Наш фокус е развојот на учениците: Тања Јовановска, директорката на „Дрен“ за предизвиците кои ги најавува новата учебна година
Деветтоодделенците деновиве треба да ја донесат една од клучните одлуки во нивните животи. Имено, за две недели, поточно на 14 јуни започнуваат уписите во средните училишта, а дотогаш полу-матурантите треба да донесат одлука каде ќе го продолжат своето образование – дали во гимназија или пак во некое од средните стручни училишта во нашата држава.
По тој повод, поразговаравме со Тања Јовановска, директорката на СЕПУГ „Васил Антевски – Дрен“, која ни посочи дека оваа година училиштето ќе ги отвори вратите за 476 нови ученици, по 238 ученици во профилот економски и правен техничар.
Додека сè уште очекуваат насоки од надлежните институции за почетокот на новата учебна година, директорката ни најави кон кои новини ќе ги воведе ова стручно училиште од септември.
„Воспитно образвониот процес бара континуирано осовременување на наставата согласно потребите за нејзина модернизција, со цел реализација на новите наставни програми кои произлегоа од модуларното стручно образование, вклучувајќи го учењето работа кај работодавач.“ – истакна таа, а потоа се надоврза:
„За учениците кои се надеваме дека ќе ја почнат учебната година 2021/2022 со физичко присуство, ќе направиме сè за да се прилагодат на секојдневието во кое училишната клима и култура е во насока на сигурно, безбедно и динамично училиште, а фокус е развојот на нашите ученици.“
Иако, до крајот на оваа учебна година останаа помалку од 10 дена, директорката на „Дрен“ смета дека и во услови на пандемија и „онлајн“ настава успеале да го задржат вниманието на учениците, но и заедно да работат на зачувувањето на менталното здравје и прилагодувањето на „новото нормално во наставата“.
„ Согласно ситуацијата успешно се прилагодивме на условите кои ги диктираше пандемијата , наставниците и учениците ги совлада новините во начинот на работа и учење, и посебно сме горди на влијанието на обуките за наставниците и учениците со цел зачувувајте на менталното здравје и прилагодување на „новото нормално во наставата“. За да ја задржиме мотивацијата кај учениците, во виртуелните училници поканивме реномирани, наши минати ученици кои денес се успешни во своите професии (амбасадори, сопственици на компании, јавни личности, спортисти). Истите одржаа предавања и мотивациски говори, низ кои предизвикот на новото време го амортизиравме како проблем кој бара предзвик, кој не е нерешлив, но бара решение во интерес на сите.“
Оваа, но и изминатите години, ова училиште на своите ученици им даде можност да учествуваат во многу обуки, да бидат дел од многу проекти и други активности, со цел зголемување на работните вештини на учениците.
„Сите обуки кои ги реализираме се на наша иницијатива , но и ги користиме сите понудени обуки од други провајдери за да ги зголемиме работните вештини на учениците за да можат успешно да се вкличат на пазарот на трудот, но и да можат да го продолжат своето натамошно академско образование. (Реализиравме обуки од јавно говорење, финансиска писменост, изработка на бизнис план, развивање на кариерен развој, справување и спречување на насилство во училиштето, обуки за еко проекти и општествена одговарност,социјално претприемништва, емоционална грижа на адолесцентите во време на пандемија, техники и стратегија за ефикасно учење). Во рамките на ЕРАЗМУС ПЛУС проектите кои ги спроведуваме во нашето училиште (во моментот се 8 проекти) учениците имаа можност да следат обуки за дигитални вештини и програмирање, роботика и кодирање и медиумска писменост.“ – истакна директорката на училиштето, а потоа додаде:
„Секако дека сите горенаведени активности придонесуваат за промоција на училиштето и негово препознавање во образовниот процес. Тоа се должи на нашите минати, сегашни и се надеваме во иднина на идни успешни членови на општествениот живот на нашата земја.“
Ниту матурантите не останаа заборавени. Пандемијата можеби ги спречи да се организира голема матурска забава, но затоа училиштето ќе се погрижи да им организира доделување на дипломите со церемонијално одбележување.
„Нашите матуранти константно ги мотивиравме да одговорат на претстојните предизвици за успешна реализација на учебната година. Ги сменивме навиките на живот и социјална дружење, но се подготвуваме доколку дозволат условите од МОН и Министерство за здравство во училишниот двор да организираме доделување на дипломите со церемонијално одбележување за што го известивме Советот на родители и од нив ја добивме целата поддршка.“ – ни откри за крај директорката Тања Јовановска.
И.М.