100% посветеност и љубов кон кошарката: Струмичанецот Кирил Панов ќе заигра за најдобрата колеџ лига во САД

100% посветеност и љубов кон кошарката: Струмичанецот Кирил Панов  ќе заигра за најдобрата колеџ лига во САД

Објавена во: Спорт // Кошарка

Кирил Панов (20), се занимава со кошарка од својата осма година, а на само 14 години заминува за Шпанија каде што постигна големи успеси со филијалата на Барселона односно CB Terralfas.  После пет години во Шпанија, кон крајот на минатата година се пресели во САД, во една од најдобрите кошаркарски академии таму. А годинава доби стипендија да заигра во Мисисипи Колеџ во НЦАА Лигата - најдобрата колеџ лига таму и истовремено ќе студира на факултетот за Бизнис Администрација.

Во интервју за Хаштаг, Панов раскажува за неговите почетоци.

-Со кошарка се занимавам веќе 12 години односно почнав кога имав само 8 години. Моите први чекори беа во клубот Горан и Баскет во Основото Училиште ,,Видео Подгорец“ - Струмица, а подоцна се преселив во Ролинг 08, каде што со мојот тренер Зоран Гонев постигнавме одлични успеси како на тимско така и на индивидуално ниво. Се до моите 14 години играв во Ролинг 08 а потоа заминав за Шпанија каде што постигнав големи успеси со филијалата на Барселона односно CB Terralfas и моментално сум во САД.

Кога станува збор за талентот, Панов вели дека во потесната фамилија немале некој истакнат спортист, па смета дека неговите успеси се должат само на големиот труд, напорно работење и малку талент.
-Желбата за успех надополнета со многу работа и труд е одлична комбинација за големи резултати.

Кошарката и училиштето можат успешно да се обавуват истовремено - истакнува малдиот кошаркар, раскажувајќи за „патот“ до Америка.
-Од Ролинг 08 од Струмица заминав за Аликанте, Шпанија каде што започнав вистински професионално да се бавам со кошарката. Напорните секојдневни тренинзи комбинирани со средното училиште ми покажаа како навистина тренираат и учат во развиените европски земји. Уште од тогаш сфатив дека кошарката и училиштето можат успешно да се обавуваат во исто време и тоа беше моментот кога се одлучив за Америка. Во САД ќе играм за Мисисипи Колеџ во НЦАА Лигата што е најдобрата колеџ лига таму и каде што и ќе студирам на факултетот за Бизнис Администрација и навистина се надевам на големи успеси.

Како би ја опишал кошарката во Шпанија наспроти во Америка?
-Навистина тешко прашање - само вистинските познавачи на кошарката ќе препознаат разлики во стилот на игра. Генерално американската кошарка е многу по брза, се игра ,,на мускули,, и се игра многу повеќе еден на еден отколку во европската кошарка. Во Шпанија се игра по организирано, многу повеќе тимска игра и исто така играта не е толку спектакуларна како во Америка.

Моментално си во Струмица поради коронавирусот, кога заминуваш за САД, кога почнуваат твоите ангажмани во НЦАА лигата? Ти недостигаат ли натпреварите?
-Да, сега сум овде во мојот роден град и сега засега плановите се да се враќам во САД некаде околу средината на Август. Сеуште не се знае кога ќе биде враќањето поради пандемијата, но се надевам на што побрзо враќање во нормала. Лигата започнува во Октомври, но припремите и часовите започнуваат уште во Август. Ми недостига кошарката, тренинзите, соиграчите и едноставно ми недостига мирисот на кошаркарскиот терен. Одморот е добредојден, но веќе е време за враќање на тренинзите и враќање во форма.

За Кирил Панов, особено е важен натпреварот на Final Four турнирот во Шпанското првенство. 
-Сум имал неколку такви натпревари, кои ги сметам за важни, но ќе го одвојам натпреварот на Final Four турнирот во Шпанското првенство каде што победивме со 4 поени разлика и се пласиравме во финалето и на тој натпревар бев прогласен за најдобар играв со 28 поени и 7 асистенции. Посебно ми е значаен тој момент затоа што татко ми беше во Шпанија на посета кај мене и присуствуваше на трибините и тоа за мене беше една посебна мотивација.

Кој е твој идол во кошарката?
-Дефинитивно мојот идол е Леброн Џејмс, кошаркарот на Лејкерси којшто веќе 17 години во НБА лигата покажува како треба да се однесува еден кошаркар на и вон теренот и е еден од најуспешните во историјата на лигата. Исто така за идол го сметам Сергио Родригез, плејмејкерот на Армани Милано којшто и лично го запознав во Шпанија и ми остави еден многу позитивен впечаток како играч, но и како личност.

Според тебе што е пресудно за успех кај еден спортист, што треба да поседува еден млад кошаркар за еден ден да заигра за светски познатите клубови? Совет за младите кои сакаат да се занимават со кошарка.
-Најважно е 100% посветување на тоа што го работиш и љубов кон спортот и константното учење на истиот. Еден млад спортист треба да биде упорен и трудољубив, но исто така да внимава на училиштето и да се посвети на учењето. И за крај морам да кажам дека 10% талент, 5% среќа и 85% работа е клучот за постигнување на сите цели во животот.

Каде се гледаш себеси за 10 години?
-Јас одам чекор по чекор. Сега сум концентриран на остварувањето на моите цели во Мисисипи Колеџ и сигурен сум дека ќе постигнам многу успеси таму. Сонот е да играм во НБА и работам за тоа, но сепак да одиме step by step како што велат американците и се ќе биде во ред. 

За крај, Панов исрати голем поздрав до читателите на Хаштаг, а ние му посакуваме да продолжи со уште поголеми успеси во кошарката. 

Погледнете го видеото од најдобрите моменти на Панов, за сезона 2019/20:


*Љ.Иванова

Објавена во: Спорт // Кошарка

Можеби ќе ве интересира: