Секоја мајка треба да ја едуцира ќерка си: Кога првпат добив менструација со Ивана Кнез!
Менструацијата како табу тема, полека заминува во заборавот. За своето менструално искуство проговори и модната креаторка Ивана Кнез. Таа го сподели своето менструално искуство, но и даде неколку совети.
# Кога прв пат доби менструација?
На 13 години за прв пат.
# Kако го доживеа моментот на првото добивање, на кого прво му се обрати, што ти се смени по тој момент…
Свеста и свесноста за себе и моето тело постои одамна, притоа растена сум со нормално сфаќање во нормално опкружување, каде што лесно и едноставно ми беше објаснето што е што и како оди тој нормален животен процес. Мајка ми била секогаш отворена за сите прашања и некако магично секогаш го имаше правиот одговор за се да ми биде полесно.
# Од кого добиваше најмногу совети за менструацијата?
Од мајка ми, од таму почнува. Секоја мајка треба да ја едуцира својата ќерка каков е процесот, што се случува, колку е тоа нормално и не е поврзано со ништо чудно, страшно или необјасливо. Понатаму веќе продолжи комуникација со другарките, разменувавме искуства, а сега веќе е на ниво на: имаш тампон, давај.
# Што е важно да знаат младите девојки за менструацијата, твои трик совети како се соочуваш со ПМС?
ПМС за мене е мала кратка хорор приказна, ама сум страшно фер и си потенцирам дека ќе сум неподнослива, сакале нејќеле мора да имаат разбирање. На цела среќа имам страшно редовен циклус, водам евиденција на супер апликација, а и да не погледнам во телефон знам точно кога влегувам во ПМС заради потребата да изедам еден фрижидер. И како мала, првиот ден го забележав во календарче што си го набавив сама, тогаш немавме телефони и од прв ден знам кога треба да добијам. Треба да знаете дека е многу природен и нормален процес, не е страшно да ви вири влошката или тампонот од ташна, треба секогаш да имате влажни марамчиња со себе, секогаш да внимавате како оставате позади себе во тоалет, да не се срамите ако ви протече во јаност, да не се воздржувате или објаснувате ако сте во ПМС, ама и да не го користите тоа во субјективна корист. Најавете се дека сте во ПМС, за да не се чудат луѓето зошто дента сте толку гласна и туѓо трепкање ви пречи.