И младите кои живеат надвор од Македонија можат многу да придонесат за нашето општество: Интервју со Давор Петрески
Давор Петрески од Прилеп има 25 години, а моментално е со адреса во Глазгов, Шкотска, иако претходно има живеено во 6 други држави: САД, Холандија, Мексико, Португалија, Малта, и Естонија.
Дипломирал на Универзитетот во Мастрихт со насока Филозофија, етика и Право, ја одбранил магистерската во септември на тема „Правична и етичка употреба на големи количини на податоци во онлајн образованието“, а претходно има работено во старт-ап компанија за сајбер безбедност во Португалија.
Во интервјуто за Хаштаг, ова шармантно момче со генијален ум, кое сега работи на факултетот во Глазгов, ни го раскажа својот интересен студентски пат, како и идејата за креирањето на мобилната апликација за алтернативна комуникација Еко која секојдневно им дава можност на луѓе кои немаат глас, или имаат попреченост во говорот да комуницираат со своите најблиски.
# Од каде идејата да студираш надвор на нашата држава и зошто баш на Универзитетот во Глазгов?
- Не можам баш точно да издвојам една причина или еден извор на идејата за да студирам надвор од Македонија, ама би рекол дека е мешавина на лична љубопитност и желба да истражувам различни места и држави, и оној општествен или системски аспект поради кој многу млади, па и постари си заминуваат од Балканот.
# Дали имаше и некои други опции пред да се аплицираш на овој универзитет? Каков беше твојот студентски пат?
- Па мојот студентски пат почнува од кога бев
15-тина години. Тогаш бев на едногодишна размена во Колорадо, САД. Потоа се
запишав на додипломски студии на Универзитетот Мастрихт, во Холандија. По
дипломирањето работев околу пола година во Македонија и две во Португалија, па
на крај се запишав на магистратура на Универзитетот во Глазгов.
Програмата преку која се запишав на магистратура е една од „интернационалните
мастер„ програми на Еразмус Мундус, каде секој семестар студентите патуваат и
одат на различни места. Јас бев во Шкотска, Малта и Естонија. Јас најмногу сум
заинтересиран за образованието како дисциплина, и таа година имаше три различни
програми за образование, една за Педагогија (образование за деца), една за
Универзитетско, и една за Андрогогија (Образование за возрасни). Јас се запишав
на програмата за Андрогогија или: International
Master in Adult Education for Social Change.
Сепак, за мене најголемата
дилема беше дали да продолжам да работам во Португалија, или да се вратам пак
на студирање.
На вашите читатели, посебно оние кои за скоро дипломираат би им препорачал да
го прелистаат овој
каталог на
интернационални мастер програми понудени од Еразмус Мундус каде имаат
дисциплини од Квантна Технологија и Инженерство до Наука на Танцови и
Кореографија. Исто така понудуваат доста добри стипендии кои покриваат ја
школарината, патните и секојдневните трошоци.
# Што е она што го издвојува овој универзитет од другите?
- Универзитетот во Глазгов би рекол најмногу го издвојува историјата. Тој е четврт најстар универзитет во Британија и само знаејќи дека по истите соби и ходници се движеле научни великани како Џејмс Ват, Келвин, или Адам Смит дава една поинаква атмосфера.
# Колку си задоволен од начинот на кој професорите таму го пренесуваат знаењето?
- Па низ мојот студентски живот имам поминато низ неколку образовни методологии и мислам дека би истакнал две, една е така наречената „критичка педагогија„ (Critical Pedagogy) која што се следеше во Глазгов, а другата е Педагогија Базирана на Проблеми во Мастрихт (Problem Based Learning – PBL).
Во Глазгов, прашањето на како професорите баш и не го пренесуваат знаењето, туку целата нивна педагогија се базира на идејата дека студентите треба да го креираат и „откријат“ нивното знаење, а професорот е тука само за поддршка. Исклучиво интересна, и спротивна на македонскиот хиерархиски систем, е идејата на професор-ученик во оваа метода, каде не само студентите учат од професорот, туку и професорот е тука да учи од студентите.
Мене искрено покорисна и поинтересна ми е методата која се користеше во Универзитетот во Мастрихт. Каде што на пример, секоја тема во еден предмет е прикажана како проблем, а студентите научуваат со тоа што мораат да го решат тој проблем. Слично како во Глазгов, професорите тука немаат некоја голема улога во пренесување на знаењето туку го водат патот преку кој студентите можат сами да го откријат.
# Имаш ли освоено некои признанија на кои си особено горд?
- Па не знам колку би биле освоени признанија, ама сепак најмногу сум горд на малите работи, на пример да видам дека моите родители и сестра ми се среќни со тоа кој сум јас. Или пред некое време почнав како хоби да се занимавам со некој вид на урбано градинарство, па големо признание и извор на гордост ми е кога ќе видам дека ми успеал рузмаринот или босилекот.
# Како дојде до тоа да станеш основач и креатор на мобилната апликација за алтернативна комуникација Еко, и за што точно се заложува истата?
- Па Еко е апликација која што
им дава можност на луѓе кои немаат глас, или имаат попреченост во говорот да
комуницираат со своите најблиски. Примери на вакви луѓе се деца со невербален
аутизам, лица со рак на грло, лица кои преживеале мозочен удар.
Идејата за апликацијата најмногу од причина што мајка ми е логопед-дефектолог,
па бев од блиску запознаен со методите и проблемите во оваа дисциплина. Од
друга страна, јас постојано размислувам на тоа како може технологијата да се
користи за добро и за помош на оние кои најмногу и треба, па идејата за оваа
апликација ми се вртеше веќе неколку години низ глава.
По некое време коцките некако почнаа да се редат. Разговарав со еден мој близок другар, Михаил Дреноски, и за скоро и тој се вклучи во проектот и почнавме заедно да ја дизајнираме и градиме апликацијата. Тука и многу ни помогнаа експертите по логопедија, дефектологија и образование од едукативниот центар „Светлина Плус„ – Прилеп, Аница Најдоска и мајка ми, Данијела Петреска.
На крај, аплициравме за грант и добивме голема поддршка од YES програмата и Американските Совети во Македонија.
# Колку си задоволен од тоа како фунционира апликацијата и каков е одзивот кај нас во врска со неа?
- Со оглед на тоа што за нас успех беше апликацијата да помогне барем на едно лице, јас лично сум премногу задоволен од тоа каде што е денес. Имаме околу 1600 корисници, од кои околу 10% се од Македонија. Без разлика на статистиката и на бројките, имаме добиено коментари и приказни кои навистина ми носат и солзи на очите. Пред некој месец добивме порака од внука која за прв пат почнала да ја користи апликацијата да комуницира со дедо си кој само што преживеал мозочен удар.
# Од кој ја добиваш најголемата поддршка?
- Благословен сум со тоа што поддршка добивам скоро од сите страни. Тешко е да кажам од кого добивам најголема поддршка од причина што од секој добивам поинаков тип на поддршка. На пример, знаејќи дека мајка ми и татко ми се секогаш тука за мене и безусловно ме сакаат ми дава една сигурност која ми овозможува да ги следам своите интереси и да ризикувам. Сестра ми ги дава најдобрите совети и секогаш ми чува грб. Девојка ми, ми е ветар во едрата и покрај неа знам дека што и да правам во животот никогаш нема да бидам сам. Имам и неколку блиски другари и другарки кои ми се извор на инспирација и ми пружат голема емоционална поддршка.
# Што правиш во твоето слободно време?
- Нормално, најмногу уживам слободното време да го поминувам со фамилијата и со друштво. Настрана од тоа, како што спомнав претходно во последно време се занимавам со урбано градинарство и со спорт, генерално трчам и одам во теретана. Планирам и да почнам да одам на болдеринг веќе некое време, ама некако прокрастинирам.
# Што правиш сега, откако ги заврши студиите? Дали планираш своето знаење да го донесеш во нашата држава или тежнееш кон тоа да создаваш иднина надвор од границите на нашата држава?
- Откако магистрирав се вработив на факултет тука во Глазгов и работам во одделот за образовна технологија (Learning Technology). Работата ми е мешавина од нудење поддршка и помош на професори при користење на технологии, истражување и развивање на различни технологии кои целат да произведат поинтерактивна и подостапна настава.
За второто, прашање, искрено не знам колку би ги ставил овие две работи контра едно спроти друго. Иако иднина, барем блиска, не гледам во Македонија, сепак мислам дека може многу да се придонесе за нашето општество и од надвор, посебно со технологиите кои ни се достапни денес. Таков пример е и Еко, каде што голем дел од проектот беше имплементиран додека јас бев во Естонија. Па така, мислам дека и младите кои живеат, студираат и работат надвор од Македонија можат многу да придонесат за нашето општество.
Д.Караташова Илиоска