Имаше моменти кога се консултирав со гинеколог: Кога прв пат добив менструација со Мартија
Менструацијата како табу тема, полека заминува во заборавот. За своето менструално искуство проговори и младата пејачка надеж Мартија Станојковиќ. Таа даде и неколку совети кои сигурно ќе ти помогнат да ги пребродиш тешките деновите за време на менструацијата.
# Кога прв пат доби менструација?
Прв пат добив менструација на моите скоро 12 години. Се сеќавам дека бев на снимање и најверојатно стресот влијаеше баш тогаш да се случи.
# Како го доживеа моментот на првото добивање, на кого прво му се обрати, што ти се смени по тој момент...
Се обратив на мајка ми поради тоа што ја сметам за најдобар пријател и можам на секоја тема да разговарам со неа. Знаев дека таа најдобро ќе ме посоветува. Најпрво бев збунета дека се соочив со ситуација која не ми беше позната, но набргу сфатив дека станува збор за менструација. Искрено, многу ми беше напорно да ги извршувам сите обврски поврзани со менструалниот циклус. Но, ми беше интерестно првата година секогаш кога и да требаше да започне неделата на менструалниот циклус.
# Од кого добиваше најмногу совети за менструацијата?
Имав доста проблематично регулирање на менструалниот циклус и на сето тоа се јавуваше и нервозата. Најмногу совети добивав од мајка ми и сестра ми. Во некои моменти се консултирав и со гинеколог, бидејќи ми беше потребен совет од стручно лице.
# Што е важно да знаат младите девојки за менструацијата, твои трик совети како се соочуваш со ПМС?
Јас имам доста болки кога станува збор за менструацијата, но најчесто ги неутрализирам со витамин Ц затоа што сметам дека тоа е најприродниот начин за намалување на болката. Секако дека и одржување на хигиената е најважно. Знам понекогаш и да бидам многу нервозна, па во такви ситуации гледам да се тргнам од луѓе и да ја задржам нервозата во себе.