Млади струмичани кои воодушевуваат со своите вокални способности: Некои од нив го покорија и Балканот (ВИДЕО)
Некои веќе го обезбедија своето место на естрадното небо, други допрва се борат за него...
Доколку порано беше многу потешко една млада личност да се пробие и да обезбеди свое место на естрадното небо, денес тоа е многу полесно. Тука се социјалните мрежи, кои се одлични за самопромоција, каде е доволно само да се биде различен, но никако не смееме да ги заборавиме и музичките натпреварувања - како македониските, така и оние регионалните.
Влатко Лозаноски, Александар Тарабунов, Елена Ристеска, Ламбе Алабаковски, Александар Белов, Сара Мејс и многу други се само дел од познатите кои ги искористија своите 5 минути популарност и денес можат да се пофалат со долгогодишни музички кариери. Токму тие се доказ дека музичките натпреварувања, па дури и оние македонските, навистина можат да ѝ помогнат на една млада личност да го оствари својот сон.
Во последно време, во Македонија не се организираат музички натпреварувања, каде младите надежи би ги покажале своите квалитети, па така многу од нив се решаваат тоа да го направат во соседна Србија. Моментално најактуелно е музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“, но не смееме да го заобиколиме ниту „Ѕвездичките на Пинк“. Во овие две натпреварување се претставија навистина квалитетни изведувачи, а ние денес решивме да ви ги издвоиме оние кои доаѓаат од Струмица, градот кој помеѓу Македонците е познат по најдобриот ноќен живот.
Во продолжение погледнете кои млади музички надежи ѝ се претставија на публиката, која веднаш падна како нивните вокални способости, така и на нивниот шарм:
# Трајче Ѓоргиев
Во првата сезона од музичкото натпреварување на „Ѕвездичките на Пинк“ вицешампионското место го освои струмичанецот Трајче. Уште во првата се издвои од останатите и освен жирито, го освои и целиот Балкан, за што сведочи и неговиот успех во шоуто.
Денес, тој е студент, се занимава со музика и сите со нетрпение очекуваме да објави своја авторска песна.
# Драгана Костова
Драгана е девојката која во минатата сезона на музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“ ги освои сите. Беше дел од тимот на Марија Шерифовиќ, а нејзиното неискуство го наплати данокот, поради што не успеа да влезе во големото финале.
Денес, таа постојано споделува обратки на песни од други познати изведувачи, а дали пред да објави своја авторска песна ќе се натпреварува уште во некое натпреварување останува да видиме.
# Ангела Котуровиќ
22-годишната Ангела ја запознавме во овогодишнената сезона на „Ѕвездите на Гранд“. Уште при првите стихови го освои жирито, а според коментарите на публиката, голем број обожаватели има од целиот регион.
Иако сега се подготвува за третиот круг, многумина ѝ предвидуваат светла иднина и голем успех во шоуто.
# Славица Ангелова
Оваа струмичанка веќе има искуство во неколку натпреварувања. Некогаш се натпреваруваше во „Неки нови клинци“, а денес им пркоси на сите на голема сцена во „Ѕвездите на Гранд“.
Сите се воодушевени од нејзините вокални способности, а нејзиниот ментор, Ѓорѓе Давид веќе истакна дека Македонија треба да биде подготвена, бидејќи Славица сигурно ќе заврши во финалето.
# Александра Јанева
Иако таа е веќе голема ѕвезда во Македонија, никако не смееме да ја заборавиме пејачката Александра Јанева. Нејзините настапи се едни од најпосетуваните, барем кога се младите македонски изведувачи во прашање.
Неа, публиката ја запозна од музичкото натпреварување „Сите наши песни“, каде ги покажа сите квалитети со изведбата на најпознатите балади од македонските поп пејачки.