Родителите секогаш се во првиот ред: Интервју со кошаркарките Кристина, Матеа и Албина
Вообичаено спорот е секогаш поврзан со момчињата, но постојат и многу девојки кои ги рушат сите стереотипи и покажуваат дека и тие се исто толку успшени. Одличен пример за тоа се младите кошаркарки од ЖКК МЗТ - Кристина Јаневска, Матеа Блажевска и Албина Плакај.
Кристина има 22 години и е четврта година на Машинскиот факултет, а за нејзиниот успех во кошарката говори и фактот што таа е капитен на тимот.
Матеа има 13 години и е осмо одделение. Нејзината позиција на терен е бек, а освен што се натпреварува со нејзината генерација, исто така игра во првиот тим - сениорки.
Албина има 19 години. За неа велат дека е најголем потенцијал во Македонија, а освен што игра за МЗТ, таа е и репрезентативка на Макеоднија. За неа се бореле повеќе тимови, но таа сепак се ослучи за Македонија и плаво - белите.
# Може да се каже дека кошарката ви е речиси па идна професија. Од колку години почнавте да се занимавате со истата?
Кристина: Кошарката апсолутно не ми е идна професија, но со сигурност можам да кажам дека кошарката ми била, ми ѐ и ќе ми остане најголема пасија. Нешто што ми дава енергија и мотивација и покрај сѐ. Од кога знам за себе јас сум во сала со топка и со многу ентузијазам и желба за остварување на моите мали соништа.
Матеа: Моите почетоци беа со полни 10 години, од каде започнав да ја засакувам кошарката и да уживам во неа.
Албина: Многу сум разочарана кога размислувам дека во нашата држава нема многу услови и добри шанси за спортот. Мојата иднина како спортист не ја гледам во Македонија. Со спорот започнав да се занивам од 14 години. Почетокот беше едноставно губење на време без визија и цел, но со текот на времето кошарката почна да биде нешто повеќе од хоби. Најчудно нешто беше тоа што почнав да чувствував адреналин, храброст, сила, а воедно и страв од неуспех и желба за успех. Ова чувство беше тоа што ме натера кошарката да биде повеќе од хоби и повеќе од губење на време.
# Кој е вашиот идол кога е кошарката во прашање?
Кристина: Почитувам повеќе европска кошарка, има многу големи имиња, но никогаш не се заборава од каде си тргнал и кој си бил на почетокот. Затоа ќе кажам еден и единствен идол во животов мој на секое поле е мојот татко Ристо Јаневски, кој покрај тоа што беше добар играч на своето време, тој е и мојот ветар во грб за секоја моја одлука, постапка, неуспех или големи достигнувања.
Матеа: Идоли ми беа тренерите кои ме тренираа. Сега на позрела возраст можам да кажам дека мои идоли се соиграчите кои ми помогнаа повеќе да верувам во себе.
Албина: Да бидам искрена немам идол, сите играчи се добри и сите имаат сите свои карактерите што ми даваат мотивација за да продолжам понатаму и да бидам успешна.
# Дали постојат некои негативни коментари упатени на ваша адреса поради вашиот избор?
Кристина: Да не бидам лажно скромна, секаде каде што има потенцијал, напредок, борба ќе има и некој да каже по некој збор за кој што нема простор и место во приказнава. Но, тој што може да се спротистави на љубов кон спортот, јас уште го немам запознаено.
Матеа: Со такви се уште не сум се сретнала, но верувам дека во иднина ќе има многу препреки на патот.
Албина: Не постојат негативни коментари за мојот избор, секогаш имам поддршка од моето семејство и другарите, а тие ми се најголеми фанови и ме поддржуваат во секоја моја одлука.
# Можете ли да издвоите некој натпревар, кој засекогаш ќе ви остане во сеќавање?
Кристина: Неможам натпревар, но дефинитивно целата сезона 2018 - 2019 ќе ја памтам во детали. Тоа беше борба за докажување на секој натпревар, прво за себе лично, а потоа и на сите стручни луѓе во кошарката кај нас. Подршката што ја добив од тренерот, од стручниот штаб и моите соиграчи беше нешто што некој не го доживува и за цела кариера.
Матеа: Натпревар кој секогаш ќе ми остане во сеќавање и на кој за првпат солзи радосници ми потекоа од очите е Студент против Крива Паланка, кој заврши многу тесно со победа на Студент со 1 разлика.
Албина: Не можам да одвојам ни еден натпревар, затоа што сите натпревари за мене имаат големо значење и секој натпревар има своја вредност и убав спомен.
# Играте во женскиот тим, каква е атмосферата за време на тренинзите?
Кристина: На секој тренер што сум го имала досега сум му симнувала капа. Да се работи со жени, кога би биле искрени е навистина тешко. Во моментов работиме заедно со Вела Ѓорговска и имајки го предвид нејзиното искуство и големина во кошарката можам да кажам дека владее една пријателски работна атмосфера, но и квалитетно поминато време.
Матеа: На тренинзите имаме голема дружба и неможам да се пожалам ниту од соиграчите, а ниту од тренерите. Многу научив од нив и затоа ќе им бидам вечно благодарна.
# Албина: Сега потпишав договор за ЖКК МЗТ. На секој тренинг атмосферата е различна. Тоа што најмногу ме возбудува е позитивниот дух, вниманието и почитта. Ова за мене има големо значење, затоа што ми дава голема самодоверба и се чувствувам многу посигурна. Во екипата освен што е присутен позитивниот дух има и голема слога и затоа сум убедена дека сите заедно ќе постигнеме успех.
# Имате ли некоја интерсна случка или пех кој ви се случил на паркет?
Кристина: Низ годините се имаат случено толку многу приказни од кои би можело да се напише книга. Но, повеќето од нив се интерни случки меѓу нас и нашите тренери.
Матеа: Неможам да издвојам случка, сите натпревари ми се драги без разлика дали сме победиле или не.
Албина: На натпреварот со Каменица кога ја примив топката и почнав да трчам накај кошот одеднаш се слизнав и паднав. Во тој момент немав на кого да му ја додадам топката и решив да ја фрлам накај кошот и за среќа топката влезе во обрачот. Бев збунета и одеднаш почнав да се смеам кога видов дека топката влезе во кошот.
# Малку е неблагодарно, но сте размислувале ли за втора опција во животот, доколку не се прославите со кошарката?
Кристина: Јас сум човек што многу ретко става се на коцка, воглавно секогаш се трудам да имам план Б. Претпоставувам дека ова ќе го читаат и помали девојчиња, затоа ја користам приликава да апелирам дека успешни луѓе не се оние кои се добри на едно поле. Спортуваме вложуваме во себе и кошарката, но никогаш не смееме да го засениме образованието, дури и во случај да се успее во спортот.
Матеа: Ја сакам кошарката и уживам во неа , но имам размислувано за други опции.
Албина: Единствената желба не ми е само да бидам кошаркарка, сакам да почнам да студирам архитектура и иднина да бидам успешна и во таа насока.
# Како вашите пријатели реагираат на вашиот успех? Ве бодрат ли на напреварите?
Кристина: Секако во првите редови стои фамилијата на секој можен натпревар, а секако тука се и пријателите кои секогаш кога се во можност даваат максимална подршка.
Матеа: Моите пријатели ја подржуваат секоја моја одлука и ја имам таа среќа и чест заедно со нив да играм на сите натпревари.
Албина: Како што напоменав моето семејство и најблиските пријатели ме поддржуваа на секоја утакмица.
# Каде се гледате за 10 години?
Кристина: Како успешен инженер, кошаркар и понатаму спортски работник кој ќе се бори идните генерации во женската кошарка да имаат подобри услови за тренинг и натпревари.
Матеа: За 10 години се гледам на факултет, се уште играјки со мојот тим во МЗТ.
Албина: По 10 година мислам дека ќе бидам мајка која се занимава со спорт, хахахаха. Мисалм дека 29 години се идеални за брак, хахахах. Кошарка сакам да играм додека ме држи силата. Не можам да кажам каде се гледам за 10 годни. За мене најважно е да дадам сѐ од себе и да уживам во секој момент. Да уживам во сегашноста затоа што не знаеме што не очекува во иднина.
# Кој хаштаг најчесто го користите?
Кристина: Не користам често хаштаг, воглавно кога сакам нешто да апелирам или подржам.
Матеа: #Nevergiveup of your dreams
Албина: Зависи од моментот, користам повеќе.
Ивана Мисајловска