Некст Тајм: Новиот албум го посветивме на двете мајки (ГАЛЕРИЈА)
Патриотски песни, кои беа подзаборавени кај народот, со цел подобро да ги запознаат младите – тоа е описот на новиот албум на близнаците Стефан и Мартин Филиповски од Некст Тајм, со емотивен, но и интигрантен наслов „ Мајка“
- Велат дека имаме две мајки. Така и ние, едната е нашата мајка Сузана, а другата е татковината. Затоа што татковината ја викаме мајка Македонија. Албумот го посветуваме на целата наша земја, на Македонија. Како и на нашата мајка Сузана и на сите мајки борци. Секој нека си го доживее на свој начин и нека го подари на својата мајка или на Македонија – ни изјави Стефан Филиповски, вокалот на Некст Тајм кој не ги штедеше убавите зборови за нивната мајка Сузана.
- Нашата мајка е супер, голем борец, кој нѐ изнесе на вистински пат. Многу ни помогна од секој аспект. Имавме среќа, пред да се појави песната „Ја излези, Ѓурѓо“ да ѝ речеме: „Мамо, веќе ти не ни требаш финансиски. Ние сега ова можеме да го тераме.“ И фала му на Господ што ни даде неколку хитови „Слушам кај шумат шумите“, „Нешто ќе те питам, бабо“ и сите други што ги издадовме, за да можеме и финасиски да се обезбедиме и да организираме еве и добра промоција, да испечатиме цеде на свој трошок. Да биде сѐ како што треба. Ова ни е трет албум. И веруваме дека оваа „Мајка“ ќе остане за век и векови – појаснува Стефан
Браќата го промовираа проектот синоќа, со мини концерт кој го проследија голем број на нивни обожаватели, пријатели и колеги. Меѓу присутните беа и градоначалниците на општина Куманово, Максим Димитриевски и на општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Изведоа неколку теми меѓу кои и „Ја излези Ѓурѓо“ за која Стефан вели дека дефинитивно е најслушана тема.
- Оваа песна трае веќе осум години во наше руво, во наше издание. Мислам дека успехот е во тоа што воспоставивме многу добра конекција и со навивачките групи и со народот.Едноставно песната прерасна во еден вид навивачка химна – заклучува тој.
С.А.Н
Фото: Вангел Тануровски