КАКВО ОБРАЗОВАНИЕ ИМААТ НАШИТЕ ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ?

КАКВО ОБРАЗОВАНИЕ ИМААТ НАШИТЕ ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ?

Конкретното формално образование не значи секогаш и иста професионална определба. Многумина учат едно, а работат нешто сосема друго. Доказ за тоа се и познатите од македонската естрада. Списокот со такви „нереализирани“ кадри е прилично долг, а ние одбравме неколкумина

Македонскиот хипхоп-артист Марко Маринковиќ-Слаткаристика има диплома за меѓународен маркетинг и менаџмент. Елена Ристеска дипломираше на Катедрата за италијански јазик и книжевност, а на државниот филолошки факултет „Блаже Конески (англиски јазик и книжевност) студираше и Каролина Гочева. Панчо од „ДНК“ е дипломиран економист, а фолк-пејачката Татјана Лазаревска, дипломиран професор за предучилишно воспитание.

- Отсекогаш сакав да бидам учителка и тоа баш во градинка. Кога завршив средно, кај нас сѐ уште Педагошки беше академија со две години и моите родителии беа согласни дека имам капацитет за многу повеќе. Не по моја волја, почнав да студирам англиски и италијански јазик, но во меѓувреме Педагошки стана факултет. Без да знаат мајка ми и татко ми ги повлеков документите од филолошки. Ние бевме прва генерација, полагавме приемен испит и имав солидни резултати, а мојот индекс беше со реден број 14 – откри во едно интервју Лазаревска.

Популарниот водител Виктор Петров -Викса се определил за насочено средно образование. Тој е правен техничар, а пред неколку години се запиша на отсекот Дипломатија на МИТ Универзитетот. Неговите колешки Снеже Велков и Лила Стојановска освен што работат во иста телевизија, имаат уште една заедничка „слабост“. И двете матурирале во средно медицинско училиште. Лила ја одбиле на медицинскиот факултет и сега е дипломиран филолог по македонски јазик и книжевност. За Снеже, пак, стоматологијата не била опција уште од самиот почеток.

- Сакав и да работам и да студирам, а со стоматологијата тоа е невозможно. Забен техничар станав по желба на татко ми иако медицината никогаш не ме привлекувала – објасни во една прилика Велков која е дипломиран професор по италијански јазик и книжевност.

Легендарниот радиоводител Драган Б. Костиќ откако завршил гимназија во „Јосип Броз Тито“ поради желбата на татко му се запишал на машински факултет, но по првата година сфатил дека тоа никогаш нема да му биде примарен интерес. Знаел дека е подобро навреме да се откаже.

- Факултетот за интердисциплинарни науки (новинарство) тогаш не ми претставуваше предизвик, а подоцна, за жал, веќе не можев да пронајдам образовна институција која ќе ги интегрира сите мои интереси. Се препуштив на самообразованието во многу сфери. Не згрешив, иако со било која диплома (дури и марксизам) денес ќе имав барем поголема пензија – неодамна раскажа Костиќ.

Само со гимназија е и познатиот музички автор и продуцент Александар Масевски. Сакал да студира на конзерваториумот во Амстердам, но професионалните ангажмани во холандската музичка индустрија во тоа време му помогнале да сфати дека тој дел од потребното образование може да го добие и директно преку пракса. Масевски како автор двапати има потпишано ексклузивен договор со „Сони мјузик“ и „БМГ Мјузик “.


Можеби ќе ве интересира: