Стумичанецот Алекс е државен шампион во кик-бокс: Има 7 години и безброј медали зад себе
Александар Арапов е 7 - годишно момче, кое е ученик во СОУ „Видое Подгорец“ во Струмица. Ученик е во второ оддление, а своето слободно време го поминува тренирајќи кик - бокс. Овој спорт има повеќе дисциплини, а тој се натпреварува во две - point fight и кик лајт. Исто така, се има натпреварувано и во санда борби (тоа е кинески бокс), како во Македонија, така и во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.
# На колку години се појави желбата за да тренираш кик - бокс?
Желбата ми се појави уште на 4 и пол години откако за прв пат го гледав филмот „Undisputed“ со актерот Скот Аткинс, кој го глуми Јури Бојка (од каде ми е прекарот Alex boyka). Оттогаш наредните месеци во континуитет без да изгледам ниту еден цртан филм, ги гледав сите филмови и ги научив сите негови фрази и удари, поради што побарав од татко ми да ме носи да тренирам. Така на 5 години започнав да тренирам во КБК ТЕАМ ЗОРАН каде тренер професор ми е Зоран Спасов (познат и докажан на европска и светската сцена), кој е еден од најпознатите и најдокажаните клубови во Македонија.
# Кој ти е идол кога е овој спорт во прашање? Дали тој ти беше мотивација да започнеш да се занимаваш со овој спорт?
Идол како што реков, а воедно и мотивацијата ја влечам од Yuri Boyka кој има ММА стил на борење, а додека во професионалниот кик - бокс идол ми е Mirko Cro Cop.
# Кој ти е најголема поддршка?
Најголема поддршка секако ми се родителите и мојот тренер Зоран Спасов, но сепак морам да кажам дека пред секоја борба во подготовките имам голема поддршка и од постарите натпреварувачи на ТЕАМ ЗОРАН, кои се повеќекратни државни шампиони во кик - бокс и имаат освојувано медали и на европски првенства. Моментално имам голема поддршка и од Димитри Мицевски поранешен повеќекратен шампион во бокс на Италија, кој заедно со своите браќа ми даваат голема поддршка и истите на последниот натпревар поддршката ми ја искажаа со маици на кои пишуваше ТЕАМ ALEX BOYKA.
# На кои натпревари имаш учествувано?
Имам освоено вкупно 3 златни, 1 сребрен и 2 борнзени медали од Септември 2019 година досега и тоа во: Нови Бечај, Србија Меѓународен турнир - Златен медал; Сребреница, Босна и Херцеговина Меѓународен турнир- сребрен медал; Македонија Меѓународен турнир – златен медал; Белград, Србија – бронзен медал; Хрватска Европски куп со 2240 натпреварувачи од 40 држави – бронзен медал; Македонија Државен турнир - златен медал - државен шампион.
# Имаш учествувано на многу натпревари, но кој натпревар, а воедно и која награда би ја издвоил како омилена?
Најомилен ми е првиот мој натпревар на турнирот во Србија, каде го освоив првиот златен медал.
# Од неодамна си и Државен шампион. Која е тајната на твојот успех и дали имаш некој ритуал пред натпреварите?
Да станав и државен шампион која титула ми е една од најомилените. Тајната на мојот успех лежи во секојдневните тренинзи. Најмалку еден месец пред секоја борба/натпревар тенирам два пати дневно, шест дена во неделата. Тренинзите бараат многу труд и многу откажувања од детските задоволства. Пред секој натпревар имам ритуал да одам на бербер каде ми ја праваат косата во стилот на мојот идол по која сум препознатлив и најважното е вербата во Бог па затоа одам и на црква денот пред да се натпреварувам.
# Дали се поддржувате со другите членови од клубот?
На секоја борба/натпревар се поддржуваме меѓусебно со борците од мојот тим и навиваме еден за друг додека не заврши и последниот од нас. Најмногу ја сакам дружбата која ја имам со нив кога одиме на некој турнир кој трае најчесто 3 дена.
# Како на училиште твоите пријатели реагираат на твоите успеси?
Моите пријатели на секој мој успех се радуваат заедно со мене и многу ми е мило кога ќе кажат и јас сакам да тренирам како Александар и кога ќе видам некој од нив на тренинг во мојот клуб.
# Дали некогаш се плашат да се закачаат со тебе?
Не знам дали се плашаат, но досега никој се нема закачано со мене.
# Иако си релативно млад, дали ова е професијата со која сакаш да се занимаваш кога ќе пораснеш?
Да, дефинитивно оваа е професијата со која сакам да се занимавам и не размислувам за ниту една друга професија.
# Каде се гледаш за 10 години?
За 10 години се гледам на врвот на ММА/UFC и KICKBOX/GLORY со шампионска титула заедно со мојот клуб ТЕАМ ЗОРАН.
Ивана Мисајловска