TAVI-ПРОЦЕДУРА – ЗАМЕНА НА СРЦЕВ ЗАЛИСТОК БЕЗ ОПЕРАЦИЈА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“
Кардиолошкиот тим на Kлиничката болница „Аџибадем Систина“ нуди успешен третман на сите кардиолошки болести, вклучувајќи го и третманот на аортна стеноза. Од неодамна, кон кардиолошкиот тим се приклучи д-р мед. науки Игор Балевски, еминентен кардиолог со повеќе од 25 години искуство во интервентната кардиологија.Д-р Балевски е високо обучен експерт за изведување на комплексни интервенции, како што се TAVI-процедурите и интервенции на левата главна коронарна артерија.
„Претходно аортната стеноза се третираше само со оперативен зафат со отворање на градниот кош и комплетна замена на вентилот со соодветна механичка или биолошка протеза. Во последниве дваесет години е развиен нов метод, кој ја третира оваа болест преку интервентен пристап или таканаречена TAVI-процедура. Тоа значи помалку инвазивен пристап, вградување на вештачката валвула без рез на градната коска, со помош на софистициран систем за катетеризација и најчесто се изведува преку артериите на препоните.Главни придобивки на оваа процедура се: пократок болнички престој, побрзо закрепнување од самата процедура, како и намален ризик од смртен исход и мозочен удар“, вели д-р Игор Балевски.
КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ НА АОРТНАТА СТЕНОЗА И КАКО ДА СЕ ОТКРИЕ?
Аортната стеноза или стеснување на аортната валвула е хронично заболување, кое претставува пречка во протокот на крв од срцето кон сите органи во целото тело. Најчести симптоми на аортната стеноза се: вртоглавица и несвестица, глад за воздух, замор, дури и градна болка, срцебиење, а во детска возраст и недостаток на апетит и недоволно зголемување на телесната тежина.
Основен метод за поставување на дијагноза е ехокардиографијата, но доколку е потребно, може да се направат и дополнителни иследувања (ТЕЕ-трансезофагеална ехокардиографија, добутамин стрес-ехокардиографија, компјутеризирана томографија на валвулата и аортата).
ОДЛУКАТА ЗА ВИДОТ НА ТРЕТМАН Е МУЛТИДИСЦИПЛИНАРНА
Одлуката за тоа која метода ќе се примени е мултидисциплинарна. Се формира таканаречен Heart team, составен од интервентни кардиолози, кардиохирурзи, специјалисти за кардиоваскуларен имиџинг, матичен кардиолог, кардиоанестезиолози, електрофизиолози, специјалисти за срцева слабост, но и соодветни профили што ќе бидат вклучени во процедурата и ќе се грижат за понатамошното закрепнување на пациентот како социјални работници. Крајната одлука за пристапување кон процедура ја носи пациентот заедно со лекарите што го овозможуваат ова лекување. Хирургијата сѐ уште зазема значаен дел од лекувањето на аортната стеноза, но TAVI-процедурите се веќе на 60% од сите интервенции за оваа дијагноза, а преку одлуките на тимот овие две можности за лекување ќе се надополнуваат една со друга, а немада се исклучуваат, објаснува д-р Балевски.
КАКО СЕ ИЗВЕДУВА ТАВИ-ПРОЦЕДУРАТА?
Трансфеморалниот пристап е најчесто употребуваниот пристап за изведување на ТАВИ- процедурата, преку кој со катетрите преку препонските крвни садови валвулата се спроведува до аортата. Целиот процес е воден под контрола на рендген. По поставување на валвулата се прават соодветни рендгенски записи. По отстранување на воведниците од препоните се прави хемостаза или соодветно запирање на локалното крвавење. Се прават преврски и пациентот се трансферира за мониторинг на интензивна нега.
„Од досегашните искуства, валвулата е во добра состојба 6 до 7 години по поставувањето. Потоа, како следна опција е третман на повторно стеснетата TAVI-валвула со таканаречената процедура VIV (Valve in valve) која има повеќе модалитети. Може да се имплантира валвула во претходна TAVI-валвула или во претходно поставена биолошка валвула со класична операција“, вели д-р Балевски.
Препораката за земање лекарства по TAVI-процедура е за ниски дози на аспирин 81 мг, кој се зема како доживотна терапија. Ова е потребно доколку пациентот од претходно не бил на орална антикоагулантна терапија. Доколку тоа е случај над ОАТ, се додава аспирин во ниски дози, но со проценка на ризикот од крвавење.
КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ ОД ОВАА ПРОЦЕДУРА?
По интервенцијата се очекува да се намалат или да исчезнат симптомите како градна болка, вртоглавица и замор. Пациентите имаат подобрено ментално здравје, намален ризик за срцева слабост и за мозочни удари. Една од главните придобивки е тоа што пациентите заздравуваат за пократок период во споредба со класичната операција. Периодот на закрепнување зависи од физичката состојба на пациентот и од текот на самата процедура. Обично тоа се неколку дена. За одредени селектирани случаи во различни центри има и отпуст во текот на истиот ден, што е поретко, но сѐ повеќе центри ги испишуваат пациентите во текот на следниот ден.
КОИ СЕ РИЗИЦИТЕ?
Секако, постојат ризици што ги има и во текот на оваа интервенција, а тоа се: најчесто неправилен срцев ритам или соодветни блокови кои се третираат со имплантација на пејсмејкер, перипроцедурален мозочен удар, поголемо крвавење. И поретки компликации: срцев удар, акутна бубрежна слабост (најчесто кратко по процедурата), ендокардитис, смрт. Ретки случаи имаат потреба од конверзија на процедурата во класична операција, како резултат на перипроцедурална компликација.
ПР објава