Насмеани скопјани, едуцирани млади: Учениците од „Дрен“ заедно со ЈСП, го одбележаа патронатот на училиштето со општествено одговорна акција
Денес, на 28 октомври, СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, го одбележува патронатот на училиштето. По тој повод, учениците и директорката на училиштето, м-р Тања Јовановска, на иницијатива на ученичката заедница на училиштето и во соработка со ЈСП – Скопје, вчера организираа активност под мотото „Патуваме заедно, учиме одговорност, сигурна безбедност!“.
Од училишната заедница ни посочија дека преку оваа акција имале за цел да пренесат неколку пораки – да не се крши инвертарот во автобусите, патниците редовно да се регистрираат при влез и да ги носат картичките, младите да им отстапат место на постарите и да им помагаат на патниците со тешки торби при влез, и како последно, да внимаваат на однесувањето како патници.
„За нас, како ученици на СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“ секогаш ни е најважно на правилен начин да ги одбележиме најважните датуми и мигови од нашето средно образование. Така, по повод нашиот патронен празник кој го славиме како ден на загуба на големиот великан Васил, на 28 октомври, инцијативата излезе од ученичката заеница поддржана од директорот на училиштето и во соработка со ЈСП- Скопје. Целта на активноста беше да ја поттикнеме личната одговорност кај нас учииците под мотото: „Патуваме заедно, учиме одговорност, сигурна безбедност!“ и да покажеме дека младите се одговорни граѓани кои почитуваат кодекс на однесување при патување во автобусите, бонтон, почитување на имот, и користење на ученичкиот билет. За истата одбравме 15 линии, односно тимови составени од момче и девојче“ – велат од училишната заедница на училиштето.
Дека учениците беа и повеќе од подготвени за оваа акција, говори и фактот што претходно имале едукативни работилници од страна на тимот за безбедност на СВР Скопје и самото училиште, на кои точно им биле дефинирани фазите и типовите на реакции на граѓаните, со кои би можеле да се сретнат за време на акцијата.
Во бели маички, на кои им беа испечатени логоата на иституциите и поддржувачите на оваа акција, како и отпечатениот слоган на акцијата - „Патуваме заедно, учиме одговорност, сигурна безбедност!“, вчера, патниците во автобусите на ЈСП – Скопје, можеа да земат пример за културно однесување во јавниот превоз.
Јована Петровска, која е сумлидер на трета година, од прва рака ни раскажа како поминала оваа акција и какви сѐ коментари добиле од скопјани.
„Како за почеток се разбира бевме премногу возбудени бидејќи знаевме за големата посетеност на тие 15 линии во текот на еден ден. Меѓутоа реакциите беа сосема неочекувани. Наспроти револтирани и нестрпливи патници наидовме на реакции на позтивни изненадувања на лицата на патниците за нашето пристигнување. Како скопјани да го чекале ова веќе долго време, некој да позборува во автобусите и гласно да каже и зборува за тоа што е, а што не е правилно. Се разбира дека поддршката ни беше најважна, а скопјани не беа воопшто скромни во тоа за да ни испратат топла насмевка и да ни кажат збор два како: „Вие сте младината, браво!“, „Прекрасни деца, прекрасни акции!“ , „Има надеж, кога некој се осмелил гласно да каже...“ , „Браво !“ „Одлична организација“ и сл. Искрена мотивација беа.“ – воодушевено ни откри Јована, која се осврна и на потешкотиите со кои се соочиле за време на акцијата:
„Се разбира дека наидувавме и на потешкотии, а кои се обидувавме да ги надминеме. Најзначајните од нив беа моментите кога на младите ќе им посочиме, да го отстапат местото за постарите, а тие пак едноставно го игнорираа нашето посочување, и во овој случај настануваше револт кај постарите кои стоеја. Меѓутоа надежта се враќаше кога некои други млади ќе станеа во истиот момент, како резултат на совеста. Се разбира дека за нас ова беше резултат кој сакавме да го постигнеме, да ја поттикнеме свеста на младите!!!
Како друг проблем беше и јазичната бариера во некои автобуси, поради недоволно познавање на меѓусебните јазици. Меѓутоа енергијата ни беше препознатлива да разберат што сакаме да пренесеме и кажеме, што со климање на главата и блага насмевка ќе се поздравевме и заблагодаревме едни на други.“
Кога ќе се соберат и одземат работите, оваа акција е и повеќе од успешна. Учениците од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, на чело со нивната директорка, м-р Тања Јовановска, го направија првиот чекор кон подигнување на свеста за време на користењето на јавниот сообраќај.Позитивното искуство, како и гордоста за успешно спроведената акција не ја криеше ниту Јована, која за крај посочи дека на овој начин се стремат кон промена на брзиниот и непромислен начин на живот на скопјани, во хармоничен и смирен.
„Во секој случај исходот од активноста е позитивно очекуван. Насмеани скопјани, едуцирани млади, а ние како спроведувачи на истата активност полни со жар и мисла дека сме направиле некое добро дело. Благодарноста до ЈСП и нашето училиште што ни пружија ваква можност е искрено голема. Скопјани како маса на народ, потополно изненадуваат, бидјеќи отпорот не беше вклучен во ниту еден момент, туку напротив природни и нормлани реакции кои беа проследени со лични искуства за нормалното и реалното донесување во автобусите, наспроти несоодветното. А ,да биде уште поуспешна акцијата, ова беше слушано од сите патници.
На овој начин ширејќи општетсвена одговорност сакаме да го промениме брзиот и непромислен начин на живот на скопјани во хармоничен и смирен. Се разбира, сетоа тоа со заедничка работа и труд.“
Ивана Мисајловска