Ги руши сите предрасуди дека питбул и дете во еден дом не е добра идеја: Александра од Скопје има неверојатна приказна за оваа посебна љубов
Во 21 век стереотипите и предрасудите можеби се и поприсутни од било кога. На социјалните мрежи и Интернетот општо секој е експерт во некоја област и точно знае што треба, а што не треба да се прави, што е добро, а што лошо.
Со предрасуди се соочуваат и сопствениците на домашни миленичиња. Често сме сведоци како „експертите“ напоменуваат како одредена раса на куче не е добра да се чува во домот, особено во дом каде што има и мало дете. Една од расите кои секојдневно се соочуваат со ваквите предрасуди е расата питбул. Овие кучиња важат за аресивни и често може да се види дека се појавуваат во борби со кучиња.
Но, дека ова не е така и дека е само предрасуда, најдобро докажува скопјанката Александра Никушевска, која веќе неколку години ја има Нала, која е од расата американски питбул териер. Љубовта, грижата и негата со кои е одгледана Нала се доволни за да кучето од оваа раса не покаже агресија.
За Хаштаг, Александра открива дека Нала не е нејзин прв миленик, но дека е прв со кој има посебна врска, која се забележува и на фотографиите кои може да се најдат на социјалните мрежи.
- Нала не е мојот прв миленик, но е првиот миленик со кој имам посебна врска. Случајно или не Нала дојде во мојот живот кога ми беше најпотребна па можеби и затоа нашата љубов е толку силна.
Освен своите профили, Александра го води и Инстаграм профилот на Нала, каде се труди на луѓето да им го покаже вистинскиот карактер на еден питбул.
- Поради Нала научив многу за нејзината раса, колку се злоупотребувани и незаштитени, па оттаму и желбата да помогнам на што повеќе кучиња од оваа раса. Инстаграм профилот на Нала го покажува вистинскиот карактер на еден питбул, односот со деца и бараме дом на помалку среќни кутриња да го најдат своето семејство.
Одлуката да чува куче како Нала ја донела заедно со нејзиниот сопруг, поточно од моментот кога почнале да живеат заедно.
- За среќа никогаш не сум имала предрасуди за раси или големина на куче, па да се плашам бидејќи откако знам за себе сум приоѓала и прегрнувала големи бездомни кучиња.Откако почнавме да живееме заедно со сопругот бевме решени дека ќе си земеме кутре, но никогаш не ја дискутиравме расата. Нала ја видов сосема случајно на Фејсбук и знаев дека тоа е мојата Нала. Со Нала научив многу за нејзината раса. Научив колку многу сакаат луѓе и низ каков пекол поминуваат токму од нас луѓето за жал. Сега ако ме прашате ќе кажам дека ќе чувам и спасувам питови додека сум жива и ќе бидам нивниот глас.
Дека секој ден со Нала е нова авантура говори и нејзината промена во расположението, кое како што ни посочи нејзината сопственичка многу зависи од временската прогноза.
- Никогаш не се знае, Нала е женска со различно расположение секој ден. На пример ако врне нема жива сила што ќе ја извади од дома. Кога е многу топло е мрзелива и сака да си лежи на сонце или ако сме во Охрид плива и мака е да ја извадиме од вода. Но покрај се, како и да се чувствува ако некој спомне фризби таа е на нозе и возбудено чека да излезе надвор.
Од пред една година, семејството на оваа скопјанка е побогато за уште еден член, синчето Давид. Со пристигнувањето на Давид, Нала во ниту еден момент не била запоставена, туку била активно вклучена во нивното ново секојдневние.
- Првата недела беше малку збунета и љубопитно го душкаше, но брзо го навикна и често си легнуваше до неговото креветче. Никогаш не дозволивме да се почувствува запоставено, секогаш си лежеше до нас и шетавме заедно. Би рекла дека е многу важно кога се има принова во домот да не се оттргнува миленикот или затвара во друга соба освен ако нема сериозна причина за тоа.“ – открива Александра, а потоа додаде како успева да ги избалансира обврските кои ги има околу Давид и Нала:
- На почетокот додека Давид беше премногу мал и не можев секој ден да го шетам, сопругот беше задолжен за прошетките на Нала но сега веќе ги шетаме секој ден заедно. Некогаш е само прошетка, а некогаш Давид има занимација да ја гледа Нала како брка фризби. Со сопругот тимски ги завршуваме сите обврски околу домот, Давид и Нала. Секогаш кога има потреба се делиме и ако јас сум излезена со Давид и Нала тој ќе ги заврши обврските во домот и обратно. Навистина е невозможно и жално ако сите обрски паднат на една страна.
На социјалните мрежи, најмногу лајкови имаат преслатките фотографии на кои позираат Нала и Давид, а од прва рака дознавме како изгледаат нивните фотосесии.
- Кога ја сликав Нала сама беше прелесно, но со Давид секогаш се смееме многу бидејќи се многу смешни, посебно кога ќе им ставам некои украси. Нала е многу послушна и веќе знае да позира, но фотографиите со Давид заедно се секогаш направени набрзина. Сеуште е мал и не знае како да ја погали па кога ќе почне да прета со рачињата Нала се повлекува веднаш.
Доколку ги тргнеме настрана мајчинството, нејзината примарна работа и грижата за Нала, Александра е исто така посветена на уште едно нешто – изработка на модни додатоци за кучиња, под назив „Nalla The Pittie Shop“. Идејата се родила за време на пандемијата, а сега слободно може да кажеме дека тоа е еден мал бизнис.
- Идејата ја добив за време на ковидот кога барајќи да нарачам марама за Нала увидов дека нема некој избор и опции, посебно за поголеми кучиња. Откако почнавме да ја шетаме Нала со шарени марами и машнички имаше многу позитивни промени кај луѓето со кои се разминувавме бидејќи често знаат да имаат предрасуди кон расата питбул. Така дотерана добиваше многу насмевки, комплименти и многумина сакаа и да ја погалат. Овој мал бизнис ми помогна многу во собирање на средства за бездомни животинки, лечење и покривање на пансиони. Среќна сум што моето хоби освен финансиски, им помага на многу кутриња што бараат дом, дотерани полесно и побрзо да го најдат.
„Nalla The Pittie Shop“ е надалеку познат, а еве во кои држави се испорачуваат изработките на Александра.
- Реков дека ќе си купам голема карта на светот и со пинови ќе обележувам секаде каде што имам пратено мои производи. Најчести се нарачките од САД, Англија и Израел, а сум имала и од Сингапур, Индија, Хаваи и многу градови од Европа.
Како во секоја работа, така и оваа има предизвици, а еве кој бил најголемиот предизвик за Александра.
- На самиот почеток добив порака од девојка од САД која ми прати слика од костум и ме праша дали можам да изработам таква марама за нејзиниот миленик. Иако бев само еден месец на машина за шиење и уште се учев самата, ја прифатив нарачката и се изненадив колку добро изгледаше. Веднаш направив свој крој, како што јас си го имав замислено дека најдобро ќе изгледа, па од минатата година покрај костимите имам и цветни свадбени марами за женски кутриња.
Интересот во Македонија не е ништо помал од оној ширум светот.
- На мое големо изненадување има многу голем интерес и побарувачка кај нас. Секоја колекција веднаш се распродава и навистина ми е жал што поради други обврски не можам количински да направам повеќе. Посебно се радувам, а и знам да заплачам на фотографиите и свадбените видеа што ги добивам заедно со милениците во свадбени одела.
За крај на разговорот, Александра испрати порака до сите ние кои се двоумат да чуваат милениче и дете, но и оние кои ќе се одлучат да го запостават својот миленик, откако во семејството ќе пристигне бебе.
- Најголемата услуга што можете да ја направите за вашето дете е да расте со миленик. Денеска и педијатрите повеќе зборуваат и советуваат за тоа детето да расте со миленик. Децата кои од најмали нозе растат со миленик имаат посилен имунитет и се помалку склони кон алергии. Покрај здравствените бенефиции растење со домашен миленик им помага на децата во развивањето на моторните вештини, зголемување на самодовербата и одговорноста кај детето, поттикнува емпатија и многу други вредности. Домашните миленичиња не учат нас, па и децата од најмала возраст на безусловна љубов и често слушаме примери како им помагаат и се врзуваат за децата со посебни потреби или аутизам, и тоа е еден доказ дека животните можат да допрат подлабоко во детското срце отколку луѓето.
И. Мисајловска
фото: Приватна архива