Промоција на „Шарени ириси“ – новата хибридна инклузивна сликовница во издание на „Арс Ламина“

Промоција на „Шарени ириси“ – новата хибридна инклузивна сликовница во издание на „Арс Ламина“

Објавена во: После „Школо“ // PR

Новата хибридна инклузивна сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука во издание на „Арс Ламина“, „Шарени ириси“, ќе биде промовирана на 20 мај (понеделник), во 19 часот, во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“. Промоцијата ќе се одржи во рамките на првото издание на „Видик“ – новиот фестивал за литература и општа култура.
Ова издание на „Арс Ламина“ е со текст на Јована Матевска Атанасова и акварелни илустрации на Симонида Филипова Китановска, кои длабоко и лирски продираат во една деликатна семејна состојба во која таткото е слеп и метафорично кажано: живее во очите на својата ќерка.
Промоцијата ќе биде проследена со изложба на илустрациите од книгата. Во улога на промотори ќе бидат уредничката Оливера Ќорвезироска и ликовниот куратор Љупчо Маленко.

„Шарени ириси“ е многу повеќе од илустрирана книга за деца, тоа е хибриден инклузивен проект, наменет и за лица со оштетен вид и за нивните семејства. Ова издание, кое вклучува страници со Брајова азбука е наменето за слепите и лицата со оштетен вид, на кои ќе им е достапно преку Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Скопје, и преку ресурсните центри за лицата со оштетен вид во нашата земја.
– Објавувањето на ова хибридно инклузивно издание на кирилско писмо и на Брајова азбука, „Шарени ириси“, е дел од нашата мисија да ги доближиме книгите до сите читатели, вклучувајќи ги и слепите лица и лицата со оштетен вид. Со ова, истовремено сакаме да ја зголемиме свеста за нивните потреби за достапност на квалитетни книжевни дела. Голема благодарност до Мите Стефоски и Мирослав Размоски и печатницата „Тифлографика“ од Струга, кои го препознаа значењето на овој проект и на професионален и стручен начин ги испечатија страниците со Брајовата азбука. Со објавувањето на изданието, се вклучуваме во одбележување на двестегодишнината од креирањето на Брајовата азбука. Со „Шарени ириси“ ја прошируваме нашата понуда на инклузивни сликовници и книги за деца и потсетуваме дека секој заслужува да има пристап до литературата – вели Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

Со многу чувства и со специфичен ликовен сензибилитет, во „Шарени ириси“ истовремено се испишува и се исцртува љубовта помеѓу таткото и ќерката, при што темнината и светлината се во цврста прегратка. Иако сликовницата е за возрасни, со неа „владее“ едно дете, па оттаму можат да ја читаат или да им се чита и на деца.
Станува збор за книжевно-ликовна приказна, за она што се гледа и за она што не може да се види. Метафорични очи во кои живеат светлината, темнината и љубовта. Можен свет (пре)создаден низ своите или низ очите на блискиот. „Шарени ириси“ е сликовница за големи и мали, што треба да се чита, да се гледа, да се допира со... ширум отворено срце!

Книгата беше наградена со две признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) во рамките на Саемот на книгата. Освои второ место во категориите: Најкреативно издание и Поттикнување на општествена одговорност.

За пошироката читателска публика, сликовницата, која е објавена под импринтот за детска литература „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн, преку www.literatura.mk.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ е партнер за книжевната програма на првото издание на фестивалот „Видик“. Покрај „Шарени ириси“, на програмата со литературни проекти се мултимедијална презентација на најновата поетска книга на Никола Маџиров – „Шестарот на времето“, промоции на наградуваното дело „Коњски житија“ на Зоран Анчевски, која се одржа во четвртокот (16 мај), промоција на серијалот сликовници од младата авторка Маја Мишевска, тематскиот интерактивен настан за фанови, „Враќањето на Шерлок Холмс“, како и театарски изведби на книгите „Железно небо“ на Марјан Георгиевски и „Торонто експрес (Тибам штркот)“ на авторот Зоран Спасов-Ѕоф.

Фестивалот во организација на „Литература.мк“, што трае од 16 мај до 16 јуни 2024 година,  ги обединува литературата, музиката, театарот, сликарството, филмот и дизајнот, давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата. Со дваесетина настани, кои се одржуваат во книжарниците на „Литература.мк“ на улица „Македонија“, во „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Скопје сити мол“, на публиката ќе ѝ се понуди квалитетна содржина и непосреден контакт со најактуелните домашни и регионални автори и проекти од областа на културата.

Во продолжение проследете ја целата програма на „Видик“.

https://www.literatura.mk/vidik

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: