Ќара и возот од стакло (Епизода 10)

Ќара и возот од стакло (Епизода 10)

Огнен

Најмила Ќара,

Би сакал да имам храброст како твојот таен испраќач да ти го дадам писмово, но иако е истово адресирано и наменето кон тебе, ова ќе биде моето најголемо богатство. Утре јас, ти и човекот кој веројатно е твој татко ќе одиме во Париз, градот на љубовта. Не можам да заспијам, не можам, а да не си ја отворам душата пред тебе, пред себе...

Те сакам, не како другарка, не како сестра, те сакам како што еден маж сака некоја жена, те сакам со целово мое срце и повеќе. Моето срце ти припаѓа тебе уште од првиот момент кога се сретнавме во стариот воз. Твојата дива, прекршена, виолетова коса, твоите остри и бујни веѓи, твоите очи, твоите усни...Ех, нив најмногу ги посакувам. Се чуствувам како да сум те изневерил уште тогаш бидејќи јас не те гледам како најдобра другарка, моето око во тебе гледа страст. Те посакувам и вечно ќе копнеам по тебе, но проклетство, немам храброст ова в очи да ти го кажам. Се плашам... Мислам дека ќе те изгубам, засекогаш. Иако навидум се знаеме многу малку, јас сум твој од денот кога првпат се сретнавме па се до крајот на моето постоење. Не те сакам само физички, ти ме привлекуваш секако. Твојата љубов кон уметноста, жарот со кој зборуваш за книгите, посветеноста кон деталите, ти Ќара, ти ќе бидеш мојата вечна Муза. Изгледа не возможно, лажно и сосема детски, но како се сака поискрено ако не детски, со чисто срце? Не ми е грижа за никој, јас те сакам, засекогаш ќе те сакам, но не знам дали ти тоа некогаш ќе го дознаеш. Ќе бдам шепотот во ноќта и ќе ти го мирисам вратот, ќе бидам зрак светлина за да ти го мазам лицето, ќе бидам сè само за да бидам со тебе.

Ќара моја, колку сакам да те наречам моја, да можам да ти ја тргнам косата позади ушето, да можам да ти ја допирам устата, да можам да ти ја осетам кожата, да можам да ти дишам во вратот додека танцуваме на полна месечина, но не можам, стравот е поголем од мене. Подобро да те имам некако, отколку да те немам никако. Јас ќе те сакам мила моја од далеку, но со иста страст и со ист пламен... Те сакам Ќара, те сакам најмила моја.

Твојот Огнен

Деветата епизода од оваа неверојатна приказна, може да ја најдете ТУКА.


Ивона Марковска- Нона, 16 години, ученик во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, автор на „Пронаоѓање“- самостојно издадена книга и „Аурора“- издавачка куќа Култура. Исто така автор на приказната „За да те пронајдам“, како и на голем број колумни и текстови. Го уредува и инстаграм профилот @a_soul_of_paper

Можеби ќе ве интересира: