Марија Палоска: Моите креации ги споделуваат Лила, Елена Ристеска, Марјана Станојковска, Тамара Тодевска, Сергеј Варошлија...
Марија Палоска е млада, талентирана и креативна девојка која стана препознатлива по своето хоби – уникатните модни илустрации.
За себе вели дека е обичен Маркетинг студент и илустратор. Има 19 години и е втора година на Економскиот факултет во Скопје, инаку доаѓа од Охрид (Пештани).
„Уште како мала, од кога паметам за себе, обожавав во тетратките да цртам некои си мои фустани. Она што ќе го видев на ТВ уште истиот ден го прецртував. Тоа го правев пред да бидат познати социјалните мрежи (кога имав 5/6 години) и наместо како сега што ги објавуваме фотките на Инстаграм, цртежите се чуваа во тетратки и листови и обавезно потоа одеа во рацете на гостите дома... Кога веќе станаа популарни социјалните мрежи, решив да направам Инстаграм профил каде ќе бидам повеќе посветена и попрофесионална иако сè уште учам нови работи и се трудам да ги усовршам старите. Би сакала да ја споменам Елена Лука, таа е моја најголема мотивација и инспирација.“, открива Марија.
Таа вели дека дека инспирацијата ја црпи одлуѓето што ја опкружуваат: „Ме инспирира нивниот стил, нивниот однос, оригиналноста и креативноста. Ориентирана сум повеќе кон македонската публика, нашите познати личности кои секојдневно ги гледаме и се воодешуваме од креациите кои ги носат.“
Ако го посетите нејзиниот Инстаграм профил ќе може да ги разгледате сите нејзини илустрации. „На мојот профил можете да пронајдете и некоја моја креација (само на илустрација бидејќи сè уште не се креаират во живо). Преку моите илустрации сакам да го истакнам најдоброто од стилот на облекување во нашата земја.“, вели Марија.
„Освен на мојот профил секако дека илустрациите може да ги најдете на инста стори или Инстаграм профилите на Лила Филиповска, Елена Ристска, Марјана Станојковска, Тамара Тодевска, Xenia, Сергеј Варошлија и сл. Драго ми е кога ќе видам дека им се допаднало она што сум го нацртала и што можам со тоа да мотивирам и охрабрам некој да го направи истото. Често добивам позитивни пораки и барање за совети во оваа област и се трудам на најдобар начин да ги инспирирам дополнително. Битен е и негативниот feedback. Подобро негативен feedback отколку никаков. Критиките ги ценам како комплементите. Можеби и тоа е клучот кон целта.“
Таа прави и персонализирани илустрации, па цртежите често завршуваат во рацете на некои од познатите личности кај нас.
„Сакам да направам луѓето да се чувствуваат убаво и посебно на илустрацијата баш онака како што се. За персонализоирани илустрации најчесто имам барања кога станува збор за родендени. Имав прилика да подарам моја илустрација на уредничката на списанието У&З, на роденденот на списанието. Мои 2 илустрации може да видете и во студиото на @makeupmeri.“
Доколку ви се допаѓаат нејзините илустрации следете ја на: @m_illustrations23