10 работи што тинејџерите од 90-тите сигурно ги знаат!
Ова се само неколку работи што на повеќето од денешните тинејџери би им
звучеле чудно, но сите оние што растеа во 90 –тите ќе се сетат барем на дел од
нив.
ПОП ЛУДИЛОТО
Spice Girls беа нашите Little Mix, Backstreet Boys беа нашите One Direction, а тин-поп иконата Бритни Спирс денес се обидуваат да ја стигнат Селена Гомез и Деми Ловато.
PHARD И DIESEL
Оние што во тоа време беа андерграунд, не сакаа многу да се дружат со кремците и шмизлите што се цепаа и носеа Phard и Diesel.
ФЕНОМЕНОТ МАКАРЕНА
Макарена беше нашата Dame Tu Cosita… И денес ја играме по свадби!
КАСАНДРА, РОСАЛИНДА, МИЛАГРОС…
Касандра, Росалинда, Милагрос и останатите латионоамерикански убавици беа нашите Шехерезада, Дефне и Хурем. И ние имавме серии за кои беше срамота да се каже дека ги гледаме, а ги гледавме. Нашите серии не беа турски и не беа надсинхронизрани, ама имаа слична тематика и во нив не се знаеше кој кому му е мајка, а кој кому тетка.
МУЗИКА НА CD
Преживеавме и без YouTube манијата, а журките ги праевме со изрежани цедеа или касети.
ДЕТСКА ПОШТА
Се сеќавате ли на мирисот на „Детската пошта“? Корицата од тефтерчето вредеше најмногу и најчесто се менуваше за 4 до 5 ливчиња, но од различни тефтерчиња!
СТЕП СОКЧИЊА
Ретко кога се раствораа во вода, најчесто се јадеа од раце, па потоа цел ден не можевме да се измиеме. Степ сокчињата беа појадокот за 10 денари, освежување, замена за благо, а за најхрабрите и фарба за коса.
ВРТЕЊЕ ОД ФИКСЕН
Со ваков телефон не можевме да направиме селфи, ама можевме да ѝ се јавиме на симпатијата и да ѝ ќутиме, без да знае кој е од другата страна на линијата.
ДРАГА ТАА...
Омилено хоби ни беше измислените проблеми што ги пишувавме на големите одмори да ги ипраќаме до списанието „Таа“ и да очекуваме одговор во следниот број, но и да ја читаме Данка Смотанка.