Ќара и возот од стакло (Епизода 8)

Ќара и возот од стакло (Епизода 8)

Осумнаесет години назад во времето...

Летна вечер, ноќта е тивка,  а Дона и Роберто делат една иста прегратка седејќи покрај морето. Тишината ја прекрш сериозниот глас на Дона.

„Роберто, јас сум бремена“.

„Но, но ние сме премногу млади за да имаме дете , мила моја“.

„Знам, но тука е. Што ќе правиме?“

„Тоа што мораме, ќе се ослободиме од него“.

„Роберто, што зборуваш ти? Имам само седумнаесет години, доколку сега абортирам, знаеш ли со каков ризик ќе се соочам?“

„Дона, јас, јас не сум подготвен да станам татко“.

„И јас не сум подготвена да станам мајка, но го направивме, двајцата!“

„Единствено решение е да абортираш“.

„Прво направи дете, а потоа, кога огнот ќе ти ги гори нозете, дојди до наједноставното решение така?“

„А што би правеле? Да не имаш намера да се венчаме? Јас не можам да си го уништам животот за едно мало суштество, Дона јас сум уметник! Јас морам да работам на мојата кариера, морам да успеам, не можам да се откажам од мојот сон, за, за едно...“

„За едно што? Не, не зборувај Роберто! Доволно кажа. Ова дете јас ќе го родам, па ти прави што сааш, денес ние завршивме!“

„Дона чекај!“

Младата девојка со трчање ја напушти плажата, ја напушти и својата љубов, засекогаш. Солзите се лиеа од нејзините очи, нејзиниот здив беше задушен, а болката која и го корнеше срцето за неа ќе ја донесе и смртта.

Денес...

Ново писмо пристигна до Ќара, овој пат, писмото ќе ја однесе младата девојка назад, во минатото и нејзиниот живот ќе го промени засекогаш.

Ќара,

Дете, дојде време да ти откријам нешто. 

Човекот со кој се запозна, убавиот Роберто, тој тебе ти е татко.

Ова за тебе ќе звучи сосема лудо, сосема нелогично, но дозволи ми да ти објаснам. Пред точно осумнаесет години твојата мила мајка Дона, заедно со тогаш прекрасниот Роберто беа во љубовна афера. Двајцата млади, луди, крвта им вриеше, па се препуштија на нивните чуства. Дете мое, и двајцата иако не зрели, тие многу рано ја искусија болката на љубовта. Се сакаа, многу. За нивната приказна, можам роман да ти напишам, а не само едно писмо. Дона и Роберто беа боговите на љубовта, а ти нивен плод. Кога твојата мајка дозна за тебе, таа беше скршена, избезумена и исплашена, впрочем се чуствуваше токму онака како што би се почуствувала секоја тинајџерка доколку ја дели нејзината судбина. Една летна вечер, таа го извести твојот татко за нејзината бременост. Тој, млад и желен да го запознае светот, да се докаже како уметник, се исплаши, од животот, од обврските, од тоа да се биде татко. Роберто тогаш од Дона го побара невозможното, најстрашното...тој побара таа да се ослободи од тебе. Секако дека твојата мајка се спротистави на тоа, па бесна и со голема лутина го напушти татко ти, стави крај на нивната љубов. 

Минатото твое е долго, болно и мрачно, но ќе преминам на уште еден важен детаљ. Роберто сега е повторно татко, тој е среќно оженет и има петгодишна ќерка, Лаура. Ова име ти е познато, зарем не? Лаура е девојчето чие изчезнување треба да го откриеш, заедно со твојот татко. Тој не знае за тебе исто како што ти не знаеше, но наскоро сите тајни ќе се откријат и сите лаги ќе престанат. Те молам биди подобар човек од него, помогни му, Ќара, потребна им си, и него, а исто така и на твојата полусестра.

Ти испраќам силна прегратка,

Ќара од иднината

Избезумена, Ќара го испушта листот хартија на земјата и трча кон својата соба.

„Роберто!“

„Повели“.

„Што правиш ти тука?“

„Не те разбирам?“

„Што бара толку славен уметник да престојува во хостел пред уривање?“

„Ја барам ќерка ми“.

„Каква ќерка?“

Вади слика од паричникот и ѝ ја покажува. Мало девојче со светла коса и сини очи, а под нејзината фотографија пишува : „Принцезата Лаура“.

„Ќе..ќерка ти се вика Лаура?“

„Да, има само пет години...“

Ќара не можеше повеќе да стои на своите нозе, се струполи на подот и ја сокри главата во нејзините дланки. „Значи вистина е“. – рече тивко, но Роберто ја слушна.

„Што е вистина?“

„Тоа што го пишуваше во моето писмо, сè досега се оствари, а мислев дека некој само лудо си поигрува со мене“.

„Какво писмо?“

„Дојди со мене!“

Двајцата, татко и ќерка се симнаа по скалите во големиот салон и таму го здогледаа Огнен како го чита писмото.

„Што е ова Ќара?“

„Не знам, проклетство, не знам, но вистина е, што и да е, вистина е!“

„Може ли да ми објаснете што се случува?“

„Јас морам да ти помогнам да ја пронајдеш ќерка ти, сестра ми“.

„Каква сестра луда девојко, какви писма?“

Тогаш Ќара ги повлече двајцата во нивната хостелска соба и им раскажа сè, им ги покажа сите писма и сложувалката почна да се склопува. Огнен несвесно после читањето на последното писмо, листот хартија го остави превртен наопаку на креветот и тогаш го здогледа зборот „улица“ испишан на долниот десен агол со коси букви. Тогаш Ќара заврти уште еден лист, повторно збор во десниот агол, кога ги превртија сите листови хартија тие склопија една реченица. Тоа беше адреса, адреса која се наоѓа во прекрасната Венеција. 

Следна станица: Венеција.

Седмата епизода од оваа неверојатна приказна, може да ја најдете ТУКА.


Ивона Марковска- Нона, 16 години, ученик во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, автор на „Пронаоѓање“- самостојно издадена книга и „Аурора“- издавачка куќа Култура. Исто така автор на приказната „За да те пронајдам“, како и на голем број колумни и текстови. Го уредува и инстаграм профилот @a_soul_of_paper

Можеби ќе ве интересира: