати сум го слушала разумот, наместо срцето, па сум направила грешка. Сум го правела и обратното и пак, се покажало како грешка. Затоа, веројатно е најдобро човек да успее да воспостави некаков баланс помеѓу тие две спротивставени сили. Би сакала да ги научам како да го слушаат срцето, во корист на разумот и секако во корист на нивниот идентитет и слобода. Но, во едно сум сигурна, сè дури не направат грешка, нема да знаат што е погрешно, а што право.
#Како започна твојата музичка приказна?
Првото појавување пред пошироката јавност беше на шоуто Сите наши песни. Сепак најзначајно за да ме открие и чуе публиката беше дебитирањето на Макфест, 2013-та. „Врати ми го сонцето“, песната која ја отпеав таму, стана дел од мене, мој животен печат. После првиот фестивал, мрежата на контакти и музички соработки се прошири многу брзо. Сè уште сум во таа креативна зона и пресреќна сум што трае. Музиката ми покажа цел нов свет, запознав луѓе чиешто творење и постоење ме мотивира секојдневно.
#Дуетската „Еуфорија“ е последната твоја издадена песна. Кога да очекува нешто ново твојата публика?
За почеток, на 28-ми февруари е закажана премиерата на мојот нов сингл „Срце отвори“. Следуваат уште многу нови проекти и песни. Изминативе неколку месеци работев на многу нов материјал и ете, конечно дојде време сето тоа да го презентирам на публиката. Едвај чекам!
#Поголемиот број од песните ти се балади. Дали и приватно сакаш да слушаш повеќе балади?
Не можам да кажам дали повеќе слушам балади или брзи, динамични песни. Сакам да слушам добри песни, без оглед на динамиката. Обично наутро, штом видам сончев зрак или чисто небо сакам да слушнам ведра мелодија. Кога сонцето заоѓа или пак, денот е тмурен и сакам да се одморам и препуштам на мислите, тогаш вклучувам плејлиста со балади.
#Исто така постојано правиш и кавери на македонските, но и странските хитови. Кој кавер би го издвоила како омилен?
Херој на Викторија Лоба! Песната разбуди силни емоции кај мене уште при првото слушање. Се наежив, ја исплакав и сосема природно ми дојде да ја доживеам и прераскажам со мојот глас.
#И како за крај, што би и им препорачала на нашите читатели?
Бидете искрени кон себе и кон другите. Живејте, размислувајте и создавајте со отворено срце. Само така може да допреме до срцето на другиот.
Ивана Мисајловска