ЈАС СУМ МИА (Епизода 16.)

ЈАС СУМ МИА (Епизода 16.)

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Епизода 16.

И така, со Марко си глумевме пар нешто повеќе од недела. Беше презабавно да се гледаат шокираните фаци на се повеќе луѓе во школо, плус еден куп разочарани девојчиња што Марко има девојка.

Значи, да се разбереме.

На „вистина или предизвик” ако поставиш прашање кој е најубав од машките во школо, сигурно едно 50-60% би одговориле „Марко”, а останатите веројатно „Стефан.” Јас се разбира, бев глупава и бев во тие вторите, ама во последнава недела, (и не, ова немаше никаква врска со тоа што Стефан излезе безобразен идиот)  мислам дека веќе се вбројував во првите. Интересно беше Марко „да ти биде дечко.”

Снимивме и видео на Јутјуб заедно, без лигавење нормално, баш како што би снимиле и кога не би мислел цел свет дека сме дечко и девојка. Ништо различно не направивме од две недели претходно, да речеме, ама тоа не ги спречи луѓето во коментари да цивкаат „какви сте слаткиииииии” и слично.

Којзнае колку се треска од земја мистериозниот Инстаграмер со гадното видео. Мислам дека не остана жив човек, ни во школо, ни во град, ни никаде, што не беше уверен дека Марко е дечкото со црвениот дуксер - а не Стефан, и дека се што виделе е шпионски клип од дечко и девојка како се поздравуваат пред врата.

Океј, имаше по некое прашање.

„Зошто се криевте,” „Зошто не кажувавте”, „Од кога ова”, и „Знаев!” и слични такви работи.

А за целата претстава знаеја само Сара, Тамара и Елена, сестра и на Тамара. Се смиривме и со Ивона, ама некако рано ми беше и нејзе да и кажам.

Отидовме во Кашмир еден ден после школо и бидејќи во близина беше и школото на Елена, ја собравме и ја земавме со нас. Нејзе и беше презабавно, затоа што и бевме големи. Знам дека сестра ми би превртела со очи за ова „големи”, затоа што е баба уште од сега и се доживува себеси како баба што има право да мудрува колку сме ние „незрели” и слично, ама што ми е гајле за тоа? Се чувствував одлично. Друштвото пак ни беше цело, се зезавме, Марко глумеше љубоморен на келнерот што ми се насмевнал, се смеевме, Елена ги учеше да си ги кажат имињата на знаковен јазик и плус му кажа на Марко „да не биде глуп”, исто така со знак, (со показалецот и средниот прст во форма на буквата „V”, на чело) што Марко рече дека уредно ќе го запамти и ќе го употребува во иднина.

И така трескавме глупости некое време, додека не ја забележав Сара дека гледа некаде зад мене, па во мене и ми дава знак да погледнам позади.

И имав што да видам.

Стефан влегуваше, со Тијана. И во исто време, на нашата маса замре муабетот, што ми идеше на нерви. Зошто се однесуваме како да влегол некој битен?! Марко инстинктивно ме фати за рака под маса и не можам да објаснам зошто, не ни беше прв пат и веќе една недела глумевме пар, ама почувствував пеперутки во стомакот. Тијана не меркаше претпазливо 1-2 секунди и влезе внатре. Стефан, божем, дојде да се поздрави.

Значи, не е добар тој со паметот. Дојде да се поздрави како ништо да не било!

„Што има?” праша откако се доближи до масата.

„Еве, кафе,” строго одговорив јас. Стефан погледна во мене, па во Марко.

„Вие сте цареви,” ни рече. И на крај тивко, откако погледна во правецот каде што замина Тијана, ни шепна: „Фала.” И отиде натаму.

Истиот момент кога заврши муабетот, Марко и Елена се погледнаа и во исто време ги залепија показалецот и средниот прст на чело.

И пак се скрши цела маса од смеење.

Освен јас.

Да се објаснуваа зборовите во речник со слики од луѓе, сликата на Стефан ќе стоеше до зборот „ароганција.”

И до „самобендисаност”.

И „лажго”. Дури и жал ми падна за Тијана, без разлика што знаев дека со задоволство би ми истурила кафе во скут.

Стефан знае дека јас и Марко не сме стварно заедно. Не дека ми беше страв дека ќе каже, воопшто не му одговараше тоа, ама ме нервираше дека си дојде непоканет во нешто наше.

А кога неколку часа откако се вратив дома, ми стигна и порака од него, се избезумив.

„Сакаш пак да идеме некаде?”

Не, не е нормален.

Мисли дека таман сега, Марко „не покрил” и можеме да продолжиме?! Има ли памет? Има ли, уствари грам почит за девојка му?

НЕ! Дури и криво ми падна малку што, спасувајќи ме мене, го спасивме и него. Баш заслужил да му раскине Тијана, и тоа јавно, со лајв видео.

„Не,” кратко одговорив.

„Во право си, може е уште рано да се ризикува, малку сум под лупа :))”

Што бе, во право сум? Мисли дека нешто дискутираме дали да се видиме?

Го оставив на seen. Сто пати сакав да му изнапраќам згрозени емоџи.

И ете ти го пак, после некое време.

„Да не дозна кој го објавил видеото од нас?”

Ама Стефан, ние не сме другари, па да се допишуваме. Тргнав да пишувам „Не,” и да ми каже ако дознае, ама нешто ми светна и запрев. Така ќе има доказ на писмено дека потврдувам дека сме ние. Не знам од кај ми дојде оваа CSI идеја, ама среќно ја дочекав.

„Марко е на снимката.”

„А, да, да, добро,” врати Стефан и додаде уште неколку емоџи што се кинат од смеење. „Ако дознаеш, кажи ми.”

И го снема.

Немам друга работа, ќе се допишувам со Стефан.

Особено сега откако… Па добро, немам дечко, ама сигурно не сега откако за влакно се спасивме од еден куп незгодни ситуации, повредени луѓе и трач што засекогаш ќе ти остане залепен.

Се мислев што да правам вечерта. Дали да читам книга, или да гледам серија, или да снимам видео за Јутјуб (веќе имав 100.000 следачи!), или да си легнам порано затоа што бев прва смена. Одлучив, серија.

Додека барав на Нетфликс, ми текна пак на пораките од Стефан.

Ако дознаеш, кажи ми.

Да, со Марко спасивме ситуација, ама тоа ѓубре, машко или женско што реши да ми се замеша во животот - не го начекавме. Само го поразивме, затоа што ја избриша и снимката и тој чуден профил.

А ако ме чека да направам нешто ново? А ако го познавам, или уште полошо, ако ми е близок другар или другарка?

Ме полазија морници.

Најсериозно, кој ја објави снимката?!

Овде правиме пауза со Миа онлајн и следно гледање ќе ни биде на промоција на книгата „Јас сум Миа”! Едвај чекаме да ви покажеме како ќе изгледа, што ќе има внатре и се разбира, како завршува приказната <3 Следете го профилот на Миа на Инстаграм ќе објавуваме новости, датуми и се друго врзано со приказната. И за крај, се гледаме на промоција, дечки! 

@jassummia

by

@janamisho

Сите епизоди од ЈАС СУМ МИА може да ги прочитате тука.

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Можеби ќе ве интересира: