Од мали ги учат на вистинските човечки вредности: Родители на дечињата од градинката „Детска радост“ со новогодишна хуманитарна акција

Од мали ги учат на вистинските човечки вредности: Родители на дечињата од градинката „Детска радост“ со  новогодишна хуманитарна акција

Објавена во: Совети // School zone

Празничниот период е тука – кај сите повеќе или помалку се чувствува таа еуфорија, а децата се оние кои најмногу му се радуваат на овој период од годината. Со нетрпение ги очекуваат своите новогодишни пакетчиња и остварувањето на желбите кои ги испратиле до Дедо Мраз.

Но, за жал, не сите деца можат да уживаат во празнична атмосфера. Веќе неколку години по ред, наставничката Наташа Поповска од детската градинка „Детска радост“, објект „Темјанушка“, организира хуманитарни акции, заедно со родителите на дечињата на кои им е наставничка. Оваа година, хуманитарната акција се состоеше од детска претстава „Подај рака“, а од собраните средства помогнаа на социјално загрозени семејства.

„Ова е моја иницијатива уште пред четири години. Секоја година пред Нова година организирам хуманитарна забава.“ – откри наставничката за Хаштаг и додава дека целиот овој хуманитарен проект не е тежок за организирање.


„Не е тешко да се организира сето ова, доколку со љубов и голема желба се работи. Воедно со ова најдобро се учат малите деца на основните човечки вредности.“

Дека ваквите акции ги учат малите дечиња на основните човечки вредности, потврди и наставничката, која освен родетелите, во организацијата на акцијата директно ги вклучува и дечињата.

„Децата се вклучени во пакувањето на храната, облеката, пакетчињата. Тој период, разговорите, приказните и игрите ги насочувам кон темите хуманост, другарство, емпатија, игри во кои мора еден на друг да си помогнат за успешно да ја завршат задачата. Процесот не е лесен тоа се мали деца, но со минатата генерација се покажа успешно. Тие пораснаа во деца со сите морални вредности и многу сум горда на нив. Сега се на училиште, но и таму дружбата продолжува. И покрај тоа што се мали дечиња, низ овие активности стануваат свесни, се менуваат. Повеќе не се себични за своите играчки, споделуваат со другарите. Тоа се вистински знаци на несебичност.“

Инаку, оваа година хуманитарната акција беше организирана за децата од Невладината организација ИРХОМ – Топаана, но и неколку дечиња од социјално загрозени семејства.

И. Мисајловска

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: