Феноменот наречен БУЛИНГ: Врсниците ме малтретираат – што да направам?

Феноменот наречен БУЛИНГ:  Врсниците ме малтретираат – што да направам?

Објавена во: Другарство, School zone

Веќе навистина ти е дојдено преку глава! Не знаеш каква глупост, опасност или непријатна ситуација те очекува утре на училиште? Ти се потсмеваат, те навредуваат, те туркаат, те задеваат, те избегнуваат, па дури и те напаѓаат психички и физички. Се прашуваш: „Зошто ова мора да ми се случува мене?“,  „Ќе заврши ли ова некогаш?“,  „Што да направам ова да престане?“...

Ако сето ова ти се случува, за жал тоа низ што поминуваш е насилство или булинг (bullying). Насилството меѓу врсниците е еден вид злоставување. Најчесто еден или група насилници постојано и се разбира намерно ги вознемируваат, напаѓаат или навредуваат послабите од нив, односно оние кои не можат да се одбранат од тоа. Насилниците најчесто се оние кои се помоќни од оној кого го напаѓаат или се постари и покрупни.

Многу е важно да знаеш дека булингот не е само физичко насилство како удирање, кубење за коса, правење сопки и фрлање на личните работи. Постојат и други видови врсничко насилство кои не се така лесно воочливи.

Весничко насилство е и ако некој те:

Озборува и шири невистини за тебе

Навредува, омаловажува или исмејува

Игнорира и им зборува на другите да не се дружат со тебе

Присилува да правиш нешто што не сакаш

Следи на пат до училиште или ти се заканува

Тера да му ги дадеш парите или личните работи

Не мора да се тресеш! Побарај помош!

Најчесто насилниците се закануваат со одмазда ако некому кажеш што ти се случува, особено ако им кажеш на родителите или наставниците. Колку и да те вознемируваат таквите закани НЕМОЈ ДА МОЛЧИШ. Кажи им на родителите или наставниците. Што повеќе луѓе знаат за она што ти се случува толку повеќе ќе можат да ти помогнат. Ако молчиш и трпиш шансите некој да ти помогне се многу мали. Многу од насилниците продолжуваат со малтретирањето токму затоа што никој не реагира на тоа. Прво нешто што треба да направиш е да кажеш на некој повозрасен. Со оглед на тоа дека врсничкото насилство најчесто се случува на училиште, возрасни со кои би требало да поразговараш се: родителите, постарите брат или сестра, одделенскиот раководител, педагогогот или психологот на училиштето.

Најчесто некои ученици не сакаат да кажат што им се случува мислејќи дека тоа е кодошење, а сите знаееме дека кодошењето кај наставниците не е во ред. Но, сепак кажи им на наставниците или на училиштниот педагог што ти се случува. Ако на било кој начин некој е насилен кон тебе тогаш тоа не е кодошење.

Не плаши се!

Сети се дека насилникот само се прикажува како голем и моќен. Насилникот не е толку моќен како што би сакал другите да мислат за него. Неговото однесување често е само фалење за да изгледа поголем од што е навистина. При било каков напад важно е да останеш смирен и да реагираш мирно и сталожено. Јасно кажи: „Престани!“ или „Ова не ми се допаѓа!“, „Не сакам!“, „Не прави вака повеќе!“. Не влегувај во расправии и секако не се обидувај да ја решиш ситуацијата со примена на сила. Веднаш тргни се од насилникот и не се расправај повеќе со него. Ако се грижиш за твојата безбедност на училиште секогаш биди во друштво. Замоли ги твоите најдобри другари да бидат постојано до тебе. Осаменоста нема да ти помогне, како ни идејата „ако се правам невидлив ќе ме остават на мира“. Насилните напади се почести кога си сам.

Возрасните се должни да помогнат

Ако случајно наидеш на некој наставник кој не те сфаќа сериозно од било каква причина и ништо не превзема, не допуштај тоа да те обесхрабри и не се откажувај од барањето помош. Кажи на некој друг наставник или на училиштниот педагог. И се разбира што поскоро кажи им на родителите и побарај да ти помогнат. Ако треба и тие нека отидат на училиште и нека побараат помош од директорот или од педагогот и психологот.

Не криј што чувствуваш!

Колку и да ти е непријатно, не го криј она што го чувствуваш, кажи дека се плашиш, дека си тажен или што и да чувствуваш друго. Во ред е да им кажеш како се чувствуваш особено на повозрасните од кои бараш заштита. Тоа ќе им помогне да ја разберат сериозноста на проблемот и да не мислат дека тоа се само „детски работи“ и дека ќе се решат самите од себе.

Сања Варсаќевска, училиштен педагог


Објавена во: Другарство, School zone

Можеби ќе ве интересира: