ЈАС СУМ МИА (Епизода 2.)
Епизода 2.
Како е можно? КАКО Е МОЖНО?
Не можев ни да сонувам дека ќе ми пише. Па уште откако видов слики со девојка. Па уште откако решив дека никогаш во животот нема да фатам дечко.
А сега така зјапав во телефонот, кој уште светеше од новата нотификација, правоаголна, со неговото име и зборчето:
Здраво :)
Што сака? Што да му пишам? Ако ја отворам, ќе има seen.
КАКО ДА ИЗДРЖАМ ДА НЕ ЈА ОТВОРАМ?!
Можеби сфатил дека ме сака мене…
Офффф, Миа, баш си глупава.
Како тоа сфатил?
Кога?
И зошто му текна баш сега кога има девојка?
Седнав на креветот и внимателно го отклучив телефонот.
Да отворам или да не отворам?
Ух.
Ќе отворам.
Се појави белата позадина и неговата порака.
здраво :)
Па, здраво Стефан, си помислив возбудено. Уште не се осмелував да одговорам. Прво, дишев длабоко и уште се собирав дека воопшто ми пишал. Второ, умирав од желба однапред да знам што сака, но бидејќи мајка ми и татко ми не ме родиле со телепатски способности, едноставно ќе морав да дознаам на потешкиот начин.
Да одговорам на пораката.
И токму кога сакав да почнам да пишувам, ете ти го пак.
?
Ми пиша прашалник.
ЗОШТО МИ ВРШИ ПРИТИСОК.
Смири се, Миа, никој не ти врши притисок. Диши длабоко. Ди-ши.
Здраво, му пишав и јас.
Хипервентилација.
Како си?
(Еве полудувам!)
Добра. Ти како си?
пишува…
Еве, учам биологија.
А да. Утредента сите требаше да правиме тест биологија. Професорката е супер и дава список од прашања што треба да се научат и после некои од тие се паѓаат на тест.
И сега што? Што да одговорам на тоа?!
Па, многу рано :) :)
Глупости, Миа, глу-пос-ти.
Е, тоа е. емоџи што плаче од смеење. емоџи што се држи за глава.
Леле, леле каков длабок муабет правиме, просто да ни завидува Едгар Алан По. Кога сме кај По, имав домашно за „Гарванот.” Заборавив да го напишам. Утре на одмор ќе го напишам.
Еве го пак пишува.
(ЌЕ МИ ИЗЛЕЗЕ СРЦЕТО НИЗ ГРЛО!)
А бе, таа сликата што ти е со црвената маица, со Мики Маус…
Леле. Леле. Ми ги гледал сликите од пред неколку месеци.
…кај си сликана?
Ама има девојка, кај ми лета паметот?!
Во Амстердам, му пишав. Чичко ми живее во Амстердам и бевме за Нова година.
пишува…
Еј, јако.
И сега си ќутиме. Јас глупава не знам што да кажам, а веројатно ни тој не знае што да каже. Може навистина му се допаѓам? Може не знае како да ми каже? А девојка му?
Немам време сега да ми биде жал за девојка му.
МИ ПИШУВА Стефан! ЗНАЧИ ВАКА БИЛО ЧУВСТВОТО!
пишува…
Да те прашам нешто…
Сака да ме праша нешто. Штооооо.
Дали сум слободна утре да пиеме кафе?
Дали го сакам? (ДА!)
Дали ми се допаѓа? (НАЈ ДА!)
Дали мислам дека е совршениот, најубавиот, најслаткиот…
Ги имаш прашањата за тестот биологија?
Пак се треснав на кревет.
Значи за тоа ми пишал. Ни му се свиѓам. Ни ме сака. Ни сака онака да си правиме муабет. Само беше фин, како вовед, за да ме праша дали ги имам прашањата биологија.
ТРЕБАШЕ ДА МИ ТЕКНЕ.
Никогаш веќе не се заљубувам. Мразам машки. Го мразам и него.
Збес.
А сепак, морав да се приберам. Не смеам да покажам дека сум збесната и сакам да го изгризам од бес. Морам да се однесувам како да не сум испланирала цела заедничка иднина, додека го гледав неговото typing.
Само кратко му пишав: да.
Еј супер, пиша тој. Ќе ми ги пратиш на мејл?
Да.
Еј, Миа фала. Закон си :)
(Ќе ти кажам јас тебе закон.)
:)
И ми го пиша мејлот.
И му ги пратив.
И никогаш ништо нема да му прозборам. Да бе, ќе се нервирам за еден мочко. Што не го ни интересирам. Што немаше ни да ми пише, да не му требаа прашањата.
Па баш од мене ли најде?
Што не си ги побара од девојка му?
„А не ти текна,” ме замисли Сара наредниот ден во школо, „дека баш од тебе ги побарал затоа што има тука нешто?”
„Што може да има бе, Сара?” негодував јас.
„Па, можел да ги побара од другар. Можел од Мартина еве, најдобра другарка му е, а сигурно ги има. А?” Ги измрда Сара победнички веѓите.
Сара само ме малтретира. Таман одлучив дека нема да ме интересира Стефан. Таман решив дека ќе посветам време на себе и нема да се замарам со никого. И сега Сара пак ме враќа во таа збунета, глупава состојба.
„Да ти кажам, Сара, баш ми е гајле,” реков, бутајќи го последното парче чоколадо во уста. „Доста ми го спомнуваш.”
Заврши големиот одмор и влеговме внатре во школото. Требаше да имаме баш биологија и да правиме тест. Се испрашувавме во ходник и ја чекавме професорката. Кога дојде, седнавме, ни ги подели тестовите и кога го видов првото прашање, знаев дека нема да имам никаков проблем. Почнав да одговарам и смирено пишував додека не се слушна тропање на вратата од училната.
Не смеам да изгубам концентрација.
„Професорке, извинете што ве прекинувам, мислам дека си го заборавив дуксерот, може да проверам?” рече еден познат глас, додека јас бев задлабочена во листот пред мене.
Срцето ми отиде во петици. Зошто секогаш кога ќе се појави тој што ти се свиѓа мора така да ти се сечат нозе и да ти се блокира мозокот?
Бавно ја кренав главата и со поглед го следев како оди кон третата клупа во средната редица и вади дуксер од под клупа. Убавиот, виолетов дуксер во кој очите му беа најубава сина боја.
Ме забележа дека го гледам и ми се насмевна најмило на свет, и толку беше убав, што мислам дека се заковав за столчето. Се надевам дека фацата не ми била ужасно глупава. Се упати кон вратата и пред да ја затвори, се сврте, уште еднаш ме погледна, ги крена палците и ми шепна: „СО СРЕЌА!”
И ја затвори врата.
Конечно го испуштив воздухот што го насобрав, заборавајќи да дишам.
КАКО СЕГА ДА ГО ДОРЕШАМ ТЕСТОТ?!?!?!!?!!?!?
by
Првата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.