Пет причини зошто е подобро да не се шминкаш секој ден
Сигурни сме дека како и секоја тинејџерка посакуваш да бидеш нашминкана секој ден, амa од некои причини едноставно не можеш. Често им се лутиш на родителите што не ти дозволуваат да се шминкаш и со тоа те „ издвојуваат“ од другите девојки и им префрлуваш што не ти купуваат доволно шминки. Можеби пак му се лутиш на козметичарот што ти забранува секој ден да го „задушуваш“ лицето со шминка заради проблемите со кожата. Каква и да е твојата ситуација со шминкањето, ние ти нудиме 5 причини зошто е подобро да не се шминкаш секој ден:
Имаш убаво и чисто лице
Во моментов си во пубертет и нормално е лицето да не ти изгледа совршено и да имаш мозолчиња, ама мораш да знаеш дека ако се обидуваш тоа да го сокриеш со слоеви пудра само ќе ја влошиш состојбата. Верувај ако на твоето лице му овозможиш соодветна нега штом излезеш од пубертетот ќе имаш убаво и совршено лице.
Попривлечна си
Да, ова е вистина! Колку си поприродна толку си попривлечна. Сигурно возрасните илјада пати ти рекле дека сите, а особено момчињата повеќе сакаат природни девојки без шминка, но ти не си им верувала. Ние со сигурност ти го потврдуваме тоа. Наместо да тагуваш што не можеш да се шминкаш секој ден, нанеси некој сјај за усни, малку маскара, насмевни се и биди позитивна. Сигурни сме дека ќе освоиш многу срца.
На забавите ќе привлекуваш повеќе внимание
Со самиот факт што луѓето се навикнати да те гледаат без шминка, на забавите или на свечените пригоди, кога ќе одлучиш да бидеш средена и нашминкана ќе привлечеш поголемо внимание околку девојките кои се шминкаат секој ден.
Изгледаш помлада
Шминката лошо влијае на изгледот на кожата, создава мозолчиња и брчки, па кога по 10 години ќе се сретнеш со пријателките кои се шминкале секој ден ќе изгледаш помладо од нив.
Заштедуваш пари
Секојдневното шминкање значи и брзо трошење на шминките и трошење повеќе пари за шминки. Што сакаме да кажеме со ова? Наместо да трошиш толку пари за шминки можеш да заштедиш и да си се почестиш со некое ново парче облека.
По сето ова сакаме само да ти препорачаме да не се разочаруваш што не смееш да се шминкаш секој ден бидејки тоа се само предности што овој избор ти ги нуди. Сакај се себеси онаква каква што си. Насмевни се и цел свет е твој!