Иван Ајнштајн: Зошто играм FORTNITE?
Во случај да не живеете во пештера, сигурно барем еднаш сте слушнале за видео играта Fortnite. Играта што го освои светот и успеа да се прошири и подалеку од компјутерскиот екран. Би ја нарекол најактуелната епидемија.
Но, што е тоа што ја прави Fortnite да биде толку заразна и најпопуларна игра периодов?
Навидум обична игра - 100 луѓе на еден голем остров и само еден преживува. Но Fortnite нуди многу повеќе забава од ова. Можеби изгледа и звучи детски, но може да се каже дека твојот карактер во играта истовремено е војник, дрвар, архитект и танчар. И тоа, верувале или не, овие 4 „професии“ совршено се комбинираат.
Она што најмногу ја прослави Fortnite се безбројните танцови. Првично беа додадени во играта со цел играчот да ги изрази своите чувства преку нив, а подоцна станаа толку вирални што го предизвикаа целиот свет да научи да ги игра во вистински живот. Како што се развива играта, сè повеќе сме сведоци и на професионални кореографии во кои се воведоа овие чекори.
Позади сета игра на преживување се крие длабока приказна која суптилно се раскажува од ден на ден. Нејзината мистериозност ги држи играчите во непрекинато исчекување, што е исто така една од причините зошто не се намалува заинтересираноста за Fortnite.
Дури и ако ништо од ова не успеа да ви го привлече вниманието, секогаш постои опција за забава со вашите пријатели во самата игра, каде што може да се возите на колички за голф или колички за пазарење, да изградите сè што можете да замислите и, најважно од сè, да правитеинтересен муабет.
И како за сите кул работи, најдоброто се остава за на крај. Fortnite е бесплатна за играње!
Иван Ајнштајн