Браво за македонските дизајнери: Имаат топ предлози за матура
Матурата е чин кој секако е за славење, но не е баш соодветна прилика на матурската вечер да се појавите како за на Оскар. Да, треба да има некаква нишка на гламур, но сето тоа да е во согласност со годините, карактерот на личноста, сензибилитетот и во крајна линија, креативноста.
Со години гледаме „торти“ и „тулумби“ направени на косата, разголени фустани кои премногу тераат на (знаете што), пресветкави кич креации кои не сте ги облекле никогаш во животот и одеднаш сакате да бидете како бугарска пејачка- или српска, сеедно. Никого не навредуваме. Секој си има право на свој избор!
Но треба и да бидете памени во тој избор! Постојат луѓе со кои можете да се консултирате, професионалци кои знаат како треба, а за совет нема да ви наплатат. Не е поентата да ѝ дојдете на шивачката или дизајнерот со креација од интернет која ја носи некоја манекенка, па барате исто да ви стои и вас, па дури и материјалот да е ист таков и деталите. Тоа таму некаде се други првокласни материјали, детали кои се уникатни или рачно правени, кристалите овде и таму не светскаат исто... Затоа дозирано и со памет! И кога купувате по бутиците, нека не ве мрзи! Пробајте, погледнете цсе во огледало! Ако се видите вие во него, а притоа сте свои на своето- тоа е тоа!
Замоливме неколку наши познати дизајнери да ни посочат како според нив треба да изгледаат матурантките. И кај сите се забележува смиреност во линијата, никаква пренападност па ни голотоја, туку суптилна романтика и фустани кои изгледаат убаво за око.
Модните дизајнерки и сестри Емили Пишева Гоџирова и Благица Пишева Ѓоргиева имаат одличен и пред сѐ софистициран предлог на тоалета за матура. Но исто така тие истакнуваат што е најбитно за една матурантка, односно на кои моменти да внимаваат за да не се изгубат себеси при изборот на свечен фустан за матура.
„Еден од двата најпосебни дена во животот на една девојка е со сигурност можам да кажам, денот кога се матуратки. Денот кога тие се во центарот на вниманието, кога сите погледи се вперени во нив, кога го прославуваат нивното полнолетство. Денот кога се стремаат да изгледат совршено, но правило број еден е да се чувствуваат свои и да им е пријатно, едноставно креацијата која ќе ја носат како да им е втора коза ....
Затоа дали моделот, дали бојата, секогаш треба да е во тренд со она што им одговара најдобро ним.. “, велат сестрите и додаваат:
„Врз основа на нашето долгогодишно искуство од 22 години, EMILI exclusive design може да предложиме една креација, во која може да се пронајдат, претпоставуваме многу девојки... Креација која освен што плени со својот луксуз, има и многу практичен момент, со отворен дел напред што доведува до лесно функционирање, а истовремено да изгледа шик...
Со тоа сакаме да потенцираме девојките да имаат грациозен дел дали со должината или пак со некои камчиња, сепак да личат на своите млади години, да бидат нежни како со креацијата, така и во делот на шминката и самата фризура... Едноставно да си останат препознатливи, со свој личен печат“.
Познатата модна дизајнерка Ивана Кнез пак предлага свилено сатенски фустан со длабоко „V“ деколте.
„Моделот „Кармен“ е одличен избор за матурските прослави, доволно смел за да се чувствувате заводливо, а воедно комфорен за да може да се блесне во текот на целата вечер. Моделот се изработува во сите можни величини и поголем избор на бои од свилен сатен и е наменет за девојки кои се храбри и самоуверени, девојки за кои не постои препрека на светов.
Игор Марков е еден од најекспонираните модни дизајнери кај нас.
И како и останатите наши дизајнери погоре, има одлични совети за фустани.
- Кога станува збор за матурските прослави, славеничките не треба да заборават дека се девојки, не госпоѓи. Таа мисла треба да е водечка при изборот на гардероба, согласно со тоа да се одлучат за нешто со младолачки дух. Би инсистирал да се задржат на slim линијата, по секоја цена да се одбегнуваат полните здолништа или оние во А линија.
Должината да биде или куса или комплетно долга. Од моите дизајни ги издвојувам овие два модела како предлог:
- кус фустан од сатен во сребрен тон со интересна крагња од нојски пердуви.
- долга свечена тоалета од транспарентен тул со вез од крупни кристали
Р.Ж.М.