Втор во Македонија, трет во Бугарија: Најмладиот картинг возач сака да вози рели

Втор во Македонија, трет во Бугарија: Најмладиот картинг возач сака да вози рели

Постои едно непишано правило, во кое сите момчиња додека се деца си играат со колички. Има некои кои возат колички на акумулатор, но ретки се децата кои на мали години возат картинг и тоа на само 7 години.

Такво момче е Христо Ковачи, второодделенецот од ООУ „Блаже Конески“. Приказната на оваа млада надеж и картингот започнува од едно рекреативно возење на картингот во „Борис Трајковски“. Таткото на Христо, Аргир вели дека следната посета траела скоро цел ден и неколкуте кругови постојано се повторувале.

Иако никој од семејството не се занимавал со овој вид на спорт, 7 - годишниот Христо не се откажал од својата пасија, па така заедно со неговиот татко заминале во Солун. Таму ја посетиле Cosmosrally Кart Academy која работи со подготовки на натпреварувачите. Сите тамошни механичари, тренери и телеметристи професионално му помогнале на Христо, а неговиот татко го поттикнале да одобри тој да се натпреварува, најмногу поради талентот кој го поседува овој мал шампион во картинг.

По Солун започнува со тренинзи и во Бугарија, со како што вели неговиот омилен тренер Тоше Јаначков. Таму му се случуваат и првите успеси, на трки кои се за деца од 7 до 9 години, во кои Христо е еден од најмладите учесници.

Покрај многуте трки во Бугарија и Македонија, Христо како омилена ја издвои онаа во Серез.

„Серез е мојата омилена трка, затоа што првиот пат бев прво место, а на втората завршив како трет“.

Тој викендов го подигна пехарот за освоено трето место на Бугарскиот шампионат. За разлика од оној во Бугарија, на Македонскиот шампионат Христо е втор, а воедно и најмлад картинг возач, што е уште еден плус за него.

Паралелно со картингот, младото момче е посветено на уште две хобија, а тоа се кошарката и пливањето. Логично е дека пасијата кон картингот му е најизразена, а неговите амбиции за иднината се да биде рели - возач.


Ивана Мисајловска

Можеби ќе ве интересира: