Од љубов научив македонски јазик: Средношколка од Белград со молив ги црта Тоше, Каролина и Елена

Од љубов научив македонски јазик: Средношколка од Белград со молив ги црта Тоше, Каролина и Елена

Пред две години, благодарение на ракометот, првпат го посетив Скопје и запознав прекрасни луѓе. Многу ја засакав вашата земја и одлучив да го научам јазикот, раскажува талентираната Марија Алексиќ

Повеќе од 2.000 луѓе кои ја следат на социјалната мрежа „Инстаграм“ се запознаени со нејзиниот талент. Марија Алексиќ е млад уметник од Србија која црта портрети на познати личности само со молив. Пред две години првпат ја посетила нашата земја, а љубовта кон пријателите што ги запознала овде за неа биле доволен мотив да го научи јазикот. Марија има 18 години и е ученичка во Школото за дизајн во Белград, трета година на отсекот ликовен техничар. Претходно тренирала карате, но и ракомет кој всушност бил и линкот со нашата земја.

# Колку време црташ и која техника најмногу ја користиш?

 - Уште од малечка покажував склоност кон ликовната уметност, но посериозно почнав да се занимавам со цртање пред околу четири години. Експериментирав со различни сликарски и цртачки техники, но нешто што најмногу ме исполнува е цртањето со обични графитни моливи. Морам да кажам дека во почеток се обидував сè да направам и да научам сама. Меѓутоа, мојот наставник по ликовно, Владимир Маркоски, го забележа мојот талент, ми помогна да напредувам и благодарение на него влегов во уметнички води и максимално се посветив на цртањето.

# Веќе си позната меѓу познатите. Која беше првата популарна личност што те инспирира да ја нацрташ и од каде идејата воопшто за еден таков израз?

- Инспирацијата ја пронаоѓам во сите луѓе кои ме опкружуваат, тоа не мора да се јавни личности. Некој чија работа и дело порано ме инспирираа беше актерот Леонардо Ди Каприо, но денеска се обидувам да пронајдам предизвикувачки фотографии и да ја пренесам емоцијата којашто ја носи личност од таа фотографија.

# Каролина Гочева, Елена Ристеска, Тајзи, Сергеј Четковиќ и Нина Бадриќ се дел од ѕвездите кои досега те инспирирале. Дали си имала прилика некој од нив и лично да запознаеш?

- Навистина, голем број на јавни личности ме поддржаа преку Инстаграм и други социјални медиуми, но, секако, не сум имала прилика и сите лично да ги запознам. Пред една година се запознав со најпознатата српска атлетичарка Ивана Шпановиќ, а набрзо потоа и со Елена Ристеска.

# Која таква средба ти била највпечатлива и што тие мислат за твојата работа?

- Дефинитивно, средбата со Елена ми остави најмногу впечаток. Од моментот кога се запознавме ме поддржува максимално и ме мотивира да напредувам. На голем број луѓе и јавни личности им се допаѓаат моите цртежи, но покрај поддршката на моето семејство и на најблиските пријатели, поддршката на Елена навистина неизмерно ми значи.

Ја инспирираат и обични луѓе, а најважно ѝ е да ја пренесе емоцијата

# Кои се твоите професионални амбиции?

- Планирам да се запишам на Факултет за ликовни уметности, тука во Белград, а потоа и да завршам мастер студии можеби и некаде во странство. Најмногу би сакала кога би можела да живеам од работата што ја сакам, од цртањето, но свесна сум дека е тоа многу тежок пат и дека ќе треба уште многу работа и труд за да ја исполнам својата цел.

# Немаш македонско потекло, а одлично го зборуваш нашиот јазик. Колку време ти требаше да го совладаш?

- Пред две години, благодарение на ракометот, за прв пат имав прилика да дојдам во Скопје и да запознам прекрасни луѓе. Навистина многу ја засакав Македонија и поради љубовта кон моите македонски пријатели одлучив да го научам јазикот, иако сè уште имам многу трема додека зборувам.

Ѓ.С.


Можеби ќе ве интересира: