Родителите земаат кредит за да им направат матура на децата: Мора да се покажат пред другите
Крајот на мај и почетокот на јуни е време кога матурантите од основните и средните училишта се подготвуваат за важна прослава. Кај нас неретко се случува овој свечен чин родителите да ги чини дури и премногу. Некои се одлучуваат прославата на матурантот да ја прослават скромно дома, некои во ресторант, некои во елитни хотели, а некои амо во кругот на семејството.
Овде во последните години овој настан се претвори во своевиден циркуз, претерано фрлање на пари, подигнување на кредити, да се истакне кој направил подобра прослава, да се покаже некаков статус, да се доминира и што поразголено... Секако, тој што е богат сам си одредува како сака да си ги потроши парите, но матурата не е најголемото достигнување во универзумот!!!
Па, Еве колку пари треба да одвојат родителите за да го подготват просечниот матурант за тој настан. Истраживме на оваа тема, прашавме за цени по бутици, трговски центри, маалски продавници, шминкери, фризери, дизајнери...
Според родителите и средношколците, матурата е еден од најважните настани за еден ученик, а воедно претставува и најголем „удар“ за домашниот буџет на секое семејство. Се проценува дека во просек се трошат 600 евра за подготовка на еден матурант или 800 евра за матурантка. Но тоа варира, може и помалку, но може да достигне и до 10.000 евра со се прославата во ресторан, облеката, шминката, фризурата...
Се претпоставува дека девојките имаат повеќе трошоци, но ова е дискутабилно. Момците понекогаш се попроблематични и попребирливи од девојчињата, а нивните трошоци можат дури и да ги надминат сите граници. Изнајмување „луксузни“ автомобили, купување екстремно скапи букети...
Само влезот за местото на матурата е во просек 3.000 денари. Значи машки костум чини најмалку 150 евра, чевли околу 70, автомобил 150-200 евра и плус цвеќиња, а тоа се скоро 500 евра “...
Девојките пак имаат повеќе работи за кои треба да платат на нивниот список. Постојат три таканаречени „златни правила“ на секоја девојка: професионална шминка, скап фустан и секако „моќни“ штикли.
Во просек, 120-130 евра за фустанот, 50-60 евра за чевлите. Добар професионален шминкер 100 евра. Некои сакаат нивната шминка да ја направи познати шминкери кои работат за поп пејачи. Нивните услуги чинат и до 200 евра“, башка фризер уште 3000 до 4000 денари најмалку...
Пред матура најчесто одат на шишање и фарбање, а потоа на денот на прославата прават свечени фризури. Без добар накит ни стилот не може да биде делотворен, па и за тоа се трошат пари. Се на се, за девојки скоро 1000 евра. Секако дека има и такви кои се побогати и кои толку пари трошат само на фустан. Се разбира, може да се помине и со многу помалку во поглед на изборот на облеката истите пропратни елементи, но не секој размислува исто.
Ние контактиравме родители кои правеле или допрва ќе прават матура за своите деца: Еве што ни рекоа:
Госпоѓа Елена Ѓ. Од Струмица вели дека пред 7 години не било нешто многу поразлично од денешните матури. Таа најотворено со нас сподели дека до пред 2 години го исплаќала кредитот кој го подигнала за да може да ѝ овозможи се‘ на својата ќерка Софија за матурската вечер.
„Се сеќавам скоро на се‘. Со подготовки моја Софија за матурата почна уште пред да се фотографираат за алманахот. Околу месец дена пред тоа разгледуваше и се советуваше дали да направи некоја модерна промена на косата. Па се одлучи да ја нијансира. Таму плативме околу 6.000 денари, таа има долга и многу бујна коса, па за нејзината коса толку било. ОК, мама ќе плати. А за моделот, изгледот и бојата на фустанот зборуваше дома можеби во текот на цела четврта година. Ќе речеше: „ Не сакам да бидам со ист фустан како некоја друга матурантка, морам да сум посебна!“. И откако со сопругот направивме сметка дома, и сметката не ни излегуваше решивме да подигнеме кредит. Па од истиот ѝ овозможивме шиење на фустан кај една од подобрите шнајдерки кај нас во Струмица, брендирани сандали и плико чанта. Но купивме и детали огромни обетки - бижутерија кои чинеа 1400 денари. Да не ги заборавам и шминката и фризурата кои не‘ чинеа околу 2.000 денари.
И не беа само тоа трошоците. Главната вечер најскапо ни излезе, ама купивме се‘ ново и за втората вечер, па и за трета.
Првата главна матурска вечер исто така се плаќаше, не ме држете за збор мислам дека околу 1.800 денари беше. Втората рече ќе се собирале класот да си прослават, а третата поблиски школски.
Се‘ се заврши одлично, Софија беше пресреќна, задоволна од исполнетите желби. Ние со сопругот го исплаќавме кредитот до 2021 година. Ама ете помина и тоа.
Туку денес ми е многу криво што направивме мала прослава со најблиските за завршена матура за Софија, а кога лани заврши факултет само се почастивме ние домашните. Како мајка завршениот факултет за мене е многу поголема гордост и навистина се радувам за тоа, а кај ми бил паметот пред седум години навистина не знам. Можеби желбата да не ја делам од останатите деца или да не ѝ го кршам филмот ме совладала. Ама да сум го имала истиот ум пред 7 години немало да земам кредит за прослава на матура. Но, помина и тоа, исплативме се‘, па денес сме горди родители на академски граѓанин“.
На прашањето што би ги советувала родителите кои годинава се подготвуваат за прослава на матура на своите деца госпоѓа Елена вели:
„Ретко кој од нас обичните граѓани може да си дозволи да му обезбеди се‘ на своето дете, за мене лично не е срамота да земеш кредит и да му овозможиш убава матурска вечер, ама дали вреди, не, категорично тврдам дека не вреди. На крајот од денот средното образование денес е задолжително, не е како во наше време кој сака да учи“.
На истата тема разговаравме и со госпоѓа Аница П. Од Штип која минатата година имала матурант, и таа го сподели своето искуство со матурите за Женски магазин:
„Мојот син е скромно дете, морам да бидам искрена. Последниот месец активно се заангажира да си купи што му треба за матурската вечер. Разговарав неколкупати со него за тоа, а тој секогаш ми велеше има време, има и облека колку ти душа сака.
Јас поминав многу скромно, нашите примања не почувствуваа некој посебен терет. Никола прошета во неколку бутици, сакаше да оди и до Скопје, отидовме па оттаму си купи сако, но сако не многу класично такво и сакаше, велеше да можам да го носам и понатаму, да ми се најде, си купи фармерки и интересна кошула, патики и негова желба беше да си купи часовник па му го овозможивме и тоа.
Пак ќе речам мој Никола е скромен и не направи голем терет на домашниот буџет. Можеби кога ќе ми биде матурантка ќерка ми, за две години од сега може ќе ни бидат поголеми трошоците, ама здравје дотогаш“.
А кој е советот на госпоѓа Аница за родителтие кои годинава или во иднина ќе имаат матуранти таа вели: „Од дете до дете има разлика, некои деца не ги интересира многу дали нивната облека ќе се разликува од облеката на другите матуранти, но има деца на кои тоа им е желба број еден. А дали треба да му се овозможи се‘ на дете и по секоја мера, мислам дека не. Објаснете им на децата, денес се тешки времиња, поминавме ковид, војна има во Украина се‘ уште, се‘ поскапе ненормално многу, платите ни останаа исти, разговарајте....“
А, психологот Анастасија Георгиевска вели дека за многу млади луѓе и нивните родители, матурската вечер е еден од најзначајните настани во нивниот живот.
„Тоа е церемонија на полнолетството и прослава што симболично го раздвојува тинејџерското од возрасното искуство. За родителите, приликата може да има „изворно“ значење, шанса да го видат својот син или ќерка формално облечени и да изгледаат максимално возрасно, а тоа би претставувало сведоштво за успешното воспитување на детето што го направиле. Но, овој годишен настан стана еден вид социјален натпревар, каде што младите ги креваат во воздух социјалните медиуми - а во тој процес и банкарските сметки на нивните родители. Во повеќето од домаќинствата, родителите исто така ја користат матурска забава како начин да го покажат своето богатство, преку нивните деца, на заедницата“, вели Георгиевска. додавајќи дека, сепак матурската вечер е прекрасен предизвик и можност да се научиме како оптимално да го користиме буџетот, а воедно и ние и младите да се потсетиме на правите вредности.
Дизајнерката Олгица Ѓоргиева е согласна дека за матура секој се труди да изгледа убаво, ама и дека ако се претера, целиот изглед може да се претвори во нешто пренападо за око:
Имаше некое видео во кое беше претставена жената преку модата историски и слоган кој гласесе” како успеавме да стигнеме до ова денес”. Лесно ми е мене да зборувам за ова затоа што јас сум освестена и веќе реализирана жена па е едноставно да поделиме мислења на овие теми, но таа категорија на млади е во зачеток на тоа што се нарекува вистински живот... и мораме да бидеме искрени дека позади цела оваа голитија стои една длабока психологија поткрепена со се она што се случува околу нас и светот. Колку и да не ни се допаѓа сликата што денес ја гледаме, сепак мораме да бидеме искрени дека голема одговорност ако не и најголема имаат и возрасните кои се дел од нивниот живот на еден или друг начин. Моето долгогодишно искуство на работа со оваа категорија на луѓе ми покажало дека со вистински пристап и вистински прашања сепак е возможно да има позитивна промена и мислам дека тоа како принцип важи за секој сектор од животот.Таа убавина, таа природа што жената ја носи со себе, таа уникатност и оригиналност, тој личен пецат како да е срамно да го имаш денес.
Јас се согласувам со тоа дека секое време си носи свое одбележе и не мислам дека младите денес треба да прават сé што се правело порано. Напротив, сметам дека треба да си ја живеат младоста и треба да уживаат во неа. И за крај ако се водиме по паролата дека облеката зборува за нас се прашувам што би сакале да ни кажат дел од матурантите? Да бидам искрена би рекла дека темата е многу повеќе психолошка од колку модерна. Како моден дизајнер и уметник кој работи мода и естетика секако дека предноста би ја дала на оригиналноста и личниот печат. Кога јас работам со таа категорија на клиенти, свесна за возраста и животното искуство, пробувам да ги водам на еден суптилен начин и да ги натерам да размислат за себе, што ги одликува, што би сакале да покажат, што им е битно во изгледот, и на крај правиме лична приказна која е барем приближна до нивната возраст.
Р.Ж.М.