Немања се одрече од спомените од детството: Иако туку што стана тинејџер, тој веќе ја научи лекцијата за хуманост
Дека децата уште од раното детство зимаат пример од своите родители, најдобро покажува 14-годишниот Немања Лазаревиќ од Чачак, кој ја следи своја мајка Гордана, која веќе неколку години се занимава со хуманитарна работа и самиот одлучил да направи хумано дело.
Како голем вљубеник во автомобилчињата, одвојувал од својот училишен џепарлак за да си ги купи. Стигнал до бројка од 26 мали метални реплики на познатите автомобили, а потоа одлучил да ја донира својата мала колекција за да помогне во собирањето пари за лекувањето во Турција на сограѓанката Војка, која се бори со тумор.
„Јас организирав многу хуманитарни акции, а се трудам така да ги воспитувам и своите деца, да помагаат на другите кога се во можност. Немања, еден ден дојде и ми кажа дека сака своите автомобилчиња да ги стави на продажба за да се собере одредена сума за лекувањето на оние на кои им е потребно“ - раскажа за „Рина“ мајката Гордана.
Откако го воодушевил своето семејството со тој гест, неговите автомобилчиња, кои внимателно и со љубов ги купувал, се нашле на оглас на Фејсбук. Веднаш се јавиле голем број заинтересирани купувачи, па за краток временски период, Немања ги продал повеќето автомобилчиња. Сега, му останале само 4.
„Автомобилчињата ги купуваа луѓе од Чачак, едно испративме во Ниш. Се надеваме дека и преостанатите брзо ќе ги пронајдат своите нови сопственици. Еден чинеше 400 динари, така што кога ќе се соберат сите, ќе се добие убава сума, бидејќи секој динар кој е потребен за лекување е од неизмерна помош“ - вели Гордана.
Таа додава и дека по ова хуманитарно дело, нејзиниот син нема да застане кога се во прашање хуманитарните акции, и дека таа со задоволство ќе помага кога ќе биде потребно. Па така, освен за Војка, тие учествуваат и во собирањето пари за многу други сограѓани, пишуваат српските медиуми.
фото: rina.rs