ЈАС СУМ МИА (Епизода 3.)
Петок. Мајка ми и татко ми во 13 ч. летаат за Амстердам. И тоа буквално секое нивно одење е едвај излегување од дома - најмногу затоа што татко ми секогаш, ама секогаш мора да го носи неговиот контрабас, затоа што скраја да е да пропуштат да свират со чичко ми заедно таму. Чичко ми, инаку, свири труба во Кралскиот оркестар во Амстердам, а татко ми свири контрабас кај нас во филхармонија. А кога се заедно свират џез. И знаат да бидат досадни до разденување.
Тоа не е всушност толку важно.
Важното е:
Јас ќе бидам сама дома.
Односно, така би сакала. Реалноста е дека дома ќе останам со сестра ми и со брат ми. Сестра ми што е втора година на факултет и има некаков чуден дечко со пунџа, округли очила и брада само… на брада. Она, без бркови. Како douchebag. Знаете како го викаат?
Брада.
Ќе повратам.
И ќе биде нонстоп кај нас.
И се разбира, ќе останам и со брат ми што е деветто одделение и е отров-досаден. И неговите отров-досадни другари ќе седат цели денови кај нас и ќе викаат над Фортнајт.
Ах.
Колку ќе беше убаво сега да бев во врска со Стефан и да си седевме во неговата соба и да си гледавме филмови… Немаше да морам да ја слушам Јована како се кикоти во нејзината соба со глупавиот дечко, или да морам да му тропам на Јаков да престане да урла во микрофонот додека игра онлајн.
Ќе си лежевме и ќе си гледавме филм… Или серија… Која серија би му се гледала на Стефан сега?
Сликата од мене и Стефан како гледаме серија кај него на лаптоп ми се распадна со ѕвонењето на телефонот.
Сара беше.
„Да доаѓаме?” возбудено ме праша наместо поздрав.
„Да доаѓате!” весело одговорив јас.
Всушност, ќе престанам да се замарам со Стефан, кога ќе размислам.
Бевме договорени да дојдат Сара, Тамара и Ивона кај мене, да нарачаме пица, да гледаме филм, да се дотераме, да излеземе, да седиме до сабајле и после да спиеме кај мене. И наредниот ден исто.
И многу ми е ќеиф што е Јована постара и на нејзе паѓа товарот да го проверува Јаков. Јас не ни морам да се замарам со тоа.
Половина час подоцна, седевме во кујната со големи шолји кафе со сите можни шлагови и чоколадни преливи во нив и муабетевме.
„Миа веќе не го сака Стефан, знаете?” зајадливо рече Сара.
Другите прснаа да се смеат.
„Ако, ако, смејте се,” одважно реков јас. „Ќе видите вечер кога ќе си фатам нов дечко.”
„Дека имаше и стар,” се кикотеше Тамара.
„Па имав…” реков јас. „…во петто!”
„Ниноооооооооо!” во ист глас викнаа Сара и Ивона. Ние три учевме во исто одделение во основно и Нино учеше со нас. Нино ми беше прв бакнеж… во образ. После во деветто имав еден дечко, Оливер, од друго школо, и со него ми беше првиот вистински бакнеж. И не беше ништо посебно. После две недели сфативме дека можеме да бидеме само другари и божем, раскинавме. И уште се дружиме и сега Оливер и е дечко на Тамара.
Сестра ми тврди дека сите мои дечковци се жива глупост и дека тоа не биле дечковци и дека врска сум немала. Па, не може на сите да ни биде дечко Брада.
На сред муабет, во кујната влетаа Јаков и уште двајца негови другари, развикани, возбудени поради нешто, земаа два чипса од една фиока и се вратија назад од каде што дојдоа. Ние тоа го истрпевме во тишина.
„Ајде да гледаме филм,” предложи Тамара.
Пица, филм и неколку часа подоцна веќе се спремавме за излегување. Бев решена дека веќе нема да губам време на Стефан. Има да си најдам нов симпатија вечер и точка. Ќе биде и поубав и попаметен.
„Оливер не ми се јавува,” ја прекина Тамара тишината додека се шминкавме.
„Е, добро де,” реков јас. „Сигурно прави нешто во моментов.” Беше чудно да се почувствува таа загриженост во гласот на Тамара, со оглед на тоа што со Оливер беа заедно милион години (една година и два месеци) и не мораа да се слушаат на секои две секунди како што е вообичаено кога си два дена со некого.
„А колку време го нема?” праша Сара.
„Па последен пат ми пиша сабајле, пред школо,” се замисли Тамара. „Па после школо ми се јави на кратко, ама ич не зборувавме… и сега требаше да се договориме дали ќе одиме на исто место и не ми се јавува.”
„А бе, ќе ти се јави,” ја уверувавме ние. И стварно бевме убедени дека нема потреба од грижи.
„Ама и во последно време, така…” рече Тамара, сега уште позамислена. „Поретко се слушаме, не зборуваме со часови…”
„Добро, сега, Тамара!” строго рече Сара. „Кога луѓето се долго време во врска, не може да се слушаат на секои пет минути. Помисли на тоа дека со Оливер ви е толку удобно и стабилно во врската, што сега не мора да се потресувате на секој пократок разговор!”
„Па, во право си,” се расположи Тамара, па се исправи пред моето огромно огледало. „Готови ли сме?”
„Аха,” реков јас, завршувајќи со карминот. „Ајде.”
Бевме супер расположени. Од таксито до кафулето се сретнавме со еден куп луѓе. Од тој куп, видов и неколку симпатични дечки.
Каков Стефан, какви бакрачи.
Баш ми е убаво.
Требаше само уште да се најдеме со Давид и Марко и цело друштво да биде собрано.
Таа вечер решивме да не одиме во истото кафуле каде што одиме секогаш. Решивме да пробаме ново. Новото се викаше Pillow Talk. И финтата му беше дека не се седеше на столчиња, и коњопои, туку имаше ниски масички и перници околу нив, насекаде низ просторијата, затемнето, со свеќи, како за пред спиење.
Само што, никој не носеше пижами, туку полна опрема од штикли, фармерки и шминка.
Кога влеговме, ни стана јасно дека ги знаеме скоро сите што беа испоседнати и исполегнати по перниците. На една маса беше едно цело машко друштво од II-4. Три девојчиња што ги познававме од III-2, на друга. На трета не чекаа Давид и Марко.
А имаше и една маса повнатре, посокриена.
Таму седеше Оливер гушнат со друга девојка.
Оливер на Тамара.
Се свртев да видам дали забележала, ама Тамара ја немаше. Кога се свртев назад, видов дека веќе стои над нив, со еден страшен израз на лицето.
Знаев дека следува драма.
Изгледа мојот замислен нов дечко ќе мора да почека.
by
Втората епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Првата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.