Матеј, Никола и Војдан креираа едукативна, вселенска игра: За „Спејсополи“ сакаме да чуе цела вселена!

Матеј, Никола и Војдан креираа едукативна, вселенска игра: За „Спејсополи“ сакаме да чуе цела вселена!

Матеј, Никола и Војдан создадоа едукативна, вселенска игра наречена „Спејсополи“, инсприрана од позната игра „Монопол“, со која го освоија првото место на неодамна одржаниот NASA Kids Space Challenge во i- bank store на Стопанска Банка АД – Скопје. Тројцата млади љубители на планетите за Hashtag.mk открија како настана оваа игра и што им било инспирација да ја создадат.

„Инспирација ни беше играта „Монопол“ која откако ја научивме, сите тројца заедно ја играме, но секако дополнителна инспирација ни беа планетите и вселената за кои исто така сме многу заинтересирани.“, ни откри Матеј Костов, кој има само 10 години. 

Идејата да се пријават на еден настан како NASA Kids Space Challenge им дошла сосема случајно.

„Секогаш се пријавуваме на секакви настани и работилници. Сме учествувале и порано и сами, но и тимски. Оваа беше малку поразличен предизвик од другите. Ни беше ептен интересно додека ја изработувавме играта.“, ни откри десетгодишниот Војдан Чушков. 

За да ја изработат оваа игра немале потреба од многу материјали, но затоа пак им било потребно време.

„Користевме материјали за работа како картони, глина, фломастери, хамер, украсни ленти, пластични топчиња и др.“, вели Матеј.

„Спејсополи“ не е комплицирана игра, а во неа верувале или не може да купувате планети. Еве како Матеј ни ги објасни правилата:

Правилата на играта се следни: може да играат 4-6 лица, се игра со две коцки, но наместо да се купуваат улици или објекти како во „Монопол“, во нашата игра „Спејсополи“ се купуваат планети, кои ние сами ги измисливме и именувавме. Доколку не се одговори некое прашање точно, се упатува играчот до затворот ВЕНЕРА. Ја одбравме токму Венера за затвор затоа што е планета со највисока температура и има најтешки услови за живот, тешко би се преживеало. Прашањата ги поставивме и смисливме самите од нашето знаење, од она што го имаме учено на училиште, како и од она што имаме читано за вселената и планетите. Валутата во оваа наша игра ја нарековме „спејсомани“ и има посебен симбол односно ознака.“

Деветгодишниот Никола Костов, кој е најмал во тимот, пак ни ги откри нивните желби за во иднина. Тој кога ќе порасне сака да стане научник, за Матеј ни откри дека сака да биде актер, а Војдан пак инженер или астронаут.  Нивна желба е еден ден успеат да заминат на некоја мисија на Месечината, но нивниот најголем сон е сите деца да слушнат за нивната игра.

„Би сакале сите деца во светот да ја играат и да учат од оваа наша игра“, ни откри тој.

За крај Војдан ни откри како според нив би изгледал животот на Земјата во иднина.

„Па, мислам многу различно од она како е сега. Со роботи и многу технологија. Како видео игра.“

Б.М.


Можеби ќе ве интересира: