Од песна за куче до евергрин: „Тајно моја“ на Тоше крие необична приказна
Евергринот „Тајно моја“ кој македонската публика пред неколку години го одбра за поп-хит на деценијата во рамките на проект кој го иницираше Агенцијата за спорт и млади е дело на маестро Кире Костов. Докажаниот автор во едно интервју откри дека Тоше Проески песната ја снимал цела ноќ во неколку верзии, но следниот ден ја избрале првата бидејќи била најубава. Големиот хит за малку ќе била песна посветена на кучето на Проески. Тоше се договорил со Игор Џамбазов да му напише текст во кој ќе се пее за неговото милениче.
- Текстот беше нешто во стилот на Балашевиќ и навистина испадна одличен. Но, мелодијата воопшто не одговараше на стиховите и му кажав на Игор. И денес ме претставува како единствен човек што му одбил текст за песна - раскажа маестро Костов.
Сите го прашувале што значи „Шушка молика“, особено странците. Во тоа време Тоше учел во Битола, а моликата расте само на Пелистер и затоа ја има во стиховите.
- Секој нека си ја доживува и понатаму на свој начин. Затоа и се вика „Тајно моја“. Ако ја откријам приказната, нема веќе да биде тоа што е - порача текстописецот Огнен Неделковски во една прилика.