САКСАКУСТИК: „Се трудиме да оставиме наш печат на сите преработки“

САКСАКУСТИК: „Се трудиме да оставиме наш печат на сите преработки“

Објавена во: Музика, Интервјуа

Младите и талентирани виничани, Иво, Иван и Никола, се борат за свое место на македонската музичка сцена. Полни со ентузијазам и желба за успех за Hashtag.mk открија нешто повеќе за себе...

# Кои се Саксакустикс?

Најнапред здраво од нас и поздрав до вашите читатели. Саксакустикс е бенд  кој постои нешто подолго од две години, составен од тројца позитивни и насмеани дечки хаха, Иво Димитров (вокал), Иван Мојсоски (саксофон) и Никола Јангелов (гитара).

# Како започна вашата приказна?

Започнавме да функционираме како бенд сосема случајно и сето тоа одеше баш спонтано. Се знаевме многу малку од порано, но некако патеките ни се вкрстија и ете сме :) На почеток бевме дуо (гитара и вокал), а после извесен период го проширивме составот. И за тој чекор сме сигурни дека го направивме вистинското нешто. Фидбекот од публиката си го кажува своето! 


# Што точно значи вашето име и кој беше кумот?

Кога дојде ред за името на бендот имаше секакви различни предлози, како од сите нас тројца, така и предлози од наши познаници. Процесот за тоа прашање не траеше долго ама ни зеде добри два дена хаха. Сакавме името да дава јасна порака за тоа каков точно е нашиот состав и горе - долу за каков жанр на музика се работи. Затоа што бевме свесни дека нема толку многу бендови со таква структура. Името наведува на тоа дека саксофонот и гитарата ја играат главната улога. Кумот бара да остане анонимен :)))

# Кој музички правец го свирите на вашите свирки?

Ја свириме онаа музика која се нуди во моментот во светот. Се трудиме колку што можеме да оставиме наш печат на сите преработки кои ги свириме и да бидеме оригинални на секој наш настап. Публиката го препознава тоа и знае да го цени. Се движиме во некои "рамки"  на поп-рок, забавна музика. Ги свириме и преработуваме актуелните странски и домашни хитови и постари песни кои оставиле печат во своето време.

# Каде можат да ве слушаат нашите читатели ?

Настапуваме во кафичи и клубови и сега за сега најчесто сме активни во источна македонија. Но секако нашите цели и амбиции не застануваат тука. Во план ни е да се прошириме многу повеќе, но сето тоа со тек на време. Исто така голем дел од нашите настапи публиката може да го види и слушне на социјаните мрежи.


# Често снимате кавер верзии на македонски песни. Дали сте во план и за кавер на некоја странска песна?

Се трудиме нашите преработки на песните да допрат до публиката небитно дали тоа ќе биде домашна или странска песна. На настапи постојано свириме и песни кои не се од домашно потекло. Па така не ја исклучуваме воопшто можноста за правење кавер на некој странски хит.

# На кој познат бенд или пејач би сакале да му бидете предгрупа?

Негувајќи ги овие неколку жанрови кои ги свириме на настапите имаме повеќе имиња и од нашата и странска сцена на кои се восхитуваме и на наше задоволство би настапиле како предгрупа па дури и би имале соработка :))

# Кои се вашите планови за иднина?

Моментално сме сконцентрирани на настапите во живо и на правење и преработување на веќе познати хитови. Овој кавер на песната од Каролина Гочева е само почеток и наша прва професионална преработка, кој само го најавува сето она што сакаме да го работиме во иднина. Секако целта ни е ширење на македонскиот пазар пред се, па понатаму да почнеме и со наши авторски песни.

# Дали планирате да го проширите бендот?

Сега за сега не сме во план за проширување на составот. Планот ни е да функционираме вака како трио. Секако никогаш не ја исклучуваме можноста за позитивни промени кои ќе донесат уште подобри вибрации во музиката која ја претставуваме.

Ивана Мисајловска


Објавена во: Музика, Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: