ПРИКАЗНАТА ЗА ЗОКИ ПОКИ: Како настанала култната детска книга?
„Зоки Поки“ - се будевме и заспивавме со неговите детски лудории, а сега имаме одлична вест за вас. По култната книга која речиси и нема кој не ја знае и обожава ќе се снима играна серија.
Повеќе од половина век книгата „Зоки Поки“ е задолжителна лектира во основните училишта. Култното дело на македонската писателка Оливера Николова оригинално објавено во 1963 година од страна на „Детска радост“ годинава повторно се најде во фокусот откако Агенцијата за филм одобри 19 милиони денари за снимање на истоимена ТВ-серија, во режија на Александар Поповски, а во продукција на „Кино око“.
Николова пред неколку години за „1Е Магазин“ раскажа дека пред да ги напише расказите немала некој особен афинитет кон детската литература бидејќи ѝ се чинело дека не ја познава доволно детската психологија зашто сѐ уште немала свои деца. Во тој период пишувала репортажи и подготвувала емисии за деца во „Радио Скопје“.
- На радиото се емитуваа кратки текстови за кои ми беше тешко да ги барам, да ги препечатувам, па почнав самата да си ги пишувам. Оттука се родија расказите за Зоки Поки – откри Николова.
Уште при првото издавање, книгата добила високи оценки од критиката како големо освежиување во македонската детска литература. Стилот на пишување и начинот на третирањето на темата биле сосема нови. Дотогаш во литературата наменета за најмладите преовладувале руралните теми или бајките. Наеднаш сите почнале да зборуваат за Зоки Поки, урбано дете кое со своите итроштини остана врежан во меморијата на многу генерации.
Да се потсетиме ...
Во едната рака Зоки стега два денари, а со другата ја држи Лидија.
- Што сакаш да ти купам, Лиде. Имам многу пари, вели тој. Сè би направил за својата пријателка.
- Сакам панделка, вели Лидија, и црвена, и бела, и жолта, и зелена, и сина, и...
- Нема таква панделка, вели Зоки.
- Има.
- Нема. Јас знам повеќе од тебе.
- Ти ништо не знаеш, вели Лидија, а и не сакаш да ми купиш.
- Посакај друго, вели Зоки, веднаш ќе ти купам!
- Сакам гума. И црвена и жолта и бела и зелена.
- Ех,ех, нема ни таква гума.
- Има.
- Нема. Посакај друго!
- Сакам јајце зелено, и црвено...
- Пак и зелено и црвено и сино? Нема! Друго, друго!
Лидија веќе се лути, но пак вели:
- Сакам зелено, сино, бело, жолто... Тоа сакам.
- Тоа не може да се купи, вели Зоки. Што сакаш ти поправо?
- Сакам сè, вели Лидија. Сè, сè зелено, сино, бело, жолто... И веќе сака да плаче.
- Како сè, сè? Сè што лета, сè што оди, сè што има? Сиот свет?
- Да, вели Лидија, сиот свет зелен, црвен, жолт, син...
Зоки најпосле се досетува.
Одат во еден колонијален дуќан. Зоки ги подава двата денари и вели:
- Чичко, сакам да го купам сиот свет. За Лидија.
- Како? – прашува продавачот.
- Сиот свет жолт, син, зелен, црвен... вели Лидија.
- Ќе плаче ако не ѝ купам, објаснува Зоки.
- Добро, вели продавачот и им завиткува нешто во една хартија. Еве!
Децата излегуваат надвор.
Во хартијата има две шарени бонбони. Лидија ни најмалку не е изненадена. Веднаш го грабнува едното бонбонче и го става в уста. Другото го зема Зоки.
Децата сега шлапкаат со устите, лижејќи ги бонбончињата.
Најпосле Лидија вели:
-Леле, Зоки, ама е сладок сиот свет! Да го изгризам ли?