„Eден пропуштен тренинг секогаш ќе биде пропуштен“: Неделковски за пандемијата и спортот
Домашната изолација важи за сите групи на луѓе и истата важи и за сите спортисти, вклучувајќи и оние најмладите. На оваа тема поразговаравме со тренерот во младинските категории во МЗТ Скопје и менаџер на ЖКК МЗТ Скопје..
„Од спортски аспект ова е штета која ќе остави длабок траг во понатамошното функционирање пред сѐ на клубовите, потоа на спортските работници, а целиот цех ќе го претрпат младите. Проблем од ваков тип никогаш не е добредојден, но не затекна во период на расплет на настаните. Зборам конкретно за кошарката, верувам слична ситуација е и во останатите спортови. Засега федерациите се немаат изјаснето дали ќе има прекин на првенствата како што се пример Литванија, Полска, Чешка - туку остануваме на базичната одлука - прекин на неодредено време. Но, што е - тука е, најважно во овој момент е да се заштитиме и да ги почитуваме мерките и да останеме фокусирани на она што е наша цел а тоа е што побрзо враќање на терените.“
Тој вели дека оваа ситуација ги потикнал да стапат во онлајн конекција со нивните играчи и истите да добијат програми за тренинг во домашни услови.
„Досега сите бевме во некое исчекување и се надевавме дека секој момент може да почнеме со тренинг, па бевме пасивни, но ситуацијата воопшто не е наивна па постепено ќе почнеме со еден вид online конекција со играчите кои ќе добијат програми за тренинг во домашни услови. Фактот што ме радува посебно е тоа што сите мои играчи се во ред и се максимално заштитени. Јас сум постојано во комуникација па имам увид на ситуацијата. Се надевам дека ќе биде се во ред.“
Неделковски истакнува дека оваа ситуација би можела да влијае врз мотивацијата на сите спортисти.
„Да почнеме од најмладите категории каде тренингот за нив претставува повеќе начин на стекнување навики, забава преку игри и едукација. Подолг период за нив може да значи и губење интерес, па да се препуштат на дигиталните занимации. Неопходно е било какво анимирање и активација од родителите во домашни услови. Веќе кај повозрасните категории мислам дека не станува збор за пад на мотивација, туку пад на форма која е најосетлива и најваријабилна во нивниот период. Сепак мислам дека ќе ги вратиме работите во нормала за краток период.“
Тој исто така додаде дека изгубените тренинзи не може туку така да се надокнадат.
„Знаете постои една стара изрека 'еден пропуштен тренинг не може да го заменат ни 100 наредни изработени, секогаш ќе биде пропуштен' така што не можеме против тоа, освен да ни биде мотивација за уште поголема работа во следниот период. Нашиот план овој летен распуст е кошаркарски камп во Грција во организација на МЗТ Скопје, но во овој момент не знаеме како ќе се одвива ситуацијата со вирусот.“
Младиот тренер вели дека овие денови го фатиле неподготвен и дека истите придоле да се стопираат неговите професионални, но и приватни обрвски.
„Искрено овој период на изолација ме затекна во еден лош момент каде покрај професионалните ангажмани кои се стопирани се справувам и со останати приватни обврски. Го користам времето најчесто во рекреација - нормално превентивно заштитен. Цела оваа паника и кошмар треба да заврши побрзо и да се вратиме во нормала каде што припаѓаме.“ - завршува Влатко.
И.Мисајловска