Тие се млади гении: Средношколци направија електронска протеза за лица без горен екстремитет

Тие се млади гении: Средношколци направија електронска протеза за лица без горен екстремитет

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Тим составен од четири ученици од средното училиште Јахја Кемал се подготвени да направат големи промени. Имено, тие имаат направено бионичка рака или електронска протеза за лица со недостаток на горен екстремитет. Нивното заедничко име е Бионик и секој од нив има различна должност. Орхан Богашов е задолжен за дизајност и електрониката, Тео Китановски за програмирањето, Борис Ночески за веб – страницата и Анамариа Илиева за финансискиот дел. Каде се гледаат за 10 години и во која насока ќе се движи нивното образование и живот, како и за нивниот проект отворено и без влакна на јазикот проговорија овие млади и талентирани средношколци.

# Изминатата година беше ваша година. Дизајниравте бионичка рака за лицата со ампутирана подлактица. Од каде идејата за овој изум?

Орхан, дизајнерот во тимот, при истражување за неговиот претходен проект - роботска рака, ги забележа високите цени на бионичките раце кои ние мислиме дека може да се намалат доколку се пристапи на технологијата на различен начин со помош на моделот Open Source и технологија на 3Д печатење. 

# Од кој ја добивте најголемата поддршка во текот на целиот процес на изработка?

Најголемата морална поддршка ја добиваме од нашите родители, но исто така тие нѐ подржуваа и финансиски до оваа фаза на проектот, додека сега продолжуваме со развивање на проектот со помош на наградата која ја добивме на предизвикот Generation unlimited од 1000 долари, што за ваков вид на проект не е многу.

# Колку време ви беше потребно за реализација?

Ни беа потребни неколку месеци за да направиме истражување за тоа што највеќе им е потребно на лицата без горен екстремитет и како можеме да го решиме тој проблем. За правењето на прототипот бевме лимитирани со време од 3 дена да го создадеме на работилниците од Generation unlimited - предизвик за дигитално решение за лица со посебни потреби од УНИЦЕФ. Ги помивавме првите два круга, сега се спремаме за третиот и имаме три месеци да ја направиме првичната верзија на продуктот.

# Која е целната група за која е наменет вашиот изум?

Нашата целна група се лицата со недостаток на горен екстремитет кои во секојдневието се соочуваат со разни проблеми како пишување, интеракција со предмети, пишување на компјутер итн. Можеби знаете дека веќе постојат бионички раце или електронска протеза за овие лица. Но, тие бионички раце имаат поголем број на проблеми кои би можеле да бидат решени доколку општеството би било поинформирано за нив. Основата на овие проблеми е цената на бионичките раце која изнесува над 10.000 евра. Ова доведува до нивно неимплементирање во неразвиени земји и најчесто вградување на нив е на лица над 18 години поради растењето на нивното тело. Доколку живееш во Македонија, потекнуваш од просечно домаќинство и си тинејџер, најверојатно не можеш да си дозволиш професионална бионичка рака. Но ние сакаме да го смениме тоа и да направиме бионичка рака која ќе биде достапна за секој кој има потреба од неа.

# Што е она што го издвојува вашиот изум од останатите? 

Се фокусиравме да направиме Open Source бионичка рака поради тоа што сметаме дека најголемиот проблем е нејзиното комерцијализирање. Open Source значи дека секој кој има потреба од бионичка рака ќе може да ја избере својата големина на рака, да ги симне бесплатните модели за 3Д печатење преку Интернет, да ја испечати конструкцијата на 3Д печатач, да ги нарача останатите делови од Интернет и да ја состави сам без никакво претходно искуство во период од 6 - 7 часа. 3Д печатењето станува се подостапно за сите, но доколку некој нема 3Д печатач и не знае како да ракува со него, би можел да ги нарача деловите од фирми кои нудат услуги за 3Д печатење. Оваа идеја според нас е решение на проблемите на досегашните бионички раце поради тоа што материјалите за изработка се поевтини, не се плаќа за транспорт, работна рака и профит за производител и добавувач. Достапна е во секој дел на светот и евтино е да се надогради за децата. Претпоставената цена за да се изработи е од 150 до 200 евра, што е околу 50 пати поевтина од наједноставните бионички раце на пазарот. Оваа идеја би живеела и без наша понатамошна подршка, ќе може секој кој има идеја и сака да помогне да ја подобри идејата.

# Имате ли идеја за некој нов проект и што би било тоа?

Како што работиме на проектот постојано добиваме идеи за подобрување на бионичката рака и идеи за нови проекти, но се трудиме да бидеме реалистични за времето кое што го имаме на располагање, што не е многу и затоа планираме да се фокусираме на подобрување на бионичката рака.

# На кој натпревар на кој сте учествувале се гордеете?

Секој од нас учествува редовно на различни натпревари како математика, физика, роботика, информатика, биологија и хемија. Кога слушнавме за предизвикот Generation unlimited сакавме да се соединиме сите четворица со познавања во различни полиња и да направиме нешто што би можело да му користи барем на еден дел од општеството и да ги поттикне и освести останатите дека има проблеми на луѓе кои ги забораваме. На предизвикот Generation unlimited поминавме во првите два круга и добивме 1000 долари за да го развиеме продуктот и да се подготвиме за третиот круг, а се надеваме дека ќе поминеме до глобалното ниво и ќе имаме шанса да им помогнеме на лицата со недостаток на горен екстремитет.

# Се уште сте средношколци, но сте размислувале ли во која насока би сакале да го продолжите образованието?

Сите бевме определени што сакаме уште пред овој проект, но проектот само уште еднаш ни докажа колку е привлечно да го работиме тоа што го сакаме. Мислиме дека е тажно што секој од нас сака да го продолжи своето образование надвор од Македонија, но сепак тоа е најдобрата опција во моментов.

# Како вашите пријатели од училиште реагираат на оваа ваша пасија. Се гордеат ли со вас?

Уште од почетокот почуствувавме огромна поддршка и верба во тимот од страна на пријателите и токму тоа многу повеќе не мотивираше и не инспирираше да се потрудиме да направиме промена.

# Каде се гледате за 10 години? Ќе продолжите ли да работите заедно?

Се надеваме во земја која ќе го забележи тоа што го работиме и ќе не подржи во истото. Секако дека сакаме да работиме заедно, но живееме во Македонија и како повеќето млади се надеваме на подобра иднина за која сме свесни дека ќе не оддели од нашите познаници.

Ивана Мисајловска

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: