Проектот „Ракомет за секое дете“ го прослави вториот роденден, со натпревари, торта и дружење

Проектот „Ракомет за секое дете“ го прослави вториот роденден, со натпревари, торта и дружење

Објавена во: Спорт // Ракомет

Со првиот Јуниор Куп, турнир во мини ракомет, најголемата и најдобро организираната школа за ракомет во Македонија, дел од проектот Ракомет За Секое Дете, го прослави својот втор роденден и најубав начин ја најави третата сезона од своето постоење. Со натпревари помеѓу екипите составени од децата од школата, поделени според возраст и ракометно искуство, торта и дување свеќа, многу дружење и забава, членовите на школата од Скопје и Велес, заедно со своите тренери и родители го прославија вториот роденден и ја најавија третата сезона од функционирањето на проектот.

Проектот Ракомет За Секое Дете, кој е составен од три сегменти, школа за ракомет, Јуниор Куп – турнирски систем на натпревари за децата од школата и ракометен камп „40х20“, со работа стартуваше во Септември 2021 година, со мисија на секое дете, кое има афинитет да се занимава со спорт и особено ракомет, да му овозможи да тренира и да го развива својот талент во средина која ќе може да му овозможи услови за правилен психофизички развој. Школата за ракомет одржува тренизни на повеќе локации, во повеќе општини во Градот Скопје и Општина Велеси брои повеќе од 220 момчиња и девојчиња на возраст од 6 до 13 години.

Од самиот старт, имајќи предвид искуството на агенцијата КМГ Спорт, проектот Ракомет За Секое Дете постави високи стандарди на функционирање, овозможувајќи им на децата да работат со тренери кои се, пред се, професори по физичка култура и врвни педагози, да играат натпревари, како проверка на стекнатото знаење, да се дружат и социјализираат и да го надоградуваат своето знаење на летниот ракометен камп во Охрид.

-„Од самиот старт на овој проект, а имајќи предвид претходното искуство кое го имаме, во сегментот на организација на активности за најмладата генерација на деца, се наметнавме како сериозен фактор и создадовме идентитет на организација на која родителите се повеќе и веруваат и на која им ја даваат довербата, доверувајќи им го највредното нешто на светот, нивните деца. Свесни сме за одговорноста која ја имаме, но и мотивирани да работиме уште посилно и по посветено, со цел и во иднина од нашата школа да произлезат нови млади ракометари, кои ќе се приклучат на клубовите во Скопје и Велес. Во досегашното наше функционирање, повеќе од 25 дечиња приклучивме во пионерските селекции на одредени клубови, деца кои во иднина ќе треба да го практикуваат ракометот и да се надградуваат. Одреден дел од децата и не продолжуваат со ракомет, односно истиот го заменуваат со друг спорт, што е и нормално, имајќи предвид возраста, но и тоа е една од нашите главни поенти, а тоа е децата од нашата школа да излезат спортски писмени и во иднина да можат да продолжат да се занимаваат со било кој друг спорт. Секоја година, со секоја нова генерација на деца, овој проект создава нови фиданки кои во иднина треба да се формираат во правилни личности, а дел од нив и да бидат врвни спортисти, преставувајќи ја општината, градот или државата Македонија“ – изјави Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете.

Според планот и програмата на проектот, покрај редовните тренизни во склоп на школата и натпреварите во делот на Јуниор Куп, децата и нивните родители, од оваа сезона ќе имаат можност да се едуцираат во сегментите на здрав начин на исхрана и спортска психологија, како исклучително важни сегменти во развојот на една здрава спортска личност.

Се гледаме во сала!


ПР објава

ГАЛЕРИЈА:


Објавена во: Спорт // Ракомет

Можеби ќе ве интересира: