Георг Стојановски - најмлад првотимец на ФК Вардар: Дедо ми Ѓоко Хаџиевски ме советува како да станам најдобар фудбалер и човек

Георг Стојановски - најмлад првотимец на ФК Вардар: Дедо ми Ѓоко Хаџиевски ме советува како да станам најдобар фудбалер и човек

Објавена во: Фудбал, Таленти

Како фудбалер во младинските категории има постигнато многу голови, минимум 30 во една сезона. Неколку пати ги освоил титулите за за најдобар стрелец и играч. Во 2017 го направи својот рекорд со постигнати 80 голови. Овој успех на младиот и талентиран фудбалер Георг Стојановски (16) му го трасира патот до првата постава на фудбалскиот клуб Вардар. Моментно е најмлад првотимец на клубот.

„Почестен сум што сум дел од првиот тим.. Тоа за мене значи напредок во мојата кариера, а истовремено и посериозна и попосветена работа. Сеуште ја немам посакуваната минутажа на терен. Меѓутоа пресреќен сум што можам барем 10 минути да заиграм на секој натпревар. Се надевам дека ќе заслужам да бидам дел од првата постава на теренот. Но, не брзам. Тренерот Васковски е расположен да им се даде шанса на младите играчи и тоа го прави“ - открива Георг на почетокот од нашиот разговор.

Првиот контакт со топката го имал на две години.Неговиот талент го забележал дедо му, Ѓоко Хаџиевски, еден од најуспешните македонски тренери.

„Кога имав шест години сакав да тренирам кошарка, но дедо ми инсистираше да станам фудбалер. И не погреши во проценката. Тој е мојата најголема подршка и од него добивам многу стручни совети. Ми ги кажува слабостите и ме подучува на што да обрнам внимание и кои фудбалски натпревари да ги следам. Меѓутоа,истовремено ме советува и како да се изградам како личност. Поточно да бидам чесен, истраен во мојата амбиција, борбен и да верувам во себе“ – открива младиот фудбалер.

Стојановски сега е дел од фудбалската репрезентација на Македонија, во возрасната категорија У-17. Се надева дека ќе заигра и за сениорите. Негов омилен фудбалер е Роберт Левандовски. Сон му е еден ден да заигра во Премиер лигата.

С.А.Н


Објавена во: Фудбал, Таленти

Можеби ќе ве интересира: