Кога сум разочарана мора да се слушне мојот глас: Интервју со ораторката Ангела Петровска
Има само 17 години, а веќе многу сериозни планови за својата иднина. Ангела Петровска, младата ораторка која своите почетоци ги имаше во просториите на училиштето СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“, ќе ви ги размрда мислите, а секако и докаже дека кога се сака се е возможно. За љубовта кон ораторство, координирањето на обврските, како и за многу други интересни случки, настани, планови ќе откриете во искрените и исцрпни одговори на оваа млада поборничка.
# Од каде љубовта кон ораторството?
Важам за хиперактивна личност, спонтана и постојано сум опкружена со луѓе. Пријателите и познаниците кога би требало да ме опишат со три збора, мислам тоа би биле: гласна, насмеана, зборслеста. Не зборувам само кога спијам, а и во неколку наврати имам истакнато “Кога не зборувам, ме боли главата”. Првиот контакт со ораторството беше чиста случајност, која имаше огромно влијание врз формирањето на мојата личност. Поборник сум кога треба да се слушне мојот глас, па ораторството ме научи како тоа вешто да го наметнам. Претходниот благослов, да го наречам така, дарбата да пишувам, само доби еден нов облик, стекнав вештина моите мисли да ги врежам и трајно да одѕвонуваат во главата на секој кој ме слуша. Од тогаш трае мојата опсесивност и љубовта кон овој добитен спој.
# Имаш ли омилен оратор, кој е можеби инспирација за твојата успешна работа?
Омилен оратор? Можеби мојот одговор и би бил дискутабилен за некој, но нема да ги кријам моите размислувања и вкусови. Како врвни примери од кои учам, што се однесува на темата јавно говорење и реторички вештини, а не на тематиката за која зборуваат би го издвоила Адолф Хитлер, Јосип Броз Тито, Џон Кенеди, Винстон Черчил, Мустафа Кемал Ататурк. Накратко само и би истакнала што ме восхитува во нивните стилови на говорење. Адолф Хитлер и таа негова театралност, животот кој го вдахнувал во своите говори и импулсувното влијание врз масата слушатели кои ги хипнотизира само по неколку минути се за мене сеуште голем предизвик. Тито, Ататурк, Черчил - пример за луѓе кои ги разбираат проблемите и духовните потреби на својот народ. Луѓе кои во ниту еден момент не се гледаат себеси како супериорни личности кои можат слободно да газат по килимот од поданост и доверба. Секогаш директни, јасни, со зборови кои излегуваат директно од нивните срца. Личности во чиј ум, пред се е нивната земја, нивниот народ, братството, единството и прогресот. А Кенеди пак, човек чии зборови тежат олово, за мене е извор од каде ја црпам автентичноста, наклонетоста и шармот кои треба да ги има еден оратор.
# Од каде млада личност како тебе црпи инспирација за ораторските текстови?
Имам само 17 години, бројка која зборува многу за мојата претстава на светот. На момент светот го гледам како обичен, еднобоен простор каде луѓето под дирегентската палка на секојдневниот живот работат, учат, студираат, врзуваат ден за ден. Но, има моменти кога чувствувам некаква енергија, некоја аура која се шири околу мене, во зависнот од моменталното расположение. Не одбирам зборови кога разврзувам теми за нашево турбулентно македонско општество, често знам и да се соживеам со работите кои знаат да се случат на секојдневната сцена. Лично сметам дека инспирацијата е насекаде околу нас, само треба малку подобро да ги протриеме очите и да погледнеме под површината на работите. Пенкалото и хартијата ми се стари пријатели, тие ја трпат мојата лутина и се најголеми сведоци за мојата разочараност од општествените случки и мојата визија во која сакам да се претопат моите сограѓани, мојот народ.
# Во кои се други проекти си вклучена?
Каде има собир таму сум и јас, има некој магнет кој ме привлекува кон тоа да запознавам нови луѓе, да слушам туѓи размислувања и гледишта кон работите. Поголем дел од моите познаници, пријатели и соработници ги имам запознаено токму преку моите сега веќе минати, завршени активности и дејствувања. Моментално дел сум од екипата која работи на проектот “Градиме мостови на Балканот”, а во истовреме ја водам и училишната заедница на Васил Антевски Дрен.
# Како успеваш да го дадеш максимумот на сите полиња?
Кога си посветен на повеќе работи истовремено, често пати концентрацијата и посветеноста не го даваат најдоброто од тебе. Но со добра организација на времето и обврските и претходно добро скроен, изводлив план за активностите може да се извлече максимумот од тебе во тој момент. Секако тука голема улога одигрува и искуството и снаодливоста да се справиш со набиените агенди за работа. Во моментите кога сакам да се откажам или ми се смачува ми доаѓа мисла, дека подоцна ова на кое работам прво позитивно ќе се одрази на мене, а потоа и ќе допринесе за развој и унапредување на моето општество.
# Кој е твојот најголем успех, на кој се особено горда?
Хмм, иако не бев одликувана со некое место или награда, сепак за свој последен најголем успех го сметам есејот на тема “Сведоштва од денот на земјотресот од 1963 год. oд Скопје”. Есејот го имав напишано по повод натпреварот по историја “Скопје памти”. Јас сум емотивно поврзана со мојот град и во тој есеј го преточив сето она кое ми лежеше на душата за моето старо Скопје, во убавите југословенски времиња. И ден денес кога насамо го читам текстот знам да пуштам солза, а што би се случило кога јас би го интерпретирала пред други.
# Покрај толку многу обврски, имаш ли време за училишните обврски?
Веќе напоменав, со добра организација се се постигнува. Училиштето секогаш ми е на ум и сега за сега одржувам добар баланс.
# Во која област би сакала да се надградуваш во иднина, поточно во кој правец сакаш да пролжиш со школувањето во иднина?
Ова е прашање кое ме мачи веќе подолго време. Што сакам да бидам? Имам два правци на ум, но покој пат ќе отидам е прашање кое зависи од многу фактори. Во секој случај што и да одберам ќе има дел од мене што ќе биде задоволен и среќен, а дел кој ќе копнее по економски кажано “опортунитетниот трошок”. Економист сум трета година во Васил Антевски Дрен, првиот правец ме води пред портите на Народната Банка. Монетарната политика е гранка која веќе подолго време ме примамува да ја изучувам, секако тука се и фискалните финансии и ревизијата како позиции кои ми ги наметнува струката да размислувам за нив. Втората опција е целосна спротивност на економијата. Другата половина од мене ме наведува во водите на Воената Академија. Сон ми е да се видам еден ден себе си во офицерска униформа, во редовите на армијата, под знамето на мојата држава. Нелогично е да, се согласувам, но тоа сум јас- постојан пресврт во одлуките и животиот тек на настани. Прашањето е само дали тука ќе сопрам или можеби ќе излезе нешто сосема трето. Во секој случај знам дека која професија и да ја одберам, ќе биде професија со која ќе се трудам да допринесам за развој на оваа држава. Ораторството ќе биде доминантна алатка, која ќе врши доста работа во целиот мој живот.
Ивана Мисајловска