Наставниците вршат притисок за онлајн настава: Дали на родителите им се одзема правото на избор?
Дали е тоа притисок или молба...Вакви прашања поставуваат дел од родителите кои се обратија до редакцијата на Фактор, појаснувајќи дека се длабоко загрижени за однесувањето на одделенските наставнички кои во овој период побарале од нив да се изјаснат дали нивните деца кои се на возраст од прво до трето одделение, ќе ја посетуваат наставата со физичко присуство или пак ќе ја следат онлајн. Имено, во едно од основните училишта во Карпош, но и во останатите скопски општини, откако биле направени групи на учениците, (дел да одат во училиште, дел да имаат онлајн настава) преовладувал бројот на оние кои ќе останат дома, по што одделенските наставнички почнале да ги „замолуваат“ родителите со напомена да не се дели одделението, и тие да го променат мислењето, па наставата целосно да се одвива по електронски пат.
- Оваа воопшто не е фер. Како може наставничката да бара до мене да не ја пуштам својата ќерка во училиште кога имам право на избор. Веќе е одлучено како ќе започне учебната година, па сега дури и ние кои имаме право да бираме, се бара од нас да го промениме ставот и мислењето и да се одлучиме за учење од далечина. Секако на почетокот тоа беше молба, но сега начинот почнува да станува и малку дрзок. Дури и моќно се влијае на нашето мнение со тоа што се укажува дека хигиената во училиштето не е на највисоко ниво, дека постои опасност од мешање меѓу децата, дека едно да кивне може да се заразат сите во училницата. Па што се правеше цело лето. Зошто барем не го варосаа училиштето, дезинфекција како што треба. Навистина ова е дури и безобразно. Сепак, јас како родител, кој секогаш, на прво место го става здравјето на своето дете сметам дека доколку се почитува се што е предложено од страна на здравствените власти, ризикот од зараза со корона вирусот е минимален. Во училницата би биле околу седум деца и тоа најмногу од 8 часот наутро до кај 11. Ова што го прават наставничките е вистински притисок и уште се бунтуваат кога ќе им се спомне дека ја земаат платата за седење дома. Нива работа е да ги научат децата, а не да ни кажуваат да изберем онлајн настава, револтирано вели мајка на ученичка во второ одделение, која во разговорот го кажа и името на наставничката и училиштето, но замоли за сега да не го објавуваме.