Сатја Грабулоски – „шкртачот“ на патики: Нашите дизајни ги носат Серхио Рамос, Перо Антиќ, Дуа Липа, Димитри Вегас и Лајк Мајк...

Сатја Грабулоски – „шкртачот“ на патики: Нашите дизајни ги носат Серхио Рамос, Перо Антиќ, Дуа Липа, Димитри Вегас и Лајк Мајк...

Објавена во: Moj стил, Интервјуа

Урбан, скопски лик,  познат како „дечкото со две различни патики“ или „шкртачот на патики“ - Сатја Грабулоски. Како што самиот вели тој е едноставен дечко од соседството, но со необична професија. Сатја за Hashtag открива која е неговата најдобра донесена одлука, како започнал да црта на патики од 1 фунта, а стигнал до дизајнирање на обувките на Nike, Аdidas, Vans, Converse и Martens.

# Кој е Сатја или „дечкото со две различни патики“?

- Едноставен дечко од соседството. Кој ужива да им дава храброст на луѓето да бидат тоа што сакаат да бидат, преку сопствениот пример. J

# Како еден дипломиран политиголог започна да „шкрта“ патики, од каде идејата?

- Блиските знаат да кажат дека, таа идеја е „жива” во мене откако сум роден. Професионално, се вратив на неа пред три години. И судејќи според сè досега, тоа беше ѓаволски добра одлука.

# Како започна приказна за S. или SWithADot?

- Почна од маркер и патики од 1 фунта. Со многу ентузијазам и желба да се создаде нослива уметност, која ќе има и некаква естетска вредност. Почна од 10-тина пара подароци за најблиските, работени на кујнска маса и тросед. Тоа еволуираше во серија од 20 пара, за кои ги направивме и првите фотографии со Даниел. Еволуцијата продолжи со остварување на мојата животна желба – да имам мој бренд обувки...па започнавме да составуваме и кондури...па почнавме да цртаме спортски патики... мислам дека оваа приказна уште е на својот почеток. А интересен факт е дека сè уште знам да седнам со молив и патика на тросед. Некои чувства целиот живот остануваат силни и траат како првиот пат. 

# Од план до реализација, колку време е потребно?

Периодот на изработка зависи од низа информации кои ги добиваме од клиентот – дали се работи за обувки за секојдневна или спортска употреба, колку комплексен дизајн сака клиентот, колкава површина на обувките истиот ќе зафаќа. Сепак, еден пар платнени S.neakers може да се добие за 7/10 дена, а едни custom професионални копачки за фудбал, можеби и за 5 дена, доколку „гори” со рокови.

# Кој е најуникатниот цртеж што си го нацртал на некои патики?

Колку луѓе, толку генијални идеи! Навистина, сме цртале разно-разни теми, а и ме радува што луѓето почнуваат да согледуваат дека треба да „пробуричкаат” во себе за да најдат инспирација. Како еден од најинтересните годинава, можам да го одвојам дизајнот направен за Столе Стоилов, капитен и ракометар на Вардар, за кој на патиките го нацртавме неговиот англиски булдог, Гац. Генијално!

# Каде се учи овој „занет“, постои ли школо за цртање патики?

Професионалците кои се занимаваат со ова во светот, не можат да се избројат на две раце. Школа сме си ние самите – оние кои ова го работиме. Не е едноставно да се прашуваш самиот себеси за совет, за нешто што едноставно не ти е јасно - некогаш, едноставно, некоја патика не сака „да прими” боја. Па, почнува потрага по соломонски решенија во нашето техничко познавање на материјали или искуство со хемиски реагенси. Генерално, за да го работиш ова, треба да имаш широки познавања од најразлични области – за еден дизајн да „издржи”, треба да е технички перфектен. А тоа е секојдневна борба која ја водиме.

# Кои познати ѕвезди ги носат твоите дизајни и како доаѓа до соработката со нив?

Широка е листата на ѕвезди кои носат наши дизајни. Како најзвучни за нашата средина, можеби Sergio Ramos, Henrikh Mkhitaryan, Axwell/\Ingrosso, Dimitri Vegas & Like Mike, Pero Antic, Dua Lipa, Natalia&Esther, Ben

# Има ли посебни желби и очекувања од оние кои сакаат да ги носат твоите дизајни?

Настојувам да ги слушнам желбите на секој еден кој сака да носи custom патики. Самиот факт дека има желба за тоа, ми зборува дека е отворен ум кој ја почитува уметноста. А и навистина, секој збор на клиентот може да е инспирација за мене. А очекувања? Па, секогаш сакам да ги надминеме нивните, а да ги оправдаме нашите. Тоа најлесно се гледа на нивните лица, кога ја отвараат S. кутијата.

# Знаеш ли точно колку патики имаш изработено?

За жал, веќе извесно време не водам евиденција, нешто што се надевам ќе го променам. 

# Со кои познати брендови соработуваш?

Убаво е да се напомене, дека покрај тоа што составуваме и цртаме наши SWithADot обувки, соработуваме со светски брендови на „кратки” колекции кои најчесто се до 10 пара. Во портфолиото имаме дизајни за Nike, Jordan, Аdidas, Vans, Converse и Martens.  

# Веруваше ли дека еден ден со твоите патики по терените ќе трчаат светски познати спортисти?

Верував, но делуваше далечно. Да, првите патики на кои се сеќавам дека ги нацртав, беа мои кошаркарски патики. Но, дека наши копачки ќе бидат светски прваци, или ќе трчаат по терен на натпревари од Лига на шампиони, не можев ниту да сонувам.

# На кој проект работиш во моментов?

Се подготвуваме за Светското првенство во ракомет 2019 година, а има и доста тековни дизајни кои се работат. Ја подготвуваме и следната 2019 година, во која ќе ги има најголемите работи што сме ги направиле досега.

# Колкав е тимот што работи со тебе?

Златна 6-ка. Но, во потрага по нови членови на С. Тимот.

# Какви квалитети треба да има некој кој би сакал да биде дел от твојот тим?

Естетичар, амбициозен, работлив, харизматичен. И да не се уплаши од одговорноста кога ќе го прочита името на клиентот, чии патики му се на биро.

# Најоригинална реакција што си ја добил за некој твој дизајн?

Реакциите се секогаш искрени и полни среќа. Не би можел да издвојам една, бидејќи тие се мојата „храна”. За нив го работам ова.

# Кои се твоите следни планови?

Уште поголемо ширење на мрежата на SWithADot, со влез во концептуални продавници низ Европа. И, има уште неколку луѓе, за кои се надевам дека ќе направиме дизајни следната година, па ќе можам да кажам дека животните соништа и официјално ми се остварени.

# За која позната личност за која би сакал да направиш уникатен дизајн на патики?

Сакам да работам за секој оној кој сака да ја носи нашата уметност. Тие за мене, се најпознатите луѓе на светот.

# Совет за тинејџерите што се обидуваат да направат нешто креативно , а немаат храброст да започнат?

Дечки и девојки, не мислете локално. Денес светот ви е отворен, и чека добра идеи. Не се разочарувајте доколку првиот обид е неуспешен. Правете нешто во што верувате до толку, за да оставите сè за него. И на кој и да му треба помош во реализација на својата креативна идеја, побарајте не нас, „постарите”, да помогнеме.

Б.М.


Објавена во: Moj стил, Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: