Момчиња и девојчиња: Нина и Јован
-“Ама побрзај веќе еднаш!”-Нина луто тропа на вратата од купатилото. Однатре се слуша шум на вода и пеење. Јован воопшто не се вознемирува дека сестра му веќе 20 минути вика за да излезе оттаму. Впрочем, тој е 9-то одделение, а тие се најстарите во училиштето и најкул. Уште еднаш ја подместува фризурата и излегува низ врата, додека Нина го гледа со секавици во очите: “Значи, како девојче си! Да не се лакираше внатре”-со тресок ја затвора вратата зад себе, додека Јован ја одминува без збор и си свирка.
Мајка им во кујна ги спрема сендвичите за во училиште и превртува со очи. Секое утро откако започна новата учебна година, се води борба за користење на купатилото. Мора да се направи распоред, размислува таа, инаку ќе се истепаат некој ден. Околу нејзините нозе се мота Бак, златниот ретривер, кој се надева дека ќе ја има таа среќа од сендвичите некако да падне вкусно парче кашкавал и со опашот ја удира по ногата како да сака да ја потсети дека е тука.
-“Стрпи се Бак”-вели мама-“Почекај да излезат низ врата овие викачиве и ќе одиме на прошетка, а и ќе купиме храна за тебе попатно”. Бак ја гледа со разбирање и легнува до вратата, ама сепак доволно блиску за да скокне, ако случајно падне тоа сонуваното парченце кашкавал.
“Мамооооооооо, му ставивте просо на Кики?”-преку две соби вика Нина. –“Да знам дали да му ставам за јадење, бидејќи веќе не личи на папагал, туку на кокошка. Кој стигне, му става храна”. Тато влегува во кујната и ја бакнува мама, се наведнува да го почеша Бак зад ушите и се издишува:
-“И денес војна, м? Ајде, ајде, ќе го преживееме тинејџерството. Имаме само уште....хммм, многу години”-мрмори додека става кафе во термосот –“Дечкииииии, кој е спремен-спремен е, јас тргам. Ако не, одетепеш или со автобус”-и’ намигнува на мама и ја отвора вратата од станот.
Нина и Јован со трчање ги грабаат сендвичите и излетуваат низ врата (нормално) туркајќи се кој ќе е побрз, а мама му вели на Бак:
-“Слушаш? Тишина, конечно. Заборавија и да ме бакнат, демек големи биле. Туку, да се спремам и да излеземе, оти и јас треба да одам на училиште. Среќа што не сум им наставничка на овие двајца немирковци”.
Во автомобилот на тато, расправијата продолжува околу музиката. Тато ја презема ситуацијата во свои раце, ја мести радио станицата и со намуртен поглед ги гледа во ретровизорот. Нина и Јован ставаат слушалки на ушите и секој гледа низ прозорецот од својата страна на седиштето.
Автомобилот застанува, а двајцата излетуваат низ вратите.
-“Чао тато, фала на возењето, убав ден да имаш”-се зборува тато тивко во празниот автомобил, додека ги гледа како туркајќи се со лактите, заминуваат накај училиштето.
“Абе не се туркај и престани веќе еднаш да се правиш паметен”-луто шепоти Нина. Јован се смее и попатно се поздравува со сите другари. Ехееееее, 9-то одделение, се смее мангупски. Кај вратата стојат Филип, Борјан и Сергеј, неговите најдобри другари и како што сами се нарекуваат “соучесници во белјите”. Блиску до нив, стојат Марија, Теди и Ина, кои ја чекаат Нина и си ги покажуваат новите маски за мобилните телефони.
-“Ајде бе брат!”-нестрплив е Борјан, како и секогаш. Бојан се поздравува со нив, со имитација на боксерски чекори, а пред нив Нина се гушка со другарките и полека се упатуваат кон влезната врата во училиштето.
-“Каков е планот за денес после училиште?”-прашува Теди.-“Ќе се шетаме на плоштад или одиме на сладолед?”. Ина, уште поспана и’ вели: -“Почекај да поминат часовите, уште спијам и не можам да размислувам”.
Зад нив одат Јован и другарите, жестоко расправајќи за синоќешниот фудбалски натпревар. Влегувајќи низ вратата, Сергеј ја пружа раката и ја потегнува Теди за плетенката.
-“Ќе те кажам на мама...и на тато. И ќе видиш дали ќе си го најдеш утре телефонот”-му се врти Теди и му се заканува. Сергеј се смее и ги крева рацете во знак на помирување.
-“Уффффффффф, колку ме нервира”- вели Теди-“Ич не сакам да имам брат, сакам сестра. Да можеме да си позајмуваме облека, па понатаму и шминки....ах”- се смешка, замислувајќи како би било.
-“И мене денес Јован ме извади од кожа”-се пожали Нина-“Едвај чекам да заврши 9-то и да не го гледам барем во училиштево”-се издишува.
-“Чао мали девојчиња”-им довикува Филип, додека Јован, Борјан и Сергеј се кикотат.
-“Чао досадни момчиња”- се плази Ина.
Заминуваат во различни училници. Одејќи и смеејќи се со Ина, Нина се врти назад и срамежливо го погледнува Сергеј, кој и’ го лови погледот и и’ намигнува.
Заруменета во образите, Нина се сопнува и за малку ќе паднеше врз Марија, која нагло застанува за да се поздрави со една сосетка која учи во другото одделение.
-“Извини”-се засрамува Нина-“Бев загледана на друго место”-подголтнува, додека уште повеќе се заруменува.
Ѕвончето ги расонува сите. Ходниците се празнат. Почнува нов ден.
-ПРОДОЛЖУВА-